ВОЗБУДЛИВИ НАСЛОВИ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАМЕ НАСКОРО

ВОЗБУДЛИВИ НАСЛОВИ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАМЕ НАСКОРО

Не постои поверен пријател од книгата, тоа сите добро го знаеме. Затоа и ова лето да го поминеме со своите најблиски пријатели. Откријте со кои ликови ќе се зближиме и ќе се дружиме!

Ние со нетрпение го чекаме секој нов наслов, но за кој најмногу вам ви заигра срцето?

„Митот за нормалното“ од Габор Мате

Габор Мате е најпознатиот исцелител на денешницата. Со своите поткасти и говори лекува животи. Со своите книги спасува. Прашањето за тоа што е нормално денес, кога станува збор за здравјето, е покомплицирано од кога било досега. За да може добро да се дејствува, потребно е да се најде изворот. Тоа не е секогаш толку лесно, но со вистинските водичи може да дојдеме до срцевината а проблемот. „Митот за нормалното“ е една од најамбициозните книги на Мате и несомнено една од најпотребните во моментов. Верувале или не, книгите ја имаат моќта да го спасат светот. 

„Фатени во љубовна мрежа“ од Теса Бејли

Најпопуларната авторка на романси во моментов, Теса Бејли, и ова лето ќе нè забавува со одлична љубовна приказна. Жешките денови можат да бидат уште понеиздржливи ако сте фатени во стапицата на љубовта. А верувајте, не постои девојка која би одолеала на главниот јунак во оваа приказна. Исто како што не би можел еден страстен вљубеник во романтичните приказни да остане рамнодушен пред оваа забавна приказна! Ќе имате чувство како да гледате филм. Ете, толку е шарено, напнато и убаво!

„Љубовни неврони“ од Али Хејзелвуд

Сите што ја зедоа „Љубовна хипотеза“ во рацете, кога ги преклопија кориците на последната реченица, останаа насмевнати. Сте забележале ли некој нерасположен да ја чита оваа книга? Е па, истото важи и за новата одлична романса на Хејзелвуд што повторно ќе ни докаже дека љубовта што се случува во истражувачка лабораторија има уште посилна хемиска реакција. Која ќе биде вашата романса на летото? Одвај чекаме да ги имаме крај себе најпознатите книги според многу читачки платформи, а што е уште поважно – и според многу читачки срца!

„Група – Како еден психотерапевт и круг од непознати ми го спасија животот“ oд Кристи Тејт

Тагата не прашува кога да дојде. Едноставно доаѓа. И најчесто не е сама, туку знае да биде придружена од еден куп други чувства што нè јадат однатре. Ако добро се запознаеме, ако ѕирнеме длабоко во својата душа, и ако читаме книги со совети за себељубов, каква што е оваа книга, тогаш ќе го поминеме и најтрнливиот пат. Научете како да не се фаќате на мамките што ни ги поставува животот. Среќата е многу блиску и секогаш ни е на дофат, само треба да умееме да ја видиме. 

„Силмарилион“ од Џ. Р. Толкин

Уште една книга во низата класици! Внимателно со светот на Толкин во кој шетаат елфовите и самовилите – таму има многу повеќе суштина отколку во која било реалистична приказна. За сите фанови на „Господарот на прстените“ или „Хобитот“, но и за сите кои не сте му дале шанса на најмаестралниот ум во областа на епската фантазија. Со Толкин, авантурата е загарантирана, исто како и восхитот од неговиот стил. 

„Браќа Карамазови“ од Фјодор Достоевски

„Браќа Карамазови“ е едно од најзначајните дела некогаш напишани во светската литература. Длабоко навлегува во филозофијата на постоењето, етиката, слободната волја и моралот. Можеби најдоброто од Достоевски, иако секоја книга што тој ја оставил во аманет на човештвото е своевидно ремек-дело. Задолжителна класика за која не е потребна посебна препорака. Но која задолжително треба да се прочита барем еднаш во животот. 

„На запад ништо ново“ од Ерих Марија Ремарк

„На запад ништо ново“ е најпопуларниот и најпреведуван воен роман на сите времиња. Не можеле да го замолчат ниту прогонството на Ремарк од татковината ниту горењето на неговите книги. Бил и останува сведок на разорните последици што војувањето ги носи врз личната и колективната болка и судбина. Оваа книга е жестока осуда на воените ужаси и на бесмислата на војувањето. Тегобна, а истовремено зрачи со надеж и грижа за човештвото.

„Три нови драми“ од Венко Андоновски

Сè уште не сме сосем соземени од убавините што Андоновски ни ги донесе со своето врвно прозно остварување „Папокот на светлината“, а веќе се најавува нешто ново. Неговата умешност за пишување досега во секој жанр, а во овие драми со сигурност ќе препознаете уште нешто. Нешто што секој негов нов ракопис го носи. Искуство. Поголемо и посилно со секој оживеан збор. Збор кој има моќ да го врати и минатото.


„Првиот ден од втората половина на твојот живот“ од Мод Анкауа 

Пронајдете го во себе местото во кое ништо не е невозможно. Сите понекогаш се чувствуваме залутано и изгубено. Како да не знаеме дали сме во вистинскиот предел на животот. Кои се нашите соништа? Дали сме на добар пат да ги оствариме? Оваа приказна ќе ви направи голема услуга. Кога ќе го разреши прашањето живот или смрт, главната хероина ќе стане одличен патоказ кон вашата иднина. 

„Магот од Кремљ“ од Жулијано да Емполи

Ако насловот веќе ве привлече, оваа книга е вистинската за вас. Сите енигми имаат некакво објаснување. А оваа приказна ќе ве однесе до одговорите на многу прашања. Дури и политички. Ова е голем роман за стварноста што ја живееме. Кризите во кои е западнат поголемиот дел од светот можат да бидат и совршен повод за преиспитување низ кое може да се излезе на вистинскиот пат. 


„Посакувам да си тука“ (ново издание) од Франсеск Миралјес

Сетете се на познатиот хит од „Пинк флојд“: „Посакувам да си тука“. Пуштете ја гласно и уживајте во приказната на Миралјес именувана според нумерата. Ќе најдете и други песни што сигурно ви се драги, а уште позабавниот дел е што ќе најдете заплеткана приказна што до самиот крај ќе ве остави во недоумица. Не прашувајте се читајќи што ќе биде на крајот, туку уживајте во приказната. Следува ново издание од оваа книга. 





Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново