БИБЛИОТЕКИТЕ НА НАШИТЕ ЧИТАТЕЛИ – ЕВА РИСТЕВСКА

БИБЛИОТЕКИТЕ НА НАШИТЕ ЧИТАТЕЛИ – ЕВА РИСТЕВСКА

Ева Ристевска од село Дрмени, Ресенско, е млада писателка и авторка на романот „Звукот на тишината“. Уште како мала пишувала за своја душа, користејќи го псевдонимот Црна ружа – и во основното и средното училиште добила неколку награди на конкурси. Денес Ева е студентка на трета година на теориска математика на ПМФ во Скопје, со љубов кон пишаниот збор, филозофијата, цртањето портрети, а особено пеењето и свирењето пијано.

Инспирирана од западното германско движење и нивните идеали, „Звукот на тишината“ е приказна која започнува со почеток на учебната 1960 година во едно средно училиште во Долна Саксонија, што означува ново поглавје во животот на Клара. Таа се запознава со група истомисленици, запловувајќи во водите на политиката, заедно со неколкумина средношколци и студенти кои се глас на револуцијата против тоталитаристичкото општество. Како автор, Ева се обидува преку своите зборови да покаже дека и добрите и лошите работи и чувства се дел од животот на човекот.

Како страстен читател, библиотеката на Ева претставува нејзино бегство од реалноста.

– Никогаш не сум изброила колку наслови имам во мојата домашна библиотека, но како љубител на книги и страстен читател, немам толку богата библиотека. Би рекла дека ги чувам најдрагите, најскапоцените книги и оние кои се пренесуваат од поколение на поколение – споделува Ева.


Најдраги ѝ се книгите што ги купува на старо, оние ретки изданија кои можат да се пронајдат само во дрвените куќарчиња на кеј или во некоја антикварница низ Старата скопска чаршија. Тие за неа имаат посебна убавина, знаење и историја, а приказната која ја пренесуваат е најголемото богатство.

– Тешко е да се одлучам за омилена книга и омилен автор – ги има многу, а и секој ракопис си носи дел од душата на авторот. Ако би морала да бирам, од книги би ги издвоила „Човековата потрага по смисла“ од Франкл, „Гарванот“ од Едгар Алан По, „Смрт во Венеција“ од Ман, „Кога Ниче плачеше“ од Ирвин Јалом, како и „Злосторство и казна“ од Достоевски. Но тука се издвојува и Песоа со неговите собрани мемоари во „Книга на немирот“, каде што упорно нѐ тера нас читателите да си го поставуваме прашањето: Дали и колку сме бедни самите ние? – Човекот самиот повеќе се казнува и измачува отколку што тоа може да го стори општеството – додава Ева. 

Следна за читање на Ева ѝ е книгата „Ништо“ од Кармен Лафорет, која ја има добиено за подарок од нејзините драги читателки.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново