РАСКАЗИ – ОГЛЕДАЛО НА ДУШАТА
Лидија Размоска Тримовска од кон збирката „Раскази од минатиот век“ од Виолета Танчева-Златева
Јанѕи го јадат светов и веков. Стравови го пронижуваат секојдневието – од желбата да се стигне некаде, да не се пропушти или да не се заборави нешто што изгледа навидум големо и значајно, до несвесната потреба да се остане во дијалог со себеси. Чувствувајќи ги овие пориви, човек заборава да биде дел од сегашноста, од мигот во кој срцето се полни со топлина, а душата со спокој.
Пишувањето, како форма на себеослободување, е тесно поврзано со гласот на душата, односно со крикот на срцето. А кога зборот е толку моќен за да ги опише и да ги запечати чувствата, тогаш тој што пишува треба целосно да му се предаде. Во таква поврзаност со зборот и во таква констелација на случувања се наоѓа и Виолета Танчева-Златева, конкретно во својата збирка раскази „Раскази од минатиот век“: „Зошто пишувам? (...) Па за мене пишувањето отсекогаш било начин на живот, едноставно како дишењето. А кому? Па повторно мене самата, мене некогашната, идната...“[1]
Збирката раскази започнува со „Пролог“, со кој Виолета Танчева-Злаева го најавува тоа што следува и ја отвора приказната на сопственото или туѓото битисување, сеедно, како симбол на следните случувања. Четирите циклуси во „Раскази од минатиот век“ претставуваат своевидни човечки животни периоди, етапи што не можат да се избегнат и што треба да се прифатат како такви. Првиот циклус, „Меѓу сонот и јавето“, содржи раскази преку кои човек може да биде поттикнат да ги открие своите вредности и квалитети, но исто така, и да биде предупреден за слепото верување – некому или на нешто што се извртува, само за да биде во центарот на вниманието. Со ваквата промисла авторката укажува дека најпрво треба да ѝ се верува на вистината, онаа што ја говори срцето на секој човек, и дека таа може да нѐ однесе на правиот пат кога сѐ застранило, оти: „Мрачното царство на ниските страсти е секогаш и секому отворено – доволно е само мало непромислено скршнување или лизнување од правиот пат“.[2]
Така ослободен и потсетен дека мора да внимава на себеси и на своите постапки, читателот може да се нурне во вториот циклус раскази, насловен „Лица и наличја“. Овде авторката асоцира на ситуации од секојдневниот живот на човекот, нешта што секому можеби му се случиле или се толку силни што човек има чувство дека е дел од приказната. Авторката ја живее нивната суштина и низ јасно оформени чувства – тагата на мајката којашто не може да роди свое чедо, грутката во душата чија тежина ја носи секој низ сопствените години, желби, и којашто не му дава на човека потполно да се ослободи. И можеби соодветно се чини оти таа грутка треба да се фрли како стуткано парче хартија во блиската канта за отпадоци зашто патот продолжува, сонцето заоѓа и изгрева, а новата светлина носи нова надеж.
Третиот циклус раскази „По нишките на детството“ содржи приказни кои се премин од кој извира пулсирачка светлина што може да ве однесе во еден поинаков и подзаборавен свет – деновите од детството, спомените од старата дотраена куќа што секој човек ја има, барем во мислите, а која може да ве потсети на миговите и на деновите на безгрижност. Спомените од детството ја греат душата и секогаш ја наоѓаат својата светлина кога темни облаци надвиснуваат над човекот, односно тие спомени претставуваат појдовна точка и „добро е што постои појдовна точка. Кога ќе заскиташ низ лавиринтот на хаосот, секогаш ќе ја имаш неа“.[3] Таа која извлекува од тежината и им дава крилја на луѓето за да можат да се видат себеси од поинаква перспектива за да се извлечат од земјата во која длабоко загазиле и којашто ги влече удолу. А нивна желба е да се вивнат, да полетаат кон височините со ветрот во своите крилја за да им се исполни срцето со среќа. Кога човек е среќен, тогаш тој е подготвен за свесно и будно согледување на јавето кое треба да биде дел од исполнувањето на сонот – „Луѓето отсекогаш биле опседнати со летањето. Но им недостига храброст за да се ослободат од она што ги влече удолу, од она што ги држи приковани за земјата“.[4]
А токму такви, охрабрени и пробудени, влегуваме во последниот циклус раскази, „Егзистенцијалистички“. И сосема сообразно со насловот, овие раскази истражуваат прашања поврзани со значењето, целта и вредноста на човековото постоење. Појавата на ваквите прашања во човековото живеење е условена од тешката, драматична лична положба на човекот во општественатата ситуација во денешницата, од општата разочараност и од кризата. Суштината на надминувањето се наоѓа во единечната егзистенција (битисувањето) на човекот и неговото место во светот. Постојаното понирање во себеси го навраќа човека кон единствениот дом во кој се чувствува сигурно и заштитено и од кој истовремено црпи енергија за да се соочи со светот. Па, во тој контекст, Виолета Танчева-Златева, вели: „Откорната од него, заталкана во светот, морам да го градам домот во себе самата. За да имам каде да се вратам кога ќе ме измори патот. И за да имам каде да ги пречекам своите деца“.[5]
Човековата егзистенција сфатена како посебна, специфична форма на постоење, се разликува од постоењето на другите нешта во светот, бидејќи човекот е единственото суштество кое свесно се однесува кон своето постоење. Состојбите на очај, страв, мачнина, пораз, пад, се егзистенцијални ситуации кои се еднократни, лични и минливи. Човек може да ги надмине со свесно восприемање на настаните. Преку тој премин се случуваат промените, односно „реформите“ што Виолета Танчева-Златева сугестивно му ги поставува на читателот во вид на реторички прашања: „Свестете се, погледнете наоколу! Зар не сфаќате дека сите трчаат божем за да стигнат негде, божем за да направат нешто, да постигнат некаков успех за некаква си благосостојба на семејството. (...) да не мора да погледнат во вистинското лице на светот во кој живеат!“[6]
Виолета Танчева-Златева во овие раскази го сублимира сето она што човековата душа го посматра, а човековото око го посакува: од сонот до јавето, од сегашноста до иднината, од замисленото до реализираното, а во постојана спрега со времето. „Иако пишувани во ‘минатиот век’, тие се интуитивна проекција на новиот век, небаре минатото ја посматра иднината со очите на сегашноста, а погледот се менува во дијалогот со себеси, па имаме раскази со морбиден, но и со меланхоличен призвук, и со цврсти, конкретни факти, но и со раскошно измислени случки, поставувајќи го егзистенцијално-поетичкото прашање: ‘Колку треба да се премолчи, а сепак да се каже потребното?’“[7]
Конечно, „Раскази од минатиот век“ на Виолета Танчева-Златева е збирка раскази што се огледало на душата. Погледнеш ли, ќе се видиш себеси! Репликите – одраз на мислите на читателот, на личната исповед, на човековите најтајни мисли кои, опстојувајќи во некое мрачно ќоше на душата, ги фаќа прашина, а трпеливо го чекаат денот кога ќе ја видат светлината. Оти сѐ што е покриено, затскриено, кога-тогаш се обзнанува и тоа најчесто се случува во ситуации кога човекот е потонат во својот мрак барајќи го излезот. Тие мисли се почеток на патувањето кон вистината која, како единствено потребна за спас на душата, може да го растера мракот. „Заборавив веќе од каде почнав, и од што. Каде треба да продолжам, и како. Вистината – и универзалната и скриената во прашањето што во мигот копнее по одговор – е во мене самата“.[8]
И во секој човек!
[1] Виолета Танчева-Златева, „Раскази од минатиот век“, ТРИ, 2022, стр. 20.
[2] Исто, стр. 59.
[3] Исто, стр. 155.
[4] Исто, стр. 114.
[5] Исто, стр. 166.
[6] Исто, стр. 22.
[7] Од рецензијата на Лидија Димковска.
[8] Виолета Танчева- Златева, „Раскази од минатиот век“, ТРИ, 2022, стр. 155.