ВО ДОМОТ Е СВЕТЛИНАТА – ИНТЕРВЈУ НА ТОНИ ДИМКОВ СО ВЕНКО АНДОНОВСКИ

ВО ДОМОТ Е СВЕТЛИНАТА – ИНТЕРВЈУ НА ТОНИ ДИМКОВ СО ВЕНКО АНДОНОВСКИ

Новиот роман „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски, во издание на Издавачкиот центар „Три“, ќе ја открие крајната дестинација на ликот Јан Лудвик од „Папокот на светот“.

Разговорите со Венко Андоновски секогаш водат кон длабоката суштина на светот во кој живееме. Неговите опсервации не се задржуваат само на појавното, туку трагаат по изворот и на доброто и на злото. Како романсиер, драмски писател, филмски сценарист, книжевен критичар, теоретичар на литературата и културата, одлично владее со повеќе жанрови и што е најважно, лесно го освојува вниманието на читателот. Таков е случајот и со неговиот најнов роман со наслов „Папокот на светлината“, кој е повод за овој разговор.


Дури и највнимателно читање на насловот „Папокот на светлината“ во мислите одѕвонува како да сте прочитале „Папокот на светот“. Дали, во суштина, станува збор за продолжување на Вашето најнаградувано дело објавено пред 22 години?

– Поточно е да се каже дека „Папокот на светлината“ е крај, кода на „Папокот на светот“. „Папокот на светот“ остана незавршен роман, а тоа малку кој го забележа. Таму, главниот лик беше избркан од светот, затоа што проба да го менува со авангардни сфаќања. Најде азил во еден патувачки циркус. Овој пат, главниот лик се спасува од агресивниот нов свет што личи на циркус. Со ужас сфаќа дека оној циркус од „Папокот на светот“, за дваесет години, се престорил, од циркус во бестијариум: светот е навистина опасно место во кое сме фрлени, зашто, како што вели еден лик од мојот роман: „И виде Господ дека меѓу луѓето сè почесто се раѓаат животни и се растажи многу“. Обично, на студентите, кога им предаваме наратологија, им велиме дека универзалната длабинска структура на романот секогаш е една иста пропозиција: „Х го гледа У“, при што Х е субјектот, а У светот.

Во „Папокот на светот“ таа пропозиција гласеше „Х го менува светот“, од што произлезе „Х е прогонет“. Во новиот роман таа гласи „У го напаѓа Х“, од што произлегува „Х мора да се спасува од У“. Затоа и ликот завршува на Света Гора, барајќи повторно азил. Во „Папокот на светот“ злото беше само насетено како состојка на светот, овде се дава цела една анатомија и историја на злото, за спасување од него.



Новиот роман „Папокот на светлината“ го почнувате со писание што во мислите повлекува уште поназад, кон „Азбука за непослушните“ (1994) и времето на светите браќа Кирил и Медодиј. Што е тоа што Ве влече кон средниот век?

– Неговата јасна претстава за злото и за доброто. Нашиот век ги избриша границите меѓу сите спротивставени вредности. Денес, без никаква морална одговорност или гризење на совеста, злото може да се претставува како добро, доброто како зло, вистината како лага и лагата како вистина. Средниот век е век на писмото, писмото е Логос и светлина, и сè што во тој век не му припаѓа на писмото, ѝ припаѓа на темнината, на злото. Ние целосно погрешно го именуваме тој век како „мрачен среден век“. Тоа е токму век во кој постои јасна разграниченост меѓу темнината и светлината, меѓу доброто и злото. Затоа во тој век се јавуваат и првите антропоморфни материјализации на злото: на фреските често ќе го видите ѓаволот како си ги лади нозете во пеколот во кој вријат душите што ги завел: тој е целосно материјализиран како човек (со опашка и рогови).

Нашиот век пак, го раствори материјализираното зло како сол во вода и го направи невидливо и анонимно, а потоа го пушти тој солен раствор да навлегува капиларно во сите наши општествени дискурзивни практики. Злото денес е насекаде (благодарејќи им на медиумите) и затоа не го гледаме. И не знаејќи каде е денес злото, покажуваме едни на други. Нашиот свет веќе нè означува со икона, метафора, симбол. Тој се служи само со знаци – индекси: покажува. Покажуваме со прст едни на други. Ама кажано е: кој покаже со прст на некого и го обвини, со другите девет покажува на себе.

Светот не е на добар пат, што се однесува до злото. Затоа го сакам средниот век. Прави основни етички дистинкции. Ние денес, користејќи еден „учен“, суетен збор – деконструкција, ги разнишавме и ги релативизиравме сите идентитети наследени од Средниот век и ренесансата. А тоа не смее да се случи со неколку клучни столба на човештвото, што ние погрешно ги викаме идентитети: столб и идентитет не е исто. Земете ја за пример архитектурата. Градбата ја држат столбови, не ја држи идентитетот: без разлика дали градбата е според идентитет училиште, болница или црква, таа ќе опстане само ако има столбови.

Затоа, не смее да се поништи разликата меѓу столбовите на доброто и злото, машкото и женското, срамното и бесрамното, невиното и грешното, природното и неприродното. Тоа се вредносните оски на овој свет, кои сега се уништуваат: нашиот век е пресметка не со „мрачниот среден век“ и неговата темнина, туку со неговата светлина и јасност, изјаснетост. Човештвото полека навлегува во мрачен интелектуален век, за кој средновековието ќе биде раскошна ренесанса.


Во суштина, каде го наоѓате својот вистински дом во овој крајно материјализиран и дигитализиран современ свет, во кој духовното и световното се во огромен расчекор?

– Во Словото и во лепословието што го сочинувам. И се разбира, во семејството и домот, кои за мене се манастир. Надвор е светот, и веќе не ме интересира каде е папокот на светот, и што треба човек да стори за да седне на престолот на светот. Тоа им го оставам на амбициозните. Внатре, во домот е светлината, и мене ме интересира само нејзиниот папок: смислата. Кој неа ја има, се спасил уште пред да настрада.

ЛИНК ДО ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ: ТУКА

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново