КАКО ПОЧНУВААТ КНИГИТЕ КОИ НИКОГАШ НЕ ЗАВРШУВААТ?

КАКО ПОЧНУВААТ КНИГИТЕ КОИ НИКОГАШ НЕ ЗАВРШУВААТ?

Секој крај е нов почеток. А секој почеток на нова книга е патоказ до нешто што нема крај. Оттука почнуваат приказните кои засекогаш ќе се вдомат во вашето срце.

Следните редови се вовед во вртоглави искуства. Зашто токму овие реченици се почетната точка која води до бескрајот! 

„Во еден миг“ од Сузан Редферн

Госпоѓа Камински знаеше.

Уште пред да се случи.

До тој ден мислевме дека е психопат, невротична и параноична. Зад грб ја нарекувавме наредник и ни беше жал за Мо што мораше да се справува со таква фобична, опсесивна мајка. Заштита беше премногу благ збор за начинот на кој г-ѓа Камински ја чуваше својата ќерка. Роденденските забави на плажа или базен ѝ беа забранети, освен ако не беше присутен спасувач и доколку на г-ѓа Камински ѝ беше дозволено да биде присутна – четириесет и нештогодишна сенка што демнеше од песокот или од работ на водата, будно надгледувајќи ги дванаесетгодишните деца. Дизниленд не доаѓаше предвид. Беше ситна, тивка жена, висока одвај метро и педесет, со пријатна насмевка и мошне учтива, па беше тешко да се поверува колку е непопустлива кон Мо.

„Ахиловата песна“ од Мадлин Милер

Татко ми беше крал и син на кралеви, со низок раст – речиси како сите ние – и граден како бик, крупен во рамењата. Со мајка ми се оженил кога таа имала четиринаесет години; свештеничката се колнела дека е плодна. Била добра прилика: била единица и богатството на татко ѝ требало да премине во наследство на нејзиниот сопруг.

Дури на венчавката сфатил дека е малоумна. Татко ѝ внимателно ја криел сѐ до церемонијата, а мојот татко се согласил со тоа. Дури и да се покаже дека е грда, секогаш има робинки и млади слуги. Кога надокрај ѝ го симнале превезот, велат дека мајка ми се насмевнала. По тоа и дознале дека е со слаб ум. Невестите не се насмевнуваат.

„Вилино“ од Винка Саздова

Вили подзастана пред врамената фотографија закачена на ѕидот спроти влезната врата на кафетеријата и молкум воскликна: Ти се верува ли, Димитри!? Успеавме! Оттаму еден средовечен маж гледаше право во неа и се смееше. Имаше ковчесто лице со две долги брчки на образите што личеа на бразди, длабоки сини очи, подобелена коса отстрана, ќелаво теме. Само веѓите не му соодветствуваа на ликот. Беа црни и густи, чиниш две птици влетани една кон друга. Врие од луѓе, додаде Вили со одвај забележливо кимање на главата и се сврти упатувајќи се накај шанкот. Ги нареди на послужавникот кафињата и цедените сокови подготвени од високото, суво момче што стоеше од другата страна на шанкот, па полетно тргна накај вратата. Се подзаврти пред да излезе и фрли уште еден искрив поглед кон фотографијата. Знам, среќен си, и јас сум! си рече и возгордеано го пречекори прагот.

„Пчеларот од Алепо“ од Кристи Лефтери

Се плашам од очите на жена ми. Не може да гледа низ нив, а никој не може да види во нив. Видете, како камчиња се, сиви камчиња, морски камчиња. Видете ја. Видете како седи на работ на креветот, ноќницата ѝ е наземи, низ прстите ја вртка џамлијата на Мухамед и чека да ја облечам. Бавно си ги облекувам кошулата и панталоните, зашто ми е прекуглава да ја облекувам неа. Видете ги наборите на нејзиниот стомак, во боја на пустински мед, потемни на местата каде што се преклопуваат. Видете ги нежните сребрени линии на кожата на нејзините гради и врвовите на нејзините прсти со малите ранички, каде што браздите и долините некогаш беа извалкани со сина, жолта или црвена боја. Порано смеата ѝ беше како злато, покрај тоа што можеше да се чуе, беше и видлива. Видете ја, зашто мислам дека исчезнува.

„Картата на жалењето“ од Натали Сковронек 

 По читањето на новинскиот напис, човек не знаеше каков заклучок да изведе од сето тоа. Многу се зборуваше за љубов. Сите ја оплакуваа Вероника Вербриген, ама работата не беше сосем јасна. Кој кого сакал, кој од кого бил сакан? Во написот се споменуваше и покана за комеморација за покојната. И дека на комеморацијата се добредојдени сите што ја познавале и ја сакале Вероника Вербриген. А кога сме веќе кај тоа, од напишаното можеше да се заклучи дека Титус Сегје нема да ја напушти својата куќа во селцето Финиел на планината Лозер за да присуствува на комеморацијата. И покрај тоа што се заколнал дека никогаш нема да ја изневери таа жена, како што му споменал на новинарот пред крајот на нивниот разговор.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново