НАЈВОЗБУДЛИВИ НАСЛОВИ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАМЕ ОВОЈ ФЕСТИВАЛ НА КНИГАТА

НАЈВОЗБУДЛИВИ НАСЛОВИ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАМЕ ОВОЈ ФЕСТИВАЛ НА КНИГАТА

Септември веќе пристигна. Фестивалот на книгата само што не нè прегрнал, а новите наслови забрзано се печатат страница по страница и се подготвуваат да станат вашата следна омилена книга.

Фатете го последниот бран топли ветрови со убави наслови што ќе ви ги освежат умот, телото и душата. Обезбедете си што е можно повеќе од нив, за поразновидна и богата книжевна есен.

Прочитајте кои книги ќе ги прегрнуваме овој Фестивал, раширете ги рацете и душите:

„Кога телото вели не“ – Габор Мате

https://www.goodreads.com/book/show/39899252-when-the-body-says-no 

Кога телото ни зборува, треба да го слушаме.

 

За жал, стресот е неизбежен и секој различно го чувствува. Но за среќа, постојат многу стручни книги што можат да помогнат за негово надминување. Книгата на д-р Мате е вистинско откровение. Таа придонесува за трансформативни сознанија за тоа дека болеста е начин на кој телото му кажува „не“ на она што умот не може или не сака да го признае. Врз основа на научните истражувања и своето повеќедецениско клиничко искуство, д-р Мате дава одговори на многу важни прашања – за улогата на стресот и индивидуалниот емоционален систем во многу болести, но и за ефектот на телоумот врз здравјето на човекот.

 

„Мачорот што ги спаси книгите“ – Сосуке Нацукава

https://www.goodreads.com/book/show/58322877-the-cat-who-saved-books

Која е вистинската моќ на книгите?

 

Одговорот на ова прашање лежи во овој необичен роман наменет за страсните книгољупци. Повлеченото момче Ринтаро ќе го открие тоа сосем неочекувано, соочено со загубата на нештата што му значеле најмногу во животот. Откако дедо му ќе почине, тој се чувствува изгубено сè додека не го сретне Тигар Пругавиот, мачорот кој умее да зборува и кој бара помош од Ринтаро за спасување на книгите. Оваа мисија ги носи на необично патување на кое запознаваат чуди луѓе и добиваат најразлични задачи. Зар ова не е една од најпривлечните кратки содржини за кои сте чуле?

 

„Хроника на птицата навивалка“ – Харуки Мураками

https://www.goodreads.com/book/show/11275.The_Wind_Up_Bird_Chronicle

Дали сте посакале да заминете на некое ново место и да станете сосем друга личност?

 

Детективски заплет, магичен реализам, психолошка потрага по суштината на љубовта и соживотот, откопување на долго чувани тајни од Втората светска војна... Некои веќе успеаја да ја започнаат оваа Мураками-авантура, а поголемиот број ја ставаат на списокот за Фестивалот. Тргнете и вие во потрагата по мачката и сопругата на Тору Окада. Од последната страница ќе излезете подзинати.

 

„Прекрасен свету, каде си“ – Сали Руни

https://www.goodreads.com/book/show/56597885-beautiful-world-where-are-you?ac=1&from_search=true&qid=KsfWw0pvri&rank=1

Мапа до прекрасниот свет внатре во тебе

 

Сали Руни одвај чека да се смести во вашите мисли. Оваа емоционална драма што се чита во еден здив зборува за најсуштествените работи на нашата реалност. Алис и Феликс, Ејлин и Сајмон – две љубовни двојки кои се привлекуваат и одбиваат, се зближуваат и оддалечуваат. Загрижени за своите животи, за времето што ги гази, за случувањата во семејствата и светот... што преживуваат зад затворените врати на своите соби? Наоѓаат ли начин да веруваат дека овој свет – единствениот што го имаме – е навистина прекрасен?

 

„Заложници“ од Клер Мекинтош

https://www.goodreads.com/book/show/56628286-hostage?ac=1&from_search=true&qid=SzynD7yV1R&rank=1

Можете да спасите илјадници непознати животи или еден, на човекот кој ви значи најмногу.

 

Мина е стјуардеса која дава сè од себе да им го направи спокоен летот на патниците. Се обидува да ги заборави домашните проблеми – разнишаниот брак и петгодишната ќерка со синдром на нарушена приврзаност. Но овој пат тоа е невозможно. Зашто по полетувањето добива заканувачка порака од анонимен патник кој е решен да не слетаат во Сиднеј. Некој кој ѝ ја знае слабата точка и знае како да ја услови: „Следниве инструкции ќе го спасат животот на ќерка ти...“ Дилемата е морничава, исто како и расплетот. Ова е најнапнатиот лет во историјата на трилерите!


„Девојките што горат“ – К. Џ. Тјудор

https://www.goodreads.com/book/show/53387949-the-burning-girls?from_search=true&from_srp=true&qid=nWeUz9KJrd&rank=1

Трилер по кој ќе спиете со запалена светилка

Новиот капелан Џек Брукс, самохрана мајка која и самата бега од своето мрачно минато, се надева дека ќе најде мир и одново ќе го започне животот. Но кога од непознат праќач ќе добијат за добредојде стар комплет за егзорцизам, скромната куќа и немањето интернет се најмалите грижи со кои се соочуваат таа и нејзината 14-годишна ќерка. По Фестивалот одвај ќе чекате да се вратите дома, нетрпеливи да го зачитате овој експлозивен трилер.

 

„Телото памети“ – Бесел ван дер Колк

https://www.goodreads.com/book/show/18693771-the-body-keeps-the-score?ac=1&from_search=true&qid=D4UZ4fljVJ&rank=2

Уште еден наслов што веќе им помага на читателите да го надминат трауматскиот стрес. Човек не мора да биде војник на бојно поле за да се соочи со траума, таа е дел од животот. Голем број возрасни со децении се борат со траумите од емоционалното или физичкото насилство што го претрпеле во детството. Истражувајќи иновативни начини за лекување, Бесел ван дер Колк нуди нова надеж за враќање на среќата во животот.

 

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново