КАКО НИ ВЛИЈАЕ СЕКОЈДНЕВНОТО ЧИТАЊЕ?

КАКО НИ ВЛИЈАЕ СЕКОЈДНЕВНОТО ЧИТАЊЕ?

Замислете дека стоите под еден висок прозорец и не можете да видите што има зад него, видикот ви е скриен од ѕидот. Почнете да читате и книга по книга редете ги под прозорецот. Оние кои не читаат никогаш нема да видат што има од другата страна, а оние кои читаат ќе се искачат на купчето прочитани книги и не само што ќе ја видат прекрасната глетка, туку и ќе преминат од другата страна.

Тоа е и целта на книжевноста – да ги шири хоризонтите. Па искачувајте се книга по книга, работете на тоа постојано, а во меѓувреме погледнете ги позитивните страни од секојдневното читање! Кои се психолошките придобивки од читањето?

Гимнастика за умот

Она што значи физичката активност за телото, тоа е читањето за умот. Фикција или нефикција, метафизичка или мотивациска гимнастика – не е важно. Читајте и тренирајте го умот да мисли и да се развива! Како што е потребно редовно вежбање на телото, истото важи и за умот.

Се зголемува концентрацијата

Додека читате, заминувате на некое друго место. Како што навлегувате во приказната, така сè повеќе се концентрирате на звуците и сликите во описите, на изгледот на ликовите, па сцените од книгите ви се одигруваат во умот. Тогаш заборавате на сè околу себе. На овој начин ќе стекнете навика целосно да се концентрирате во секоја работа што ја правите.

Се намалува стресот

Според една студија од 2009 година, со само шест минути читање секој ден се намалува стресот за 68 проценти. Да читате триесет минути е како триесет минути да вежбате јога. Читањето е начин да побегнете од грижите или, што е уште подобро, да ги совладате.

Се подобрува речникот

Ова е повеќе од јасно! Читајќи, како сунѓери ги впиваме сите прекрасни и несекојдневни зборови од книгите, а автоматски почнуваме да ги забележуваме и правописните правила. Дури и без да бидете свесни за тоа, ќе почнете да го применувате запомнетото.

Се продолжува животот

Едно истражување спроведено на Универзитетот Јејл докажало дека луѓето кои читаат по најмалку 30 минути дневно живеат подолго од оние кои не читаат. Најдолг животен век имаат оние кои читаат фикција, а најкраток луѓето кои читаат списанија и весници.

Станувате поемпатични

Знаете ли дека на Харвард е докажано дека оние кои читаат книжевни дела многу подобро ги идентификувале емоциите на луѓето кои ги набљудувале, изразени на лицето? Колку повеќе сте навлезени во книжевноста, толку подобро го запознавате светот околу себе и полесно ги „читате“ неговите изрази.

Релаксација и смиреност

Најдобриот начин за релаксација е преку читањето. Духовните книги го намалуваат крвниот притисок, додека книгите за самопомош ги смируваат луѓето кои страдаат од промени на расположението.

Зголемување на аналитичките мисловни способности

Замислете дека читате трилер и самите ја решавате мистеријата. На овој начин го тренирате умот самостојно аналитички да работи. Способноста да навлегувате во детали ќе ви ги прошири хоризонтите на дедуктивното мислење.

Ако сè уште не сте прочитале ништо денес, денот не е завршен!

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново