ДОБРАТА ПОЕЗИЈА СЕ ТЕМЕЛИ ВРЗ ДОВЕРБАТА ВО ИНТУИТИВНОТО

ДОБРАТА ПОЕЗИЈА СЕ ТЕМЕЛИ ВРЗ ДОВЕРБАТА ВО ИНТУИТИВНОТО

ВЛАДИМИР МАРТИНОВСКИ, писател и универзитетски професор

Пишува: Ана Јовковска

А. Ј.: „Синтагмата Блиску, а далеку најчесто алудира на некој неуспех, кој за ронка ќе бил успех. Или на непознавањето на работи што ни се цел живот пред нос, а не сме ги забележале... Насловот на книгата Далеку, а блиску е еден вид инверзија на оваа позната синтагма.“
Кои работи што ви биле пред нос, а сте ги пропуштиле, сè уште одвреме-навреме носталгично ги ставате на памет, на контото на пропуштеното?

В. М.: Ако човек носталгично мисли на пропуштеното, ќе пропушти уште многу работи за кои подоцна можеби ќе жали. Тоа што ни е пред нос, нема да биде вечно таму. А и ние не сме вечни. Нема никакво фајде од ламентирање по минатото. Повеќе ме интересира што можам сега да направам. На сличен начин настана и книгата Далеку, а блиску. Еден ден почувствував дека со годините се наталожиле доволно студии и текстови за јапонската литература и за македонското хаику. Дури кога ја составив книгата од 33 текстови, сфатив дека би сакал да пишувам и за други автори и книги. Ама човек мора да става и точка кога се работи за еден проект. А некогаш и три точки...

Инаку, живееме во време во кое дури и се зборува за нов синдром на „пропуштени прилики“, дека којзнае што сè пропуштаме секојдневно. Потрошувачкото општество нè прави вечно незадоволни, како деца на кои играчките на другите деца им се секогаш поубави. Човек мора да прифати дека сме на едно место во едно време. Да си задоволен со тоа што го имаш, на пример, здравјето. За жал, го цениме кога го губиме, како и многу други работи.


Се зборува за нов синдром на „пропуштени прилики“, дека којзнае што сè пропуштаме секојдневно.


А. Ј.: Зборот зен потекнува од санскритскиот термин дјана. Во Далеку, а блиску пишувате за етимологијата на зборот зен, како и соодветниот идеограм како најубави покази за проникнувањето на духовните традиции од трите источни култури: индиската, кинеската и јапонската. Ве цитирам: „Корените на зенот достигнуваат до индискиот будизам, но во него се чувствуваат влијанијата на таозимот и конфучијанството, како и на јапонскиот сензибилитет, кој го има вткаено зенот во огромен број уметности, вештини и сегменти на живеењето (чајната церемонија, хауику поезијата, но-театарот, боречките вештини, икебаната, пејзажната архитектура). Еден од најзначајните современи проучувачи на зенот, Д. Т. Сузуки, за влијанието на зенот врз културата на живеење во Јапонија вели: ’Вистината на зенот, или барем една трошка од вистината, е во тоа што здодевниот живот, животот на едноличното секојдневие што не нè вдахнува, го претвора во живот-уметност, исполнет со вистинска внатрешна креативност‘.“ Да го свртам кормилото и да ве прашам за досадата… Како би ја опишале досадата во време на пандемија?

В. М.: Наполно се согласувам со Сузуки! Уметноста е од обичното, дури и од навидум здодевното, да направиш уметност, а Јапонците успеале од сè да направат уметност. Живееме во време на спектакли, на лажни вести и ненаситна потреба од нови сензации. Да се сочува во себе катче на мир и спокој е огромен предизвик денес. Како поетски облик, но и како сензибилитет, хаикуто ни покажува дека нема неважни работи во животот. Секој миг може да стане вечност. Но обично сме премногу обземени со себеси и со нашите „нерешливи проблеми“, па не ги ни забележуваме тие убавини.

Живееме во време на спектакли, на лажни вести и ненаситна потреба од нови сензации.

 

А. Ј.: Главните марифети на зенот се: постојаната присутност, будност, свесност. Или како што е примерот од една зен-приказна: „Го возам велосипедот за да го возам велосипедот“. Успевате ли да живеете во мигот? Дали сега и овде ви се поприсутни од некои невидливи ќошиња на потсвеста, во минатото или, пак, во некои амбициозни проекции за иднината?  

В. М.: Додека го изговараме зборот „сега“, тој веќе му припаѓа на минатото. Ако постојано мислиме на иднината, стануваме нејзини заробеници. Но да се живее сега и овде веројатно и не е невозможно. Ако не им робуваме на сеќавањата или на очекувањата. Ако сфатиме дека сме ограничено време тука и дека сепак имаме право на спокој, надеж, будност и слобода.

Потрошувачкото општество нè прави вечно незадоволни, како деца на кои играчките на другите деца им се секогаш поубави.

 

А. Ј.: Пишувате за тоа дека во зен-приказните нема ни ронка глорифицирање на личностите на учителите. Нема ни патос ни правење некаков „култ“. Големите учители се прикажани како „обични“ луѓе, кои сепак умеат да го направат она што е најбитно за подучување на учениците. Тие не настапуваат од позиција на моќ и авторитет, туку од позиција на некој што е подготвен постојано да учи за да подучува. „Оној што проповеда без просветление го убива будизмот“ – гласи една поговорка.
Ќе ве опишат ли вас вака ако ги прашаме вашите ученици, студентите на Катедрата за книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“?

В. М.: Тоа јас не би можел да го одговорам. Би требало нив да ги прашате. Огромна чест е да се биде некому наставник, учител, даскал. Тоа не е само професија, тоа е доживотен предизвик.

Да се сочува во себе катче на мир и спокој е огромен предизвик денес.

 

А. Ј.: „Учителите и учениците, мајсторите и нивните калфи се прикажани како воини на човештвото што настојуваат да ги спасат сите чувствителни суштества. Учителите не држат долги беседи и не морализираат, тие со сопствен пример и со мајсторска вештина им го покажуваат патот на следбениците. Учителите низ конкретна животна ситуација настојуваат да им пренесат некаков совет на своите ученици, така што во ткивото на приказната неретко наидуваме на мудрости сублимирани во поговорки со универзални димензии, како на пример: ’Ти треба да се приспособиш на околината, а не таа на тебе‘, или ’Секој што би можел да го сретнеш во животот, дури и да ти изгледа обичен и незначаен… гледај го како мудар Свет човек‘.“
Што ви е најважно да ги научите сопствените деца?

В. М.: Да ги почитуваат другите. Да го гледаат и да го бараат доброто во секој човек. Да умеат да простат, оти сите грешиме. Да бидат свои. Да бидат подготвени да учат...

Владимир со синовите Филип и Павел
А. Ј.: Се вели дека понекогаш една слика може да говори повеќе од „океан од зборови“. Неодамна на Фејсбук го видов автопортретот на вашиот осумнаесетгодишен син. Не знам дали уметничкиот талент му е во гените, но ако ги следи творечките стапки на татко му, тогаш несомнено може да очекуваме плодна творечка продукција. После колку ваши издадени книги го правиме овој разговор денес? Не можам веќе да бројам, бидејќи од нашето последно интервју досега вие сработивте уште неколку книжевни и музички проекти. Што најважно и што најубаво минатата година, со најмногу мерак?

В. М.: Минатата година, покрај книгата Далеку, а блиску, од печат излегоа уште неколку книги – стихозбирката 101 сонет од една чудна пролет, книгата песни за деца Шах со Бах, како и изборот од мојата поезија и хаибуни Преображенија, преведен и приреден од страна на бугарскиот поет и сликар Роман Кисјов. Секоја од овие книги ми донесе голема творечка возбуда, секоја на свој начин. Последнава година работев и на неколку препеви. Деновиве излезе од печат Ноќни луѓе (ПНВ), изборот од поезијата на хрватскиот поет Иван Херцег. Во пандемиските околности ја преведував и книгата на Силвен Тесон посветена на Богородичната црква во Париз, која наскоро ќе излезе во издание на ТРИ...Секако, многу се радувам кога секојдневно гледам како син ми ги открива тајните на сликарството. Неговите слики ме радуваат дури и многу повеќе од моите книги.

А. Ј.: „Само варварски ум може да не го види цвеќето, само животински ум може да не сонува за месечината. Првата задача за секој уметник е да го надмине варварското или животинското срце со ум, за да стане едно со природата“ (Башо). Според овој автор, клучниот предуслов за уметничкото творештво е постојаната поврзаност на уметникот со природата. И хаибунот се базира токму врз патувачките искуства на писателот. Вие сте голем љубител и поборник за природата. Како поконкретно би го опишале вашиот однос со природата, со планините?...

В. М.: Природата е ненаметлива, трпелива, трепетлива, а секој миг различна. Би можеле да ѝ ги доделиме и епитетите кои св. Павле ѝ ги доделува на љубовта. Таа е долготрпелива, полна со добрина, сè претрпува... Гледајќи ги разните ужасии што ѝ ги правиме, пред сè испосечените шуми, неретко се прашувам како ли нè крепи природата. 

Гледајќи ги разните ужасии што ѝ ги правиме, пред сè испосечените шуми, неретко се прашувам како ли нè крепи природата. 

 

А. Ј.: „Верувам дека треба да се патува без многу багаж“ – вели Башо, буквално, но и метафорички. Кој личен багаж го носите секогаш со себе?

В. М.: Од екраните не ги забележуваме ни најблеските, а камоли природата. А кога е човек во природа, најбитно е да не го носи невидливиот но најтежок багаж на мислите, кој е многу потежок одошто мислиме. Ако успееме макар за миг да ѝ се препуштиме на природата, сфаќаме дека најубаво се патува без никаков, буквално никаков багаж. Неколкупати сум ја доживеал таа слобода и не би ја трампал за ништо.

Неколкупати сум ја доживеал таа слобода и не би ја трампал за ништо.

 

А. Ј.: Колку пандемијата ви го промени животот. Што правите периодов?

В. М.: Пандемијата е ужасна. Додека боледуваа мои блиски роднини и пријатели, срцето ми беше во петици и сè уште се соземам од претрпениот стрес. За жал, пандемијата ни однесе многу пријатели. Дури и кога би се ограничил само на поетите кои ми се исклучително драги, загубите се огромни: Богомил Ѓузел, Коља Мичевиќ, Магалеш Дабрал, Шанка Гош... Пандемијата ме раздели и од вујко ми Момир Поленаковиќ, како и од неколку пријатели. Таа на сите драстично ни ги промени животите. Сè почнавме да правиме преку компјутер. Телефоните ни сраснаа со дланките. Можеби пандемијата ни покажа колку сме кревки, кршливи, краткотрајни. Можеби и ни покажа колку е драгоцен секој миг, секој нов ден. Периодов го користам за да читам книги кои долго време трпеливо чекале на ред. Се обидувам да ѝ се радувам на пролетта, како и на можноста по долга пауза да ги видам моите пријатели во живо.

Додека боледуваа мои блиски роднини и пријатели, срцето ми беше во петици и сè уште се соземам од претрпениот стрес. За жал, пандемијата ни однесе многу пријатели.

 

А. Ј.: Колку ви е блиска филозофијата дека „вознемирувањето доаѓа однатре“, или дека најголемите пречки на патот, но и орудијата и целта за нивно надминување, се внатре во секој човек („Отвори ја својата ризница“)?

В. М.: Во таа приказна има голема мудрост. Сè е внатре во нас. И мирот и немирот. И најубавите работи на светот, но и најгрдите. Наш избор е со која ризница ќе се занимаваме. Која ќе расте, а која ќе се намалува. На што ќе му дадеме предност. На кои мисли ќе им се препуштиме, а кои ќе ги пуштиме да испарат.

Пандемијата на сите драстично ни ги промени животите. Сè почнавме да правиме преку компјутер. Телефоните ни сраснаа со дланките. Пандемијата ни покажа колку сме кревки, кршливи, краткотрајни.

 

А. Ј.: Зенот се третира како „живо знаење“, а не како доктрина која може да се усвои преку книгите. Кои доктрини според вас се најопасни за човештвото?

В. М.: Па, веројатно тие што мислиме дека ќе ги усвоиме инстантно. Со една книга, која и да е. Уште од преисторијата до денес, најбитните знаења луѓето си ги предаваат непосредно, како живо знаење. Учителот може да ни објасни и да ни покаже како се плива, но ако ние не пливаме со рацете и нозете, ќе потонеме. Опасна може да биде секоја доктрина која се зема здраво за готово, која не се преиспитува низ сопственото искуство. Особено опасни се сите доктрини кои отворено или прикриено шират омраза кон другите.

А. Ј.: Реторичкото прашање на зен-учителот во една од најпознатите приказни гласи: „Како да ти го објаснам зенот ако претходно ја немаш испразнето својата шолја?“ Или она: „Како и оваа шолја, полн си со своите убедувања и предрасуди“. Со кои предрасуди се буткате на рака? 

В. М.: Сите имаме предрасуди. И многу повеќе отколку што мислиме или сме подготвени да си признаеме. Неодамна еден пријател на софра кажа една голема вистина: луѓето се вљубени во сопствените предрасуди! Еден вид противотрови за предрасудите се патувањата, стекнувањето знаења, отворениот дијалог.

Владимир со сопругата Верица
А. Ј.: „Зен-приказната е еден вид жанр на иницијацијата. Сведоштва за можноста за позитивна преобразба на една конкретна личност“. Имате ли еден момент во животот којшто би можеле да го посочите како некакво просветлување? Случка која ви влепила освестувачка шлаканица во животот? Иницијација за...

В. М.: Ги има многу. Еднаш на Водно фрлив лушпа од банана. Еден пријател Норвежанец ми рече да си ја приберам в ранец. Почнав да се правдам дека бананата е органски отпад и ќе се распадне наскоро. „Но на Водно не растат банани“ – беше неговиот зен-одговор, кој и ден-денес го паметам.


Во животот сум имал среќа да учам и сè уште учам од моите родители, од моите пријатели, од моите учители и колеги. Постојано учам и од студентите.


А. Ј.: Eден од патописите на најпознатиот и највлијателниот јапонски поет на сите времиња, Мацуо Башо e: „Секое менување на патот носеше нови погледи, секоја зора, пак, ми ја будеше инспирацијата“. За Башо ќе речете дека „е поет за кого пишувањето е неразделно од патувањето. Тој верувал дека од секој миг во животот може да настане уметничко дело. За него не постојат важни и неважни работи во перцепцијата на светот околу себе: стариот гавран на голата гранка, плашилото во житните полиња, мравките во постелата, расцутените црешови стебленца или славејот меѓу бамбусите – сето тоа може да биде предмет на поетска експресија. Без разлика за што пее, поетот (а и читателот) за миг станува ’едно‘ со она за што се пее“.
Колку што е ова точно за Башо, толку личи и на вас (се смее). Имам право или грешам?

В. М.: Како голем поет, Мацуо Башо ни открива една од основните јавни тајни на уметноста. Таа е еден вид патување, од кое секогаш можеме да откриеме нешто ново за себе. Таа е можност да влеземе во кожата на другите, да си ги прошириме видиците. Добрата поезија се темели врз довербата во интуитивното.

А. Ј.: „Леснотијата значи да го кажеш тоа што го гледаш без да се присилуваш… Постојат два начина да се напише песна: едниот е природен начин, кога песната се раѓа внатре во себе, а вториот начин е да се создаде со помош на техника“ (Мацуо Башо). Истражувајќи и пишувајќи за неговото творештво, ќе речете дека за Башо литературата не е само „техника“, ами пред сè и над сè, „начин на живот“.
Што е поезијата најмногу за вас?

В. М.: Токму деновиве ја препејувам прекрасната индиска поетеса Тишани Доши, која вели дека „песните доаѓаат како дожд, ненадејно отворајќи го небото“. Се согласувам и со Башо и со Доши, дека поезијата е неразделна од животот. Се согласувам и со нашиот Блаже Конески, кој вели дека „песните нè обврзуваат“. За да настане добра песна, таа треба да се случи, да се појави во вистинскиот миг, да не ја преспиеме, но потребна ни е и барем малку вештина.

А. Ј.: Ќе се согласиме дека постои еруптивен интерес за хаикуто и за јапонската поезија во творечките лаборатории на современите македонски писатели. Ќе речете: Постојат простори во кои со векови секојдневно имало поетски ерупции, лирски сеизмички раздвижувања и творечки изблици на убавото. Меѓу нив спаѓаат и јапонските острови. Ја нарекуваат „Земја на изгрејсонцето“, „Земја на црешовиот цут“, „Земја на чајната церемонија“, „Земја на новата технологија“, но за Јапонија слободно можеме да кажеме дека е и „Архипелаг на поезијата“.
Сте биле ли во Јапонија?

В. М.: Во Јапонија сум бил преку поетските слики на Бусон, Иса и Башо, преку естампите на Хирошиге, романите на Сеи Шонагон и Кавабата, преку расказите на Акутагава и Мишима, преку филмовите на Куросава или музиката на Сакамото, ама не сум стапнал на јапонските острови. Духовно растеме и преку имагинарните патувања што ни ги овозможува уметноста. Секако, сонувам еден ден и физички да ја посетам Јапонија.

А. Ј.: Што ве прави вистински среќен?

В. М.: Едноставни работи: прошетка на планина или во парк, средба со пријател, насмевките на блиските, искрен муабет, добра прочитана или напишана песна, музицирање со пријатели, спонтан хумор, спортување со пријатели, сонце, снег, звукот на дождот, пеењето на птиците... Разговор за битни работи, како овој, на пример.

 

Фото: Евгениј Хоуп и приватна архива

Локација: Кафе-книжарница ТРИ, Дебар Маало

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново