ГИ ПРАШУВАМЕ ПРЕВЕДУВАЧИТЕ: ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА СО РАДИЦА НИКОДИНОВСКА

ГИ ПРАШУВАМЕ ПРЕВЕДУВАЧИТЕ: ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА СО РАДИЦА НИКОДИНОВСКА


Италијанските приказни“ од Итало Калвино се едно од најмагичните места на светот. Каков беше престојот на Радица Никодиновска во овој волшебен свет, се запозна ли со самовилите, ѝ се допадна ли бајковидната форма на книжевноста?

Прочитајте во ова интервју за искуството на Никодиновска од преведувањето на оваа класика, како дел од проектот „Читаме заедно“ поддржан од Креативна Европа. Ќе ве понесе во еден многу поразличен свет! 

Преведувањето е како да скинеш цвет од една градина и да го однесеш дома без да овене. Што е клучно во одржувањето на зборот во живот при пренесувањето од еден во друг јазик?  

Многу ми се допаѓа метафората со цветот. Како што на нежниот и деликатен цвет сакаме да му ја зачуваме свежината, мирисот и бојата и правиме сѐ за да му го продолжиме животот со цел што подолго да му се восхитуваме, така, како преведувачи, повикани сме да му дадеме нов и достоинствен живот на дело кое е единствено, убаво и полно со живот во својата градина, дело кое иако откорнато од својата средина и пресадено, ќе може да буи и да дава раскошни цветови и во новата градина. За да се постигне тоа, преведувачот треба да го пренесе на што е можно поверен начин, да го пресоздаде во сите негови најубави, па и најгрди аспекти, во сета негова величина, па дури и безначајност. Потребно е тој да се одликува со сензибилност, емпатија, знаење, внимание, да ги користи сите сетила за да ги пренесе различните нијанси на авторовиот глас: радоста, болката, иронијата, рамнодушноста итн.

Итало Калвино е голем книжевен класик. Што беше најспецифично при неговото преведување?

Патувањето на Итало Калвино во универзумот на усното творештво е особено интересно и може да се смета како емблематски случај. Неговото нурнување во италијанските народни приказни му овозможува да ѝ пристапи на традицијата со апсолутна слобода и автономија, користејќи традиционални материјали за да ги реконтекстуализира потоа во конкретно дело, подредувајќи ги според својот првичен писателски план. Калвино создал збирка раскази наменета за широка публика, документирана на разни италијански дијалекти во сите региони на Италија, но запишана на современ италијански јазик, при што како приредувач Калвино си дал слобода да врши и одредени содржински интервенции.  

Од преведувачки аспект, најголем предизвик ми беа преводните решенија на ликовите во приказните, со оглед на тоа што тие претставуваат јадро на едно книжевно дело и играат основна улога во процесот на идентификација од страна на читателот, во нашиов случај читателот дете. И покрај тоа што некои имиња може да се сметаат за универзални, бидејќи се користат во повеќе јазични системи, тие се сметаат и  за културоспецифични елементи, со оглед на тоа што во многу култури функционираат како социолингвистички знаци кои можат да се однесуваат на општествена класа, на расен, етнички, национален и религиозен  идентитет. Освен присуство на ликови со јасен човечки изглед, во приказните се среќаваат и животни со човечки карактеристики и измислени и натприродни суштества. При пренесување на личните имиња носители на значење, се потрудив на што е можно појасен начин да ги предадам главните особини што им се припишуваат на ликовите во изворниот текст, а кои можат да бидат физички или психолошки, или да се поврзани со навики, склоности или занаети. Ќе дадам само неколку примери на такви имиња кои се носители на значење: Златокос, Сончица, Марија Дрвенанаметка, Вистинозборец, Франческо Седи-јади, Личночело, Магдоноска, Рузмаринка итн.

На кој начин се преселувате во книгата пред да ја преведете? Како навлегувате во некое друго време или друга култура?

Можноста да преведувам дела на врвни италијански автори за мене претставува огромно задоволство, но истовремено и одговорност кон читателската публика. И покрај долгогодишното преведувачко искуство, постојано се трудам да се подобрувам, да се фокусирам на решавањето и на некој навидум занемарлив проблем. Според мене, секој преведувач треба да поседува голема љубопитност која ќе го поттикне да се информира за авторот, за неговите дела, за контекстот во кој творел, за стилските карактеристики, со цел да продлабочи некои аспекти што не му се познати. Така и јас, дури по собирањето на сите информации што сметам дека ќе ми бидат корисни за разбирање на делото и за расветлување на одредени аспекти, и по првичното читање на делото, донесувам одлука за тоа на кои стратегии ќе се потпирам во текот на процесот на преведување, за начините на кои ќе се справувам со „очудувањата“, како што ги нарекува Блаже Конески, за успешно да ја пренесам авторовата намера.  

„Италијанските приказни“ во себе содржат многу магични моменти, но што беше најмагично во процесот на нивното доживување и пренесување на македонски јазик?

Збирката раскази на Калвино изобилува со питорескни амбиенти, магични моменти, извонредна галерија на ликови, секој од нив носител на одредена особина, на ретка дарба, на симбол или на специфична животна приказна. Среќаваме болни принцови и принцези, чудовишта, испосници, кралеви и кралици, персонифицирани животни и други, кои честопати се служат со стихувани гатанки, игри на зборови, пословици, фразеолошки изрази итн. Токму тие јазични реализации со силен експресивен набој и со маркирана културна специфичност, кои се дел од културното наследство на традиции вкоренети во историјата на секоја јазична заедница, во случајов на италијанската, играат многу важна улога во архитектурата на приказните. Тие ме фасцинираат и како читател и како преведувач, затоа што за нивно расветлување и пренесување на нивната енергија во новиот контекст, потребна е сета преведувачка умешност, посветеност, а понекогаш и поетска дарба.

Кога би можеле да се вратите во времето и да се сретнете себеси во годините кога сè уште сонувавте да бидете преведувач, каков преведувачки совет би си дале?

Љубовта кон преведувањето кај мене се роди уште за време на универзитетските денови, благодарение на студентската преведувачка работилница основана од тогашниот италијански лектор Аугусто Фонсека, во која учествував и јас. Веднаш по дипломирањето на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, паралелно со наставната дејност почнав да се занимавам и со преведување. Преведував уметнички и документарни филмови, текстови од разни стручни подрачја, судски преводи, поретко уметничка литература. Го преведував за своја душа и она што во тој период немав можност да го објавам. Имав преведено дури и десетина приказни од Калвино за да им ги раскажувам на моите ќерки, на внуките и внуците на моите браќа за кои често организирав читачки или раскажувачки  средби. Тогаш сонував да преведувам автори кои мене ми се допаѓаа. Сега со задоволство можам да констатирам дека и тој сон ми се оствари. Ја чувствувам како голема привилегија можноста, со помош на преводот, да ги одгатнувам енигмите во делата на многу италијански автори. Кога, пак, во некоја паралелна димензија би се сретнала себеси, би се охрабрила малку повеќе и со поголема самоувереност би ги направила првите чекори во овој прекрасен занает, макар потпирајќи се и на сопствената интуиција во расветлувањето на јазични и културни енигми. Сепак, најважна од сѐ е почитта кон професијата преведувач, убеденоста дека работата што ја вршиме ќе биде оценувана по своите вредности (или недостатоци) и дека, доколку добро сме ја завршиле, преведеното дело може да се одликува со еднаква вредност како и оригиналот.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново