ГИ ПРАШУВАМЕ ПРЕВЕДУВАЧИТЕ: ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА СО ЕЛИ ПУЈОВСКА

ГИ ПРАШУВАМЕ ПРЕВЕДУВАЧИТЕ: ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА СО ЕЛИ ПУЈОВСКА


Каква ли е „Желбата на ежот“ кој го создаде Тон Телеган? А каква е, пак, желбата на Ели Пујовска, која го преведе овој роман за сите мали и големи деца? Таа веќе си ја замисли својата. Прочитај го интервјуто и замисли си и ти своја желба. 

Овој свет е создаден за остварување желби. Особено читачки. Европската Унија со своите проекти на „Креативна Европа“, каков што е овој во кој „Читаме заедно“, учествува во тоа! Што ли има Ели Пујовска да ни порача?


Тон Телеген, авторот на „Желбата на ежот“, е еден од најдобрите современи холандски автори. Познат е по неговите приказни за деца, особено оние во кои се опишуваат антропоморфни животни. Во што се крие магијата на зборовите на овој автор?

Токму поради лексичкото волшепство со кое тој се користи, во холандскиот Лексикон за општа литература Телеген е класифициран како „автор со двојна публика“. Неговите животински приказни се еднакво соодветни и за возрасните и за младите. Рецензентите велат дека Телеген е „уникатен“ феномен кој со своите приказни за животните „избегнува старосни ограничувања и категоризација“.

Јазикот игра важна улога во приказните на Телеген: животните можат да зборуваат и да размислуваат – како нивни основни карактеристики во приказните. Токму поради тоа, сметам дека зборовите во неговите приказни засегаат три различни сегменти. Првиот е употребата на „чеден“ јазик и авторитетот што тој го стекнува со тоа, вториот сегмент е шумата како семантички систем, а последниот е јазикот како место за самоиспитување – начинот на кој тие се обидуваат да се дефинираат е преку испитување на нивниот однос со другите животни.

Апсурдот што произлегува од овие хетеротопии има двоен ефект. Од една страна, тој го соочува читателот со конструираниот карактер на моменталните конвенции и уредувања. Бидејќи животинската шума не е обврзана со конвенциите на реалниот свет и животните често дури и не го сметаат она што го доживуваме како апсурдно, читателот автоматски се приспособува на она што во приказната се смета за нормално; во организацијата на доминантниот светоглед што нè тера да ги доживуваме апсурдите како апсурд. Од друга страна, апсурдот на хетеротопиите има и ефект на отуѓување, така што приказните создаваат „посебна перцепција“, односно „апсурдот“ ја заменува „нормалноста“, која повеќе не се доживува како апсурд.  

Постои ли рецепт за совршен превод?

Поимот совршенство претставува состојба без мани и дефекти, идеална состојба. Со други зборови, совршенство значи дека е постигнат максимумот и не е можен понатамошен прогрес. Но кога оваа состојба ќе се поврзе со преведувачкиот процес, тогаш станува збор за пожелен перфекционизам кој претставува здрава тенденција кон повисоки достигнувања проследени со чувство на задоволство од тоа што може да се постигне.

За да се долови гласот на авторот кој пишува на еден јазик и да се пренесе на друг, притоа оставајќи речиси невидлива трага од самиот трансфер, односно да се создаде истата содржина во речиси поинаква форма, потребни се: љубопитност, методичност, рационалност, аналитика, логика, креативност, интуиција, артикулирани и експресивни чувства, емпатија, флексибилност, знаење, посветеност, грижа и тактичност. И, можеби најмногу од сè, потребна е љубов и почит кон сопствената работа, вреднување на преводот според сопствени заслуги или недостатоци, создавање на квалитетен превод кој ќе може со гордост да се спореди со оригиналот. Во најдобар случај, тоа овозможува појава на сосема ново книжевно дело, одеднаш зависно и независно од она што го инспирирало – дело што ниту со потчинување го следи оригиналот ниту се натпреварува со него, туку додава суштинска вредност и оригиналност која му оддава почит на изворниот текст преку динамичен процес, преку привилегирана форма на читање што може да го осветли оригиналот и да ја пренесе неговата енергија во нов контекст. Тогаш чинот на претставување на литературно дело на друг јазик и култура претставува нешто што може да се класифицира како совршен превод.

Како се совладува техниката за да се избегне буквалниот превод?

Буквалниот превод претставува смрт за книжевниот, што значи дека е невозможно да се преведе книжевно дело со буквален превод без користење на идиоми во фразеолошкиот израз.

Книжевниот превод е комплексна, хибридна и неизмерно интересна појава. Претставува специфична форма на книжевна рецепција и културна медијација, како форма на културна продукција што се одвива во специфична средина при интеракција помеѓу две литератури и култури. Книжевниот превод често е мотивиран не само од динамиката на локалните случувања, туку и од динамиката на глобалниот простор во кој се врши културната размена. Да се биде книжевен преведувач вклучува заземање позиција во сопственото поле на културна продукција, но вклучува и заземање позиција во глобалниот културен простор. Културната меѓусебност на преводот се рефлектира во текстуалната меѓусебност на преведувачот. Книжевниот преведувач има специфична улога во книжевната комуникација меѓу оригиналното дело и читателот. Од суштинско значење е да се користи правилен избор на зборови кои ќе овозможат тек на речениците при преведувачкиот процес. Хуморот и значењето на зборовите во книжевните дела треба да се приспособат на целниот јазик и култура преку пишана приказна, на сосема поинаков јазик, но со потполно исто чувство како при читање на изворниот текст. На пример, шегите и изреките се мошне различни во повеќето јазици и не постои можност за постигнување на саканиот ефект со примена на буквален превод.

Каков е процесот на асимилација на авторот со преведувачот?

Преведувачот создава слика на оригиналниот текст изградена од материјалите на сопствениот јазик и култура. Затоа, изворниот текст и преводот би можеле да се споредат со два сестрински брода: идентични, но не исти. Доколку ја прошириме таа слика, можеме да видиме дека: авторот и преведувачот се, исто така, еквивалентни во одредена смисла – секој од нив создава верзија на истиот текст – но тие не се идентични. Имагинацијата од која се создал текстот, и на суштински и на стилски план, му припаѓа на авторот. Преведувачот создава свој јазик, но содржински и стилски го следи авторот. Притоа, тој се потпира на текстот, контекстот, јазикот, опусот и културата за да го пронајде својот пат низ имагинарниот свет од кој се креирале сликите, а потоа и зборовите на авторот. На тој начин се создаваат соодветните слики и зборови на целниот јазик.

Меѓутоа текстот, контекстот, (културното) знаење, познавање на јазикот, можеби познавање на опусот, па дури и познавање на личните околности на авторот, во комбинација со сопствената интуиција, секогаш не обезбедуваат доволно насоки. Понекогаш се буди сомнеж дали правилно се толкува текстот и намерата на авторот кој, доколку е жив, преведувачот има можност да го консултира.

Кога би можеле да се вратите во времето и да се сретнете себеси во годините кога сè уште сонувавте да бидете преведувач, каков преведувачки совет би си дале?

Секој почеток носи своја тежина, па така и мојот почеток беше крунисан со неверојатна одговорност која се вгнезди во мене по добивање на наградата „Златно перо“ за најдобар превод на годината од Сојузот на литературни преведувачи на Македонија. Наградата ја добив за мојот прв превод, на делото „Розата и вепарот“ од фламанската авторка Ане Провоуст, дело инспирирано од оригиналната верзија на „Убавицата и ѕверот“ на Џанфреско Страпарола од 16 век, поставено врз темелите на делото од француската авторка Жан-Мари Лепренс де Бомон, објавено во 1756 година. Така што од тој момент во мене започна да се гради професионалниот книжевен преведувач кој постојано треба да тежнее кон надминување на очекувањата во преводот, односно нешто што е најблиску до т.н. совршен превод.

Па оттука, советот што би можела да си го дадам во врска со преведувачкиот процес е: да продолжам со нивото на внимание и концентрација, но да го намалам нивото на постојана самокритичност и да го пуштам пилето слободно да ми пее.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново