ВЕНКО АНДОНОВСКИ ЗА BLEN.MK: СО „ПАПОКОТ НА СВЕТЛИНАТА“ САКАВ ДА ГО ИЗГОНАМ ЗЛОТО

ВЕНКО АНДОНОВСКИ ЗА BLEN.MK: СО „ПАПОКОТ НА СВЕТЛИНАТА“ САКАВ ДА ГО ИЗГОНАМ ЗЛОТО

Ако сте од оние најљубопитните читатели и сакате подготвени да го земете новиот роман в раце, додека деновиве го препрочитувате „Папокот на светот“, верувам дека со овој разговор уште повеќе ќе ви се разгори љубопитноста за тоа што се крие меѓу кориците на „Папокот на светлината“.

За некој ден на јавноста ќе ѝ биде достапен Вашиот нов роман, „Папокот на светлината“, кој ни го најавивте уште на почетокот на пандемијата. Денес гледаме дека тоа што тогаш се чинеше како груба скица, всушност, е многу јасен концепт до кој верно сте се држеле. Како и што работевте на романот во овој период?

Работев само на едно нешто: самопознание. Мислам дека секој добар роман е во суштина автобиографски (иако тоа не мора да се види жанровски), што значи дека мора да понуди пресметка со себеси. Себеси се предизвикувате на двобој, нема некој друг, лош, нема некој кој е виновен за вашата судбина. Свесен сум дека автобиографизмот како пристап кон романот денес не е во мода. Повеќето писатели денес пишуваат за нешто што не го ни виделе ни искусиле: за војни во кои не учествувале, за правата на лицата со инаква родова ориентација, а често самите писатели не ѝ припаѓаат на таа ориентација. Да пишувате за нешто што не сте го искусиле, тоа гарантира обично бестселер, зашто тие теми се во мода, ама јас не сум од тие автори: јас верувам во исповедна книжевност, верувам дека сепак човек треба да се познава прво најдобро себеси. Кога пишувате бестселер, а пишувате за нешто што не ви е познато, доволно е да кажете дека клоцата боли, затоа што тоа го знаете теоретски, од други книги. Сосема друго е кога пишувате исповед за една клоца која самите сте ја искусиле. Првото е теорија на клоцата, второто е сеќавање на една клоца. А сеќавањето е чувство, не слика.

Така што, во овој роман се занимавав со злото, прво во себе. Сакав да го изгонам. Не верувам дека сум успеал, зашто суетата е почеток и крај, и почетен вирус и метастаза на сите зла. Но, барем пробав. Но, бидејќи човекот е социјално суштество, романот стана и расправа за злото во светот. Како што запишав и во романот, злото еволуираше од средновековните претстави кои се негова прва материјализација. Средновековието беше невино и го замисли злото како човек со опашка и рогови, ама модерното доба го претвори него во релација, структура – идеологија, партија, тоталитарна држава. Тоа зло на крајот повторно се отелотворуваше во еден лик, ликот на Диктаторот. Најнакрај, по еден Хитлер или Сталин, во постмодерната доба, злото стана растворинфузија: тоа влезе во сите клетки и капилари на општествените дискурзивни практики. И сега не го гледаме, затоа што е насекаде. А медиумите се иглите на таа инфузија. Секој што е медиумски поврзан во мрежа (а денес секој човек е медиум, доволно му е само да има мобилен телефон со просечни перформанси за да биде медиум и да пишува статуси), пренесува (најчесто!) зло. И што е најтрагично: не сме ни свесни дека сме зли. Тоа е како човек да е болен, а да не знае дека е болен. Колку што мене ми е познато, човек од грип чувствува дека има грип; ама човек умоболен не знае дека е умоболен. Излегува дека денес злото трајно склучи брак со умоболноста и слабоумноста. Слабоумноста денес раководи со светот, за жал.

Човекот и неговите вечни животни прашања за љубовта и бесмртноста, за (не)верноста и смртта, за (не)постоењето на Бог и на Сатаната, за доброто и злото… се присутни и во „Папокот на светлината“, како и во останатите Ваши дела. Иако тука приказната сурфа на брановите на христијанското православно учење, таму оддолу како да ја носат и струите на источната, индиска философија. Би се согласиле?

Се разбира. Секоја религија денес е за почит, секоја духовност и мистика. Иако се залагам за духовен свет, и иако ѝ припаѓам на културата на православното христијанство, јас сум сепак уметник. А уметноста е апокрифна работа: таа служи да постави прашалник секаде каде науката, религијата и човекот поставиле извичник, во смисла: Sic! Јасно ми е! Да бидеш уметник значи да се сомневаш. Затоа и ја напишав на самиот почеток „Азбука за непослушните“, роман со видливо обожување на Христа, ама со изразен сомнеж кон сите кои се колнат во него. За мене останува важна онаа реченица од тој роман: „Оној кој вистински верува, ќе се сомнева во својата вера, зашто ако слепо верува, ќе му поверува и на нечестивиот, кој често ја зема маската на Христос“. Па дури и светогорските отци сведочат за своите падови во верата, кога им се чинело дека Христос ги напушта, дури и дека го нема; подоцна сфатиле дека чувството дека Христос ги напушта значи дека ги остава духовно да пораснат, како што татко мора да го пушти седиштето на велосипедот на своето дете кога го учи самостојно да вози. Инаку, источната филозофија, посебно теоријата за реинкарнацијата, ја имаше во „Папокот на светот“. Овде не е јасно изразена. Попрво би се рекло дека овде ја користам астрофизичката теорија за паралелни вселени, што во теологијата би се препознало како СИМУЛТАНОСТ на сите времиња, во она прочуено ОНОЈ КОЈ БИЛ Е И ЌЕ БИДЕ. Ако тоа се однесува на Бога и Богочовекот (сепрезентен и сетемпорален), и ако човекот сака да му се доближи, тогаш и човекот би можел да биде оној кој бил, е и ќе биде, што значи постои во сите времиња, вечен е. Но не како род, туку како личност, како поединец, како сушто. Како душа.

Ако „папокот на светот“ беше една широка метафора, која ако се обидеме да ја збиеме би можеле да кажеме дека се сведува на метафора за животот, да им откриеме ли на идните читатели на новиот роман која е метафората што се крие зад „папокот на светлината“?

Самите ќе сфатат. Светлината е смисла. Кандило запалено од небесата и пренесено во чесниот и свет Дом, со деца-ангели и пород. Толку е тоа, нема други зборови за тоа. А и овие зборови се премногу. Зашто во добрата уметност, како и во животот на добриот и скромен човек, многу зборови се малку, а малку – доволно.

Целото интервју на Наташа Атанасовска прочитајте го: ТУКА

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново