ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ОВА ЛЕТО

ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ОВА ЛЕТО

Летово 2022 ни ветува многу! Особено со избрани наслови. А летото секогаш ни носи посебна и нескротлива читачка енергија.

Се потрудивме за секого од вас да подготвиме по неколку причини за незаборавно читачко лето. Ѕирнете во насловите и оставете ја возбудата да расте. Таа во лето има посебен вкус – на добра освежувачка литература!


„Хроника на птицата навивалка“ – Харуки Мураками

https://www.goodreads.com/book/show/11275.The_Wind_Up_Bird_Chronicle

За да го запознаете најдоброто од современата книжевност

Харуки Мураками секогаш умее да нè изненади. Начинот на кој ги ткае приказните, зачинувајќи ги со непредвидливост, а во оваа приказна и со мистичност, е едноставно неповторлив. Наскоро ќе уживаме во приказната за младиот Тору Окада, кој трагајќи по исчезнатата мачка на својата сопруга, всушност, започнува истрага за неа. 

„Се случи едно лето“ – Теса Бејли

https://www.goodreads.com/book/show/55659629-it-happened-one-summer?ac=1&from_search=true&qid=1BNJhb5aGg&rank=1

За да се освежите со летен роман

Кој не сака добра романтична комедија? Теса Бејли пишува приказна за една млада и дива влијателна девојка што постојано ја следат папараци. Но кога ситуацијата ќе излезе од контрола, нејзиниот очув ја праќа далеку од очите на јавноста, во место што за неа воопшто не е интересно. И таму ќе го запознае незаборавниот рибар... Е па оваа романса ќе ни се случи токму ова лето!

„Прекрасен свету, каде си“ – Сали Руни

За да го најдете светот во вашата прекрасна личност

https://www.goodreads.com/book/show/56597885-beautiful-world-where-are-you?ac=1&from_search=true&qid=KsfWw0pvri&rank=1

Сали Руни е името што многу често го сретнуваме по топ-листите. Ова е приказна за Алис и Феликс, Ејлин и Симон, млади луѓе чиј живот веќе ги подготвува за тешкотиите што следуваат. И додека на сите им става по една торба грижи на грбот, секому со различна тежина, не заборава да им стави и од магијата да се биде жив. И секако, мапа до прекрасниот свет. 


„Човекот што шета книги“ – Карстен Хен

https://www.goodreads.com/book/show/55852985-der-buchspazierer

Топла приказна за нераскинливата врска на книгите и луѓето

Замислете дека постои човек кој ги шета книгите разнесувајќи ги низ градот. Замислете колку приказни износил во својот ранец. Колку животи променил. Тој постои. Во прекрасната емотивна приказна на Карстен Хен, која почнувајќи од ова лето ќе ни ги гали читачките души. Овој магичен роман е идеален подарок за сите книгољупци, совршена книга за секој библиофил. 

 

„Телото памети“ – Бесел ван дер Колк

За да се излекувате од стресот и да ја почувствувате вистинската промена

https://www.goodreads.com/book/show/18693771-the-body-keeps-the-score?ac=1&from_search=true&qid=D4UZ4fljVJ&rank=2

Истражувајќи иновативни начини за лекување на траумата, истакнатиот светски експерт Бесел ван дер Колк во „Телото памети“ ни покажува како траумата ги преобликува телото и мозокот, намалувајќи ни ја способноста за самоконтрола, доверба и исполнет живот. Траумата е дел од животот, но за да се случи вистинска промена, телото треба да запамети дека опасноста поминала и дека треба да живее среќно во реалноста.

„Храброста да се биде свој“ – Ичиро Кишими и Фумитаке Кога

https://www.goodreads.com/book/show/43306206-the-courage-to-be-disliked?ac=1&from_search=true&qid=l0Dqg5vzoQ&rank=1

Достигнување вистинска среќа преку јапонската мудрост

Милиони луѓе веќе ја прочитаа и ги почувствуваа придобивките на мудроста сместена меѓу кориците на оваа книга. Им покажа како да ја ослободат моќта што се состои во храброста да се биде најискрената верзија од себеси. Користејќи ги теориите и техниките на Алфред Адлер, еден од најбрилијантните умови на психологијата заедно со Јунг и Фројд, ќе успеете да го искористите јапонскиот феномен во своја полза. 

„Кирка“ – Мадлин Милер

За да се вратиме во времето на боговите

https://www.goodreads.com/book...

Мадлин Милер ги освои читателите од сите возрасти! „Ахиловата песна“ стана светски хит. Сега е времето на „Кирка“! Ќерката на најмоќниот Титан и бог на Сонцето, прекрасната волшебничка која треба да докаже дека женската сила во светот со кој владеат мажите е незапирлива. И ќе успее во тоа. Тука, меѓу страниците на оваа книга, се раѓа и Мадлин Милер, божицата на перото. 


„Кога никој не гледа“ – Алиса Кол

За да го изостриме шестото сетило

https://www.goodreads.com/book/show/49398072-when-no-one-is-watching?ac=1&from_search=true&qid=pXMvNiDaoT&rank=1

Можете ли да си замислите лето без страшен трилер што ќе ви ги размрда телото и умот? Алиса Кол е мајстор за испреплетување на неколку интересни приказни во една. Нејзината Синди Грин е родена и порасната во Бруклин, во маало кое одеднаш почнува да се менува, а соседите што ги познава цел живот ненадејно исчезнуваат. Тогаш се појавува Тео, новиот сосед чија дружба станува виор од параноја и страв. Зошто? Откриваме за многу, многу брзо!


„Заложници“ – Клер Мекинтош

За да почувствуваме вистинска напнатост

https://www.goodreads.com/book/show/56628286-hostage?ac=1&from_search=true&qid=SzynD7yV1R&rank=1

Можете да спасите илјадници непознати животи или еден, на човекот кој ви значи најмногу. Која е вистинската одлука? Одговорот го носи Клер Мекинтош во клаустофобичен трилер сместен меѓу тесниот простор на еден авион. Има уште 12 часа до слетување. Многу работи може да се случат за 12 часа, а и за четири, додека без здив ја читате оваа мистерија. 

„Кутија со сенки“ – Луен Рајс

За да се наежите од страв

https://www.goodreads.com/book/show/50710211-the-shadow-box?ac=1&from_search=true&qid=UYDiwSlk8J&rank=1

Откако една позната уметница ќе биде нападната во својот дом, не може да верува повеќе никому. Особено не на својот сопруг, во кого се сомнева. Колку далеку е подготвена да оди за да ја открие вистината? Понекогаш човек не сака да ги следи знаците на својата интуиција, зашто знае дека водат до разочарување. 

„Девојките што горат“ – К. Џ. Тјудор

За да го почувствуваме жарот

https://www.goodreads.com/book...

Еден неконвенционален викар се сели во мало англиско село и открива дека е опседнато од смрт и исчезнувања, и во минатото и во сегашноста. И дека мрачните тајни не се чуваат случајно. Вистината секогаш тешко излегува на виделина, особено кога секој има нешто и некого да заштити и кога не постои ни најмал знак за доверба. Имајте на ум дека токму оној кој се плаши да се довери е најсомнителната личност. 

Сè на сè, нè очекува екстремно забавно лето со високи купишта книги кои ќе ни прават сенка за пријатно читање!



Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново