ВИСТИНИ, КОЛКУ ШТО ИМА ЛУЃЕ – ЗБОГУМ 2021, ЗДРАВО 2022!

ВИСТИНИ, КОЛКУ ШТО ИМА ЛУЃЕ – ЗБОГУМ 2021, ЗДРАВО 2022!

Пишува: Ана Јовковска

Неодамна, за 2021 година напишав: Да не заборавиме дека во 2021 година некому му се родило дете. Нечие дете тргнало на училиште. Некој вдомил куче и направил добро дело. Некој се преселил во нов дом. Некому му се случила првата љубов. Некој одново се запознал со својот партнер со кој претходно во низата на работни обврски и кафеански бегства надвор од домот, долго се игнорирале. Некој се зближил со својата стара мајка со која заедно живее. Некој донирал и помогнал на сиромашните. Нечиј татко оздравел од болест. Некои имале повеќе време за медитација и возење велосипед... Верувам дека листата е голема, затоа, ајде да ги понесеме убавите спомени во новата година, да ги запишеме сите лекции на кои 2021 нè научи и да ги закачиме на нашата духовна елка. Ретроспективите постојат за да се збогуваме достојно и без патетика со неостварените соништа и да се мотивираме за утрешното будење.

По тој повод, четворица автори на ТРИ, од четири различни генерации, одговараат на три исти прашања. Овие се спомените, убави и грди, лични и колективни, за годината што ја пречкртавме од официјалниот календар на писателите Винка Саздова, Владимир Мартиновски, Венко Андоновски и Ана Јовковска.

По што ќе ја паметите 2021, лично и колективно?

Винка: Секое помнење е лично, зашто лично е доживувањето на себеси, на другите, на светот. И во тоа е убавината на животот. Секој од нас реалноста ја гледа со своите очи, ја доживува со своето срце и ум. Затоа и постојат вистини колку што има луѓе.

Но постојат нешта за кои сите ќе се согласиме. Оваа година, како и минатата, за жал, на колективно ниво дивееше епидемијата. Ковид или корона, беше најупотребуваниот и најомразениот збор – вест на денот цели 365 дена! Беше тоа како затемнување на сонцето. Ропство во планетарни размери!

И јас, како и сите околу мене, бев втурната во некој вид темнина и одземање на слободата. Стравот е најголемото заробеништво. Нема дружби, нема настани, нема... И сега што е интересно!? Во таа навидум неслобода, се отвори еден чудесен простор на лична слобода. Јас, а се надевам и другите, длабоко го узнав она што го знаев: никој не може да ми го одземе небото, сонцето. Доволен си сам себеси, велат мудреците. И ете ја радоста! Со себе сум. Го правам само она што го сакам, што е добро за мене и за моите најблиски, најсакани.

2021 беше ропство во планетарни размери! 

Значи, ќе ја помнам 2021 година по вистинското враќање кон себе. По нетрошењето на времето и енергијата на она што морам, ами на она што сакам. А ако веќе зборувам конкретно, преку нешто што е видливо и мерливо, оваа година за мене беше исклучителна по две нешта: ми се роди петтото внуче, Ања, и ја објавив мојата прва книга за деца „Ти носам пустински песок“.

Ања ми го украде срцето, што веќе беше украдено (се смее) и ми го потврди она што го знаев: само љубовта нема лимит, нема граници. Срцето е бунар без дно. Ги љубам Анастасија, Лара, Дениција, Миха, Ања, безусловно. Исто, а инаку. Тие ми се најскапоцениот дар во животот. Фала му на Бога за тоа. За сѐ!

„Ти носам пустински песок“ е мојата прва книга за деца (мислев дека можам да пишувам само психолошки романи, но ете! човек не знае што умее сѐ дури не се обиде). Главните јунаци Стела и Сани ми ги вратија детските години. Светот одново почнав да го гледам со детско срце. Каква радост!

Зад нас е уште една тешка „пандемиска“ година, одбележана со здравствена, економска и енергетска криза. Сепак, 2021 година ќе ја паметам како година на Блаже Конески.

Владимир: Зад нас е уште една тешка „пандемиска“ година, одбележана со здравствена, економска и енергетска криза. Сепак, 2021 година ќе ја паметам како година на Блаже Конески, година на значајни јубилеи: еден век од неговото раѓање, 75 години од основањето на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, 40 години од основањето на Катедрата за општа и компаративна книжевност и 40 години од основањето на Институтот за македонска литература. Затоа, 2021 најмногу ќе ја паметам по навраќањето на книжевното и научното творештво на Конески, кое го чествувавме со низа научни собири, симпозиуми, работилници и публикации.

Иако беше тешка година, сакам да ја паметам и по настани кои посебно ме израдуваа: јубилејното издание на Струшките вечери на поезијата, првото издание на Скопскиот поетски фестивал, јубилејното издание на Скопскиот џез-фестивал, првото македонско учество на Европското фудбалско првенство, олимпиското сребро… Како и по честа и одговорноста да бидам амбасадор на наградата за млади преведувачи „Вавилон“, но и по работата на неколку преводи. Ќе ја паметам и како година во која по дведецениска пауза, му се вратив на цртањето.

2021 – година во која интензивно мислевме на вируси, мутации, вакцини, економска сиромаштија, енергетска криза, политичка криза, еколошки регрес…

Ана: Се мислам дали е поважно да почнам од колективната меморија или од личната сложувалка на душата… Ајде, сепак, прво од нашите заеднички болки – тажна и тешка година за многумина. Не само поради пандемијата, иако тркалото на болеста силно ни ги сврти животите наопаку, туку и поради неколку други несреќи. Година во која интензивно мислевме на вируси, мутации, вакцини, економска сиромаштија, енергетска криза, политичка криза, еколошки регрес… Но, да свртам на личните искуства, па да фрлам малку светлина и оптимизам. 2021 ќе ја паметам по моето магистрирање на Културолошките студии на Институтот за македонска литература, по излегувањето на мојата прва илустрирана книга на деца „До небото и назад“ (Едиција „Светулка“), по убавите соработки со Издавачки центар ТРИ, со кој го публикувавме и третото издание на мојата книга „Сакам, значи постојам“, по колумните за „Женски магазин“ што креативно ме „мачеа“, големите интервјуа и портрети за „Хибрид.мк“ кои, пак, ми овозможуваа себерефлексија.

Во 2021 отворив и едно ново поглавје – запишувањето на докторски студии. Но најважно од сè е што целата година ми беше зачинета со најубавиот зачин на животот – љубовта на/од/кон детето. Неговите игри. Неговото растење. Неговото сè... Секој ден.

Досега во Македонија пандемијата однесе жртви колку во три скопски земјотреси од 1963. И се навикнавме на тоа како да е нормално.

Венко: По ништо, на колективно ниво. Одамна веќе не помнам глупости, дури се трудам и да не ги забележувам, иако глупоста стана поагресивна и од класична воена окупација со бомбардирање и гранатирање. Што нормален човек би сакал да запомни од еден „глобален“ санаториум за колективно ментално здравје, во кој живеел една година, и уште во него се појавил вирус кој секој ден коси со косата на смртта? Досега во Македонија пандемијата однесе жртви колку во три скопски земјотреси од 1963. И се навикнавме на тоа како да е нормално.

На лично ниво, по тоа што немав време за себе. За сите имав, за себе не. А кажано е: кога ѓаволот сака да ти ја земе душата, ти го зема времето. Значи, ми претстои сериозна борба со ѓаволот: да ми го врати украденото време! 


После „Малиот принц“ и „Какви му се мислите на човека“, дефинитивно станувам фан на малите книги. Вистината не бара многу зборови. Ако е кажана со срце и ум.
Најдобра или највпечатлива книга што ја прочитавте во 2021?

Винка: Прочитав многу книги, но ќе издвојам едно мало книже што сосем ме освои: „Какви му се мислите на човека“. Тоа е книга што е објавена во 1903 година, а авторот е Џејмс Ален. Може да се рече дека тој е татко на мотивациските книги и прирачниците за самопомош, кои денес ги има во изобилие. Книжарниците се преплавени со изданија кои на читателот му нудат формули за среќа, за благосостојба, за успех... Овој чудесен мислител, на само триесетина страници, има кажано сè. Неговите зборови се дестилат на мудроста и животот. Тоа што го мислам, тоа СУМ. Реалноста самиот ја создавам. Светот е огледало на моите мисли.

Да, после „Малиот принц“ и „Какви му се мислите на човека“, дефинитивно станувам фан на малите книги. Вистината не бара многу зборови. Ако е кажана со срце и ум.

Владимир: Веќе напоменав дека годинава претежно го читав Конески, но секако читав и други, а меѓу највозбудливите и најдобрите книги од македонската книжевност би ги издвоил: „Виола арсеника“ од Влада Урошевиќ (есеистика), „Престапни години“ од Оливера Ќорвезироска (проза), „Гранична состојба“ од Лидија Димковска (поезија), „Авторот во огледало“ од Лидија Капушевска-Дракулевска (книжевни разговори) и „Невидливата куќа“ од Билјана Црвенковска и Ване Костуранов (книга за деца). Иако беа објавени во 2020 година, би сакал да ги издвојам и „Македонско поетско соѕвездие“ од Георги Старделов и „Лирската биографија на Конески“ од Атанас Вангелов. Оваа година излегоа од печат уште неколку книги посветени на Конески, кои планирам наскоро да ги читам.

Ана: Стравот од корона-вирусот и, пред сè, одговорноста за јавното здравје и внимателноста кон најблиските, ме закотви многу дома во 2021, што беше, пак, добро за моето маратонско читачко темпо. Тешко ми е да издвојам само една добра книга, па дозволете ми барем четири што ги прочитав годинава: „Пчеларот од Алепо“ од Кристи Лефтери, „Авантурите на лошото девојче“ од Марио Варгас Љоса, „Книжевноста низ критичка визура“ од Ана Мартиноска и „Култура и книжевност“ од Иван Џепароски. 

Венко: Убедливо најубавото нешто што се случи во издаваштвото оваа година е дигитализацијата на делата на Конески, од страна на МАНУ. Конечно, Конески влезе во секој македонски дом, каде што му е и местото. Со еден „клик“ го добивате делото на великанот на екран. Страшно беше тоа досега: некои книги на Конески не можевте да ги најдете дури ни во библиотеките за македонистика! Ние сме народ за срам и арам што се однесува до односот кон традицијата и предците. Со ова, малку се поправивме.

Од нашата белетристика особен впечаток ми остави романот „Трамонтана“ на Наташа Сарџовска. Ја знаев како поетеса, но пријатно ме изненади со романот. Имаме ние златни пера во сите генерации, а не се препознаени и вреднувани.


Посакувам да почнат да виорат топли, љубовни ветришта околу мене, околу нас. Да гледам насмеани лица. Да слушам инспиративни приказни и да среќавам луѓе што вдахновуваат.
Што посакувате во 2022 и што очекувате од себе во новата година?

Винка: Здраво тело, спокоен ум, радосно срце за целото мое семејство и за сите знајни и незнајни. Ништо друго. Сè друго само ќе си дојде. Посакувам да почнат да виорат топли, љубовни ветришта околу мене, околу нас. Да гледам насмеани лица. Да слушам инспиративни приказни и да среќавам луѓе што вдахновуваат. Да се обои ова сивило што нѐ обвило како леплива магла, што душата ја труе. Само толку. Само!? Па тоа е сѐ (се смее).

Посакувам поголема солидарност, повеќе добрина и човечност кај луѓето.

Владимир: Посакувам конечно да заврши, да стивне, да исчезне пандемијата, која однесе премногу животи и кај нас и во светот. Да најдеме сила и мудрост за да се справиме со нејзините последици. Посакувам поголема солидарност, повеќе добрина и човечност кај луѓето. Меѓу моите планови за новата 2022 клучно место има ракопис со компаративни есеи, со работен наслов „Век со Конески“. Би сакал да работам и на еден ракопис со куси прози што го започнав неодамна.  

Ана: Посакувам добро здравје, физичко и ментално. Љубов и спокојство. Ако ги имаме овие елементарни работи, што ќе наумиме – ќе може да постигнеме.

Во 2022 година мојот книжевен календар ќе биде плоден (се смее), па може да очекувате две нови книги – едната научна, а втората книга со раскази и колумни (интимна и покомерцијална), и двете изданија на ТРИ. Ако пандемисково лудило се стиши, како што очекува светската научна јавност, планираме промотивна турнеја низ различни градови. Можеби некој ќе се разочара, но во 2022 од мене ќе има редуциран број на колумни и интервјуа, заради ново работно место со кое почнав на самиот старт од годинава. Просто ќе морам фокусот од медиумите да го пренасочам кон Институтот за македонска литература. Чувството е како кога се разведуваш, ама, пак, имаш нов љубовник (се смее). Креативноста ќе ја канализирам во една друга форма на научно-истражувачка работа. Во секој случај, останувам присутна пред окото на јавноста, само во редуцирана форма.

Се радувам и тажна сум во исто време... Не знам како да опишам, но човек не може да се клонира на десет места, особено кога најважното место на кое интензивно треба да биде присутен (тука мислам на вистинско присуство) – е животот на своето петгодишно дете. Но, само добро здравје и чиста и слободна мисла!  

Венко: Посакувам да прекине пандемијата и владеењето на глупоста и парите. Знам дека се тоа речиси неостварливи желби, но суштината на желбата е токму во посакување на она што изгледа невозможно; во спротивно, желбата би била очекувано предвидување и ништо од нејзината хипнотичка убавина. Од мене, во новата година, очекувајте конечно да си го одржам зборот: да седнам и да го завршам веќе романот „Папокот на светлината“. А тоа значи: да појдам кај ѓаволот, без да тропнам на врата, и без пардон да си го вратам она што најдрско ми го украде оваа година: моето време.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново