ОД КОЈА КНИГА ДА ГО ЗАПОЧНЕТЕ ЧИТАЧКОТО ШАФАК-ИСКУСТВО

ОД КОЈА КНИГА ДА ГО ЗАПОЧНЕТЕ ЧИТАЧКОТО ШАФАК-ИСКУСТВО

Ве мачи мислата од која книга да започнете со читање на делата на Елиф Шафак? Ако не можете да се решите, проследете го книжевниот водич што го подготвивме за вас.

Со најмоќниот женски глас во современата литература, збор по збор ќе ги уривате стереотипите од минатото на Средниот Исток и одново ќе го градите врз нови перспективи. На крајот, ќе стигнете до врвот на старите градби со нови вистини. До точка во која се спојуваат Истокот и Западот, минатото и иднината, традицијата и современоста.

Земете ги книгите во раце почнувајќи од:

„Чиракот на архитектот“

Приказната од 16 век за младичот што ќе се најде сам во туѓа земја, и тоа во отоманската престолнина, ќе ви ги помести умствените граници во кои ви е сместена перспективата за судбината. По игра на случајот, малиот Џахан се вљубува во султановата ќерка и истовремено го запознава главниот царски архитект, кој го зема под своја закрила. Додека ги создаваат најголемите градби во историјата, под површината се брануваат опасни струи.

„Копилето од Истанбул“

Додека пишува, Шафак не се грижи дали приказната ќе им се допадне на сите. Нејзината мисија е да ја открие вистината, и притоа не штеди ништо и никого. Во овој роман таа го отсликува турбулентното минато на својата земја. Во едно семејство се расветлува темната тајна што ги поврзува двете фамилии кои се во центарот на дејството, уште од далечната 1915 година. Со оваа книга веќе ќе влезете во ритамот на нишање на бродот помеѓу границите кои ги поврзува, границите меѓу минатото и сегашноста.

„Четириесет правила на љубовта“

Оваа книга со право се смета за глобален феномен на современата литература. Ела Рубинстајн, несреќна домаќинка, добива ангажман да прочита и да напише извештај за еден историски роман за судбоносната средба на исламскиот учител Руми и неговиот духовен водач. Заинтригирана од мистериозниот автор, почнува да се допишува со него. Повторно се впуштаме во еден магичен преплет на трансформации.

„10 минути и 38 секунди во овој чуден свет“

Што ако по смртта човековиот ум продолжува да работи уште 10 минути и 38 секунди? За Леила, секоја минута по нејзината смрт е навраќање на најзначајните настани што ѝ го обележале животот. Очекувајте да се соочите со спомени што ќе продолжат да ви го бистрат погледот онаму од каде што застанавте со „Четириесет правила на љубовта“.

„Трите ќерки на Ева“

Кога еден питач ќе ѝ ја украде чантата на Пери, во борбата да си ја земе на земјата ќе ѝ падне една фотографија што ја враќа во минатото кое сака да го заборави. Пери е принудена да се соочи со болниот спомен од детството... Со оваа книга веќе цврсто ќе стоите на палубата пловејќи по морето на вистината.

„Чест“

Во Турција и Англија, двете земји поврзани со времето на седумдесеттите, „Чест“ е приказна за близначките Џамила и Пембе што се раѓаат во едно традиционално курдско село. Животниот пат ги носи на две сосема различни страни, а целото семејство е урнисано поради едно морничаво злосторство – убиство од чест. Судирот на традицијата и современоста, другоста во западното општество, човековите права за слобода и љубов – сето ова целосно ве обзема по прочитаните книги од Шафак.

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново