ЗА БОЖИКНОТО ЧУДО ОД ПАУЛО КОЕЛЈО

ЗА БОЖИКНОТО ЧУДО ОД ПАУЛО КОЕЛЈО
Овој Божик прегрни ги сите сакани. Тоа е доволно за да се случи чудо. Љубовта е чудо – семејната, романтичната, онаа што ја чувствуваме кон домот, кон земјата, кон себеси. Овој ден помини откривајќи чуда и во најмалите работи – среќен Божик! Уживајте и сакајте се со извадокот од „Ракописот од Акра“ на нашиот божикен раскажувач – Коелјо.
* *  *
Што е чудо?

Чудото можеме да го дефинираме на различни начини: како нешто што се противи на законите на природата; како залагање во моменти на длабока криза; како исцелување и визии; како невозможни соочувања; или како интервенција во последен миг кога пристигнува Непосакуваниот посетител.

Сите овие дефиниции се вистинити, но чудото оди дури и зад тоа: тоа е нешто што ненадејно го исполнува нашето срце со Љубов. Кога се случува тоа, ние чувствуваме длабока почит кон милоста Божја со која нѐ дарувал.

Дај ни го, Господе, нашето чудо за денеска.

Дури и да не сме способни да го забележиме, бидејќи нашите умови се фокусирани на големи дела и освојувања. Дури и ако сме преокупирани со животот ден за ден, за да знаеме дека нашиот пат е променет од него.

И кога сме тажни, помогни ни да ги држиме очите отворени за животот околу нас: за цутењето на цвеќињата, ѕвездите на небото, далечната песна на птицата или за детскиот глас во близина.

Помогни ни да разбереме дека има толку важни определени нешта, што мораме да ги откриеме без ничија помош, и дека не би требало да се чувствуваме осамени и беспомошни, затоа што Ти си тука, со нас, подготвен да ни помогнеш доколку нашите нозе одат опасно блиску до амбисот.

Помогни ни да продолжиме да одиме напред и покрај стравот, и да го прифатиме необјаснивото и покрај нашата потреба да си објасниме и сѐ да знаеме.

Помогни ни да разбереме дека силата на Љубовта лежи во нејзините спротивности, и дека Љубовта трае поради тоа што се менува, а не поради тоа што останува иста и никогаш не се соочува со предизвици.

И да разбереме, исто така, дека секогаш кога ги гледаме понизната возвишеност и арогантната понизност, ние сме сведоци на чудо.

Помогни ни да знаеме дека кога нашите нозе се уморни можеме да продолжиме да одиме благодарение на силата во нашето срце, и дека кога нашето срце е уморно можеме да продолжиме понатаму благодарение на силата на нашата вера.


Помогни ни во секое зрно во пустинскиот песок да видиме доказ за чудото на различностите, и дека можеби тоа ќе нѐ охрабри да се прифатиме себеси такви какви што сме. Бидејќи токму како што две зрна од песокот не наликуваат едно на друго, така ниту две човечки суштества не размислуваат или работат на ист начин.

Помогни ни да бидеме понизни кога примаме, и полни со радост кога даваме.

Помогни ни да разбереме дека мудроста не лежи во одговорите што ги даваме, туку во мистеријата на прашањата што ги збогатуваат нашите животи.

Помогни ни никогаш да не бидеме заробеници на нештата за кои мислиме дека ги знаеме, затоа што знаеме толку малку за Судбината, и ова нека нѐ води кон непогрешливо однесување, користејќи ги четирите кардинални доблести: самоувереност, елеганција, љубов и пријателство.

Чудата ги отстрануваат превезите и менуваат сѐ, ама не нѐ оставаат да видиме што се крие зад нив.

Тие ни овозможуваат да избегаме неповредени од долината на сенката на смртта, ама не ни кажуваат кој пат нѐ води до планината на радоста и светлината.

Тие отвораат врати заклучени со невозможни катанци, ама не употребуваат клуч.

Тие ги опкружуваат сонцата со планети, за да не се чувствуваат осамени во универзумот, и внимаваат планетите да не им се приближат премногу, за да не бидат проголтани од сонцата.

Тие ја преобразуваат пченицата во леб со работа, грозјето во вино со трпеливост, и смртта во живот со воскресение на соништата.

Затоа, Господе, дај ни го нашето чудо за денеска.

И прости ни што не сме секогаш способни да го препознаеме.


Пауло Коелјо

Извадок од „Ракописот од Акра“


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново