ВЕНКО АНДОНОВСКИ КРУНИСАН СО НАЈВИСОКАТА РУСКА НАГРАДА ЗА ДРАМАТУРГИЈА – „ЗЛАТЕН ВИТЕЗ“

ВЕНКО АНДОНОВСКИ КРУНИСАН СО НАЈВИСОКАТА РУСКА НАГРАДА ЗА ДРАМАТУРГИЈА – „ЗЛАТЕН ВИТЕЗ“

Писателот Венко Андоновски ја доби највисоката награда за драматургиjа „Златен витез“ на Тринаесеттиот меѓународен книжевен форум „Златен витез“ во Русија.

Форумот се одржува од 2010 г., секоја година во октомври, по повод прославата на годишнината од раѓањето на славниот руски поет М. Ј. Лермонтов.

Основач и претседател на Форумот е Николаj Бурљаев, светски познат филмски артист (меѓу другото, блескаво ги одигра главните улоги во филмовите „Иваново детство“ и „Андреј Рубљов“ на Андреј Тарковски) и голем општествен деец. Според статутот на Фестивалот, неговата цел е поврзување на литературните дејци под девизата: „За моралните идеали, за извишување на душата на човекот“.

Награди на оваа голема меѓународна манифестација се доделуваат за повеќе уметнички области. Годинава на Форумот пристигнале 428 дела од 12 земји.

Во номинацијата „Драматургија“ наградата „Златен витез“ му е доделена на писателот Венко Андоновски за обемната книга (од 278 страници) под наслов „Три пиеси за театарот“, коjа во превод на познатата афирматорка на македонската литература на руски јазик Олга Панкина излезе минатата година во Москва. Jа објави престижната издавачка куќа „У Никитских ворот“. Книгата ги содржи пиесите „Словенски ковчег“, „Олово на перницата“ и „Граница“. На корицата на книгата се наведени зборовите на познатиот руски писател Евгениј Водолазкин: „Драматургијата на македонскиот автор има за нас посебен интерес: нашата заедничка словенска култура се претставува тука во сосема друг свој извод. Балканот е необично место каде заемното проникнување на народите и културите, на митологијата и современата свест достигнуваат највисок степен. Сето тоа Венко Андоновски го опишува, користејќи ги зборовите на Бродски, со ‘кириличен знак’. Опишува со големо мајсторство и, што по мое мислење е многу важно, со блескав хумор“.

Заблагодарувајќи им се на организаторите на Форумот, Венко Андоновски истакна:

„Нема поголема среќа за еден писател кој доаѓа од мала, но архаична култура со ризничарски вредности како што е македонската култура, да биде удостоен со признание од најголемата православна култура во светот – руската. И, се разбира, една од најголемите световни книжевности и култури што воопшто некогаш се јавиле по лицето на Земјата; без руската книжевност светската книжевност не постои, како што и без руската култура не може да се испише ниедна историја на културите на човештвото. Живееме во свет во кој сите човекови вредности се или уништени или свртени на глава. Ненормалното се прогласува за нормално, болното за здраво, потпросечното за генијално, џелатот за жртва. Ние, како писатели и уметници, сме должни низ нашите дела да се молиме за зацелување и оздравување на тој болен свет. Впрочем, нашите дела, нашите песни, романи и драми не се разликуваат многу од молитвите. И во уметноста и во молитвата многу зборови се малку, а малку зборови се доволно. Другото е светска тага, светско сочувство за сите понижени и навредени, за оние на маргините. И со уметноста и со молитвата создаваме златен штит на мудроста и човекољубието спротивставувајќи му се на злото.“

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново