ГРАНТ КАРДОН – ГОЛЕМИОТ ЅВЕР ВО СВЕТОТ НА БИЗНИСОТ

Грант Кардон е од оние умови кои владеат во бизнисот, не само поради големиот успех во работата туку и поради силната презентација и споделување на своите искуства со секој што тргнал по тој пат.
From zero to hero – неговата приказна вреди да се раскаже.
Овој човек поминал низ многу премрежиња допирајќи го дното, а сега е на врвот и несебично ги споделува своите искуства со широката публика. Роден е во Луизијана, во големо семејство кое доживува финансиски крах по смртта на татко му. Како бивш зависник од дрога, со трауми и страв од сиромаштија и неуспех, решава дека мора да почне од почеток, да се натера на активно размислување и работење стремејќи се кон успех и голема заработка. Неговата опсесија кон пороците одеднаш го менува курсот и станува мото на неговиот живот, спас за самиот себе. Го води увереноста дека само со силна верба во сопствениот потенцијал и грабање на големи пространства неминовно се стигнува до личен успех!

Неговите книги Правилото 10x и Бидете опседнати или бидете просечни во бизнис-светот се читани како свет грал. Професионалците едноставно му веруваат затоа што го гледаат неговиот пат кон височините. Овој ѕвер од човек има своја империја. Докажан во полето на претприемништвото и јавното говорништво, Грант е навистина grand!
Според последните статистики за 2020 година, неговото богатство тежи 300 милиони долари! На возраст од 62 години, Грант пилотира со свој приватен авион, вежба ревносно и изгледа апсолутно онака колку што вреди. Тој нѐ поучува секогаш да го храниме ѕверот во себе. Чувството на „глад“ за повеќе, за тргнување кон целта без сопирање, фокусот кој треба да ни е ласерски вперен во нашите цели – сите овие опсесии кон успех се силен мотор кој буквално полетува кон вашите лични височини.
Кардон во моментов е сопственик на „Кардон ентерпрајсес“, „Кардон недвижности“, „Кардон груп“. Сите овие компании остваруваат милионски приход. Неговите програми за продажба ги купуваат илјадници компании, а тој самиот зборува пред извршни директори, раководители и претприемачи низ целиот свет. Во 2011 година Кардон стекна уште поголема популарност со краткотрајното шоу на „Нешнел џиографик“ наречено „Кралот на пресвртот“. Во него тој ги користи своите вештини и техники за да им помогне на бизнисмените да се охрабрат во зацврстувањето на своите бизниси.

Кој не би сакал да се огледа на овој човек – подвижна сила?
Грант во книгите се посветува на начинот на размислување и на вежбите што треба да ги правите за да се насочите бескомпромисно кон акциите што ќе ги преземате. Самиот ве води низ неколку едностави правила кога станува збор за остварување на целите. И вие можете да пробате:
1.Запишувајте ги своите цели на хартија секој ден.
2.Избирајте цели што се надвор од вашиот досег.
3.Прашајте се дали избраните цели се соодветни на вашиот потенцијал.
4.Никогаш не поставувајте си реални цели, тие секако постојат во животот. Поставете си повисоки цели од вообичаените!
Ваквите правила водат и до прашањето колку сме свесни за сопствените барања од светот и за чувството на реализираност.
Опсесивното билдање на умот во насока на успех ќе ви го скрши оклопот на комфорност кој општеството го формира околу вас. Не морате да бидете просечни, не мора да бидете во зоната каде што нема промени, нема развој. Можете сосем поинаку. А има и начин како да го постигнете тоа! Многу луѓе по читање на „Правилото 10x“ не можеле да го дофатат вистинскиот начин на преуредување на сопствените бизниси и да ги осмислат вистинските чекори, па тогаш Кардон сфаќа дека тука недостига дел од мозаикот – а тоа е идејата за опсесијата. Опсесијата е делот што недостига, менталниот склоп кој ќе ви овозможи да го примените правилото 10х во вашиот живот.
За да излезете од кругот на просечноста, вие просто мора да тргнете кон освојување на врвот. Просечноста е неуспешна формула што не помага никому, без разлика колку некој се обидува да пронајде смисла во неа. Не можете да учите од сиромашен човек како да се збогатите. Не можете од некој со пропаднат брак да научите како вашиот да биде функционален. Просечна личност не може да ве учи како да бидете исклучителен.
Додека ја читате книгата, веројатно ќе си го поставите прашањето – Како да откријам со што сум опседнат?
1.Пред сè, прашајте се зошто го правите она што (во моментот) го правите.
2.Која е вашата цел?
3.Што ви предизвикува возбуда?
Кога ќе си ги поставите сите овие прашања, ќе стигнете до личниот облак информации што можеби и не ги препознавате во бурата што ја носи секојдневјето. И знајте – сè може да биде опсесија. Она што ќе ви донесе успех, тоа треба да биде водичот напред. Одржувајте ја опсесијата свежа – учете, надградувајте се, читајте ги искуствата низ кои поминал овој џин, од страв и сомнеж до лична империја! Практикувајте ги целите што ги запишувате секој ден. Дури и да не се остваруваат со темпото кое го посакувате, никогаш не застанувајте! Зашто опседнатите наоѓаат време, а не оправдувања.
Грант Кардон добро го знае тоа – и затоа е онаму каде што е. На врвот на светот!