ГЕНЕТИКА НА СКРШЕНИТЕ ЛУШПИ

ГЕНЕТИКА НА СКРШЕНИТЕ ЛУШПИ

Барбара О’Нил успешно го распостила својот книжевен пастел во тромеѓата помеѓу традицијата, слободата и стравот. Приказната во „Уметноста на наследување тајни“ е освежувачка и нималку не наликува на нешто што досега сте прочитале.

Оливија Шо е Американка која со полна пареа наближува кон прагот на четвртата деценија. Ужива во удобноста на животот со типичен развој: има осумгодишна врска и уредничка е на магазинот „Ег енд хем“. Но овој портрет на успешна жена зад кој е скриена, заедно со аурата на својата меланхолија и несреќа, се распаѓа. Боите на виножитото се сушат и почнуваат да откриваат еден неживописен душевен предел: нејзиниот партнер се однесува воздржано и ладно, дури и опортунистички, мајка ѝ умира, а Оливија преживува сообраќајна несреќа, која се чини е почетокот на нејзиното откровение.

Лебдејќи помеѓу она што би требало да биде нејзино секојдневие и сѐ што претходно отфрлила, Оливија го губи кредибилитетот на сопственост, таа е ограбена од своето минато за кое и не знаела ништо.

Обземена од сивило, еден повик ја пренасочува на другата страна на Атлантикот. Но нејзиното тело не ја менува само временската зона, туку и тагата која прераснува во загатка: мајка ѝ криела голема тајна за своето потекло која ја однела себично во гроб.  Тагата и тајната прераснуваат во две блиски колокации, кои е тешко да се одделат една од друга.

Чувствувајќи се измамена, предадена од жената пред чие име и лик се крстела, решава да ја олади главата под врнежливиот англиски свод. Во мирното и заспано гратче со пасторална егзотика, недалеку од Лондон, Оливија ги наследува Роузмер прајори, имот што му припаѓал на семејството со векови, титулата на грофица, заедно со загадочното минато на нејзините предци. Но никој освен природата и срдечното семејство со индиска крв, Малакар, не ѝ е наклонет. Грофицата ги буди духовите на минатото, отвора некои длабоки рани на жителите на оваа недојдија, таа е олицетворение на злобната и воздржана Вајолет, нејзината баба, и ги воскреснува мистериите во кои повеќе од половина век било обвиткано нејзиното семејство.

Додека коконата на старата Оливија распукува и започнува однатре да се наѕира ларвата на нов живот, нов почеток, таа започнува да ги реновира своите рушевини, напоредно со тие на наследениот имот, дел самостојно, дел благодарение на вештиот мајстор Самир.

Овде О’Нил ни претставува кинцуги, душевно кинцуги, поим за јапонската уметност на поправање скршена грнчарија, преку ликот на Оливија, која со секое ново сознание напукнува. Но тоа не ја намалува нејзината вредност, напротив, таа ја пронаоѓа својата вистинска цел, станува поубава и ослободена од старите демони, кои со соочувањето заземаат нови форми.

Иако потценета и притисната, таа им докажува дека не било залудно променет законот на наследување во нејзината фамилија, кога жените, наместо мажите, ја наследувале Роузмер. Таа со лавовски сили се бори да најде решение и да го спаси распаднатиот замок, затоа што во секоја негова тула, потскршен прозорец, огледало прекриено со прашина, таа се препознава себеси. Онаа Оливија што за малку ќе го потрошела сиот живот робувајќи на навика и цел која не била нејзина, туку наметната од животот кој мислела дека треба и мора да го живее. Оливија ги лупи тапетите откривајќи ја својата стара и носталгична душа пред читателот.

Но дали овие промени може да дојдат од внатрешноста на човекот индивидуално, или најчесто се поттикнати од некое привидение, настан или личност?

Така, од една страна, расцветува ригидната Оливија, која израснала во потполно незнаење, во еден мрак за сопствените чувства и сензации, додека семејството Малакар, со кое толку се зближува, е синоним на промената. Сите тие го следат патот на своето срце – мајката се враќа во Индија не можејќи да го поднесе англиското поднебје, ќерка ѝ Пави се откажува од економскиот факултет за да стане готвачка, додека синот Самир го остава професорското столче за да поправа покриви. Иако апсурдно звучат нивните одлуки, колку од нас се осмелуваат да го сторат она што го сакаат? Храброст е или лудост нивната решителност? Нели е тоа најголемиот луксуз на денешницата, скршнувањето од зацртаната траекторија? Дали стравот од промена не нѐ остава секогаш да ја поттурнуваме амбицијата за „следниот ден“, сѐ додека не стигнеме до последниот?

Оваа книга ќе биде вашиот офталмолог, ќе ви ги отвори ширум очите, но повеќе срцето. Наречете ја преобратувачка, себеоткривачка, но откако ќе ја прочитате, сериозно ќе го преиспитате салдото на вашиот животен стандард и што ви донело тоа – возбуда, радост или монотонија?

Нашиот живот не треба да биде предодреден од животот на нашите предци, а всушност е. Некој ја изгубил оставината, друг смртно се скарал со своите блиски. Децата секогаш ја плаќаат цената за грешките на своите родители, но тие ја имаат моќта да ги исправат клетвите и пророштвата и да докажат, и себеси и на светот, дека вистинско е само она во што силно веруваш. Често се прокоцкани најдобрите шанси само затоа што се плашиме како нашиот став ќе биде прифатен од општеството. Но ако тргнеме од логичкиот аксиом дека само нашите желби се мерило на нашата среќа, како тогаш остануваме празни? Го посакуваме ли она што навистина ни е потребно или претеруваме со нереални барања на чии фреквенции космосот не може да ни одговори?

Со овој роман ќе уживате во богатите и егзотични мириси на далечната Индија, на раскошниот ѓумбир, вкусниот аспарагус, здравата куркума, на искорнат плевел и латици од разнобојни рози, летниот дожд и суптилната миризба на мувла.

Препорачано за: љубителите на љубовно-гастрономски приказни.

Јована Матевска Атанасова

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново