ВИСТИНАТА – БЛАГОДАТЕН ОГАН ВО СРЦЕТО

ВИСТИНАТА – БЛАГОДАТЕН ОГАН ВО СРЦЕТО
Лидија Размоска Тримовска кон „Папокот на светлината“

 

Допирот. Непосреден однос, меѓусебна врска што му овозможува на човека да се чувствува ослободен од стегите на животот. Причина поради која се чувствува присутен и среќен.

Допир со себеси. Најизразен момент кога се надминуваат стравот и болката, од минливоста или од оддалечувањето. Извор што го прочистува срцето, зашто преку разговор со себеси човек може да ја прими вистината како повик за ослободување. А кога срцето и душата добиваат крилја, тогаш човекот е подготвен за своето патување кон среќата.

Во светот исполнет со парадокси, основниот проблем на човекот е егзистенцијата како единечно постоење во светот. Според Кјеркегор, „егзистенцијата е еднократна и неповторлива, таа е конкретно постоење, испреплетена со апсурди и парадокси, со кои човекот како единка е оставен да се бори сам со себе“. Никаква рационалност не може да му ја објасни егзистенцијата на човекот, ниту како да живее во светот исполнет со парадокси. Како запис на песок, светот ја пишува својата моментална опседнатост со себеси. Со доаѓањето на новиот бран, сѐ се брише, како воопшто и да не било. А случувањата за светот не се роман од денес. Таа книга е континуум, слободно и непрекинато патување на светлината во времето и просторот.

Венко Андоновски во својот најнов роман „Папокот на светлината“ ја раскажува, односно ни ја предочува потребата од постојано понирање во себеси, напојување од својот внатрешен извор кој како единствено значаен посредник помеѓу човекот и светот треба да биде патоказ кон светлината. Но на патот кон среќата човек честопати се соочува со искушенија, моменти кои му се даваат за да може да се види себеси отстрана, односно „туѓинувањето, доживувањето на светот како стран се сведува на скромно однесување, скриена мудрост, памет која не труби за себе, скриен живот, невидлива цел, немо размислување, скромност во желбите, подлога за богокопнеењето, изобилие од љубов, убивање на суетата, длабочина на молчењето.“[1]

Онтолошки гледано, со овие и вакви постулати, основни поставки од кои се поаѓа, Андоновски укажува на вистината што треба да биде прифатена како дел од севкупното постоење и како перцепција за начинот на размислување. „Папокот на светлината“ е роман во кој преку раскошот од слики и филозофеми читателот добива впечаток дека е дел од некое сценарио во кое режисерот на пиедестал ја става човековата потрага по себеси, вешто обмислена преку потребата за бегство. Тука смислата за бегство се толкува како начин за барање и пронаоѓање на себеси преку вистината, оти само таа е реален приказ на објективната стварност. Нејзината тишина е најсмелата приказна што може да се запише.

Романот е напишан во три фонта. Како облека во која се донесува размислувањето за трите приказни низ кои делото расте: „Секундата на ѓаволот“, „Графитниот љубовник“ и „Папокот на светлината“. Раскажани од тројца, но и повеќе наратори, приказни кои се разгрануваат.

Првата приказна ја раскажува Јан. Главниот лик во „Папокот на светот“, Јан Лудвик, кој пред дваесет и две години трагаше по љубовта на жената, во овој роман се обидува да ја најде светлината, но личната, индивидуалната, во себеси, за да може да ја рашири меѓу луѓето во мирјанскиот свет како искушеник со тешко животно искуство зад себе – и како рампаш (во вториот дел), и како писател и како универзитетски професор (во првиот дел). За него единствениот вистински чувствен однос се гради кон вистината, односно „за да има лет, мора да постои небо“.[2]  

Во овој дел започнуваат преобразбите на фонтот на буквите, бидејќи, според Андоновски, „фонтот е совршена облека на ѓаволот наспроти ракописот“, па преку трансформациите на фонтот, авторот ја истакнува неговата непостојана совршеност така како што има грешки при пишувањето со ракопис, а кои се непоправливи.

Во втората приказна „Графитниот љубовник“, авторот ги внесува читателите во приказната на двата женски лика: Лела (писателка) и Ања (психолог за деца), кои наизменично раскажуваат. Низ нивните разговори се добива јасна слика за нивната блискост од детството и за предизвиците и искушенијата пред кои ги поставува Андоновски.

Лела е книгољубец за која библиотеката е блажено место и  која се вљубува во белешките оставени на маргините од читателот пред неа, зашто, според неа, вистинските чувства може да бидат оставени на хартија, а буквите имаат сеќавање за сопственото настанување. На тој начин, за Лела започнува да се пишува минатото кое се памти, зашто белешките на маргините се силен вик или, како што вели проф. д-р Кристина Николовска во својата рецензија кон романот: „крик – побунет живот – креација... Тоа е оската која ги води белешките кои со молив ‘израснуваат’ од текстот. Како текст во текстот. Или текст кон текстот.“


Искушението секогаш кружи и месечари околу луѓето. Премрежјата се товар, понекогаш и преголем за оние кои патуваат со него. Суштината е во избегнувањето на болката, но има ли поголема душевна награда кога на крајот од сите премрежја доаѓа благодатта затоа што човек не застранил, односно неговото срце останало исчистено од сите посакувања... „Човековото тело се состои од 75 проценти вода. Човековата душа се состои од 75 проценти суета. За да се остане жив, првото треба да се одржува, второто да се уништува.“[3]

Термините моменталност – конечност што ја карактеризираат Хегеловата филозофија, каде што стадиумите на развој мора да поминат низ негативноста и неа да ја надминат, се забележува во овој роман на Венко Андоновски, бидејќи, според него, до човековото уживање во благодетите на овој свет се стигнува преку борбата со светот и спасувањето од него, „сочувувајќи ја душата како единствен куфер за таму.“[4] А тоа е опишано и преку ликот на Ања, која покрај својата професионална реализација како психолог, има проблем со зависности. На овој начин, авторот нѐ соочува со борбата во секој човек, борбата на доброто и злото или, како што вели проф. д-р Кристина Николовска во својата рецензија кон романот:

„ – Се сретнуваат и се борат за превласт во нашите ликови и наратори;

– Се борат (внатре) во: искрената, но порочна Ања;

– Во трансформираниот зреечки Јан;

– Во писателот кој не сакајќи, со збор го отепа својот одвратен агент;

– Во чесниот скретничар на кој Господ му ја доделил врвната дилема, одлуката над сите одлуки – дали да се спаси само еден драгоцен живот на невино дете или пак да се спаси разблудниот автобус полн со идни ‘муштерии’ на пеколот? Автобус – метонимија за целиот декадентен западен систем во распад, кој отворено ја вознемирува и провоцира паланката од Балканот.“

Третата приказна, „Папокот на светлината“, е исповед на искушеникот Валеријан (некогашен Јан Лудвиг) кој го бара „папокот на светлината“ во манастирот на Света Гора. Преку оваа приказна читателот осознава дека сетилата се прозорци на душата и дека нивната чистота зависи од човековиот разум, оти „човекот страда од страсти не затоа што му е дадено срцето, туку разумот (...) Разумот вели: ‘Подобар сум од овој мој брат, зошто да не примам поголема награда од него?’“[5]

Умот го наоѓа својот мир само во тишина. Тогаш човек може да се спознае себеси, кога ќе открие дека брзината на посакувањата, на желбите, го намалуваат срцебиењето, зашто тогаш гордоста ја заматува реалната слика. Височините до кои може да се искачи човек со искрена и чиста љубов кон себеси и кон светот, претставува искачување со вистината во срцето, во душата, со зборот како најголем океан на чувствата. Папокот на светлината за секој човек е неговото чисто срце, храм во кој гори кандилцето на животот!

Љубовта е основната супстанција и основната реалност што поддржува сѐ друго. Можеби бегството е потреба да го сфатиме тоа, но само накратко, бидејќи така ослободени треба да се вратиме кон животот кој нѐ очекува, зашто ние сме тие кои им даваме хармониски тек на разнообразните звуци. А како може човек најсоодветно да ја почувствува среќата? Во состојба на припадност!

„Создај семејство. Од бракот направи манастир, од децата херувими и серафими (...) Светлината нека им биде мисла, светците нека им бидат гласови во устата и денови во неделата, Господ нека им биде реченица, а верата интерпункција.“[6]

Така и го завршува Андоновски својот роман – кога Валеријан носи одлука да му се врати на мирјанскиот свет, но со прочистено срце и јасни чувства на љубов и припадност кон друго човечко битие.

И тогаш, повторно допир... Нем допир. Пробудува силно врескање на тишината и на слободата. Оти само така срцето љуби!

 


[1] Венко Андоновски, „Папокот на светлината“. Скопје: „Три“, 2022, стр. 128.

[2] Исто, стр. 62.

[3] Исто,  стр. 241.

[4] Исто, стр. 117.

[5] Исто,  стр. 309.

[6] Исто, стр. 312.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново