ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ВО АПРИЛ

ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ВО АПРИЛ

Прегрнати со убави пролетни мисли, ви најавуваме што ќе читаме овој април. Ќе ги слушаме грамофонските плочи на Мураками сликајќи заедно со него, ќе се нурнеме во длабоките емоции со Ањес Мартен-Лиган, ќе ги научиме стратегиите на успехот од спиритуален аспект со Ошо, и од меѓучовечки и деловен аспект со Дејл Карнеги, ќе проникнеме во суштината на психата со Јунг...

Наслушнете ја својата читачка интуиција, ѕирнете во кратките содржини на книгите и одлучете се – кој наслов прв ќе ја донесе пролетта на вашите полици?  

Норвешка шума – Харуки Мураками

Птицата полетува во истоимената песна на Битлси, а издигнувајќи се над животните искушенија, полетува и младиот лик на Мураками. Младичот се соочува со безнадежната прва љубов, со неподносливиот притисок што животот од 60-тите го фрла врз младите. Наскоро, откријте како Харуки Мураками ќе го одврзе јазолот од заплеткани случувања на девојките и момчињата кои стојат пред реалноста.

Јужно од границата, западно од сонцето – Харуки Мураками

Во книгите на Мураками грамофонските плочи секогаш свират музика неминовно поврзана со приказната. Во оваа сторија иглата на грамофонот се врти по плочата со песната „Јужно од границата, западно од сонцето“ и како што тече песната така растат Хајиме и Шимамото и патиштата им се разминуваат. Но што се случува кога повторно ќе им се вкрстат?

Речиси нормално семејство – П. Т. Едвардсон

Млада тинејџерка оди во затвор обвинета за смртта на еден бизнисмен. Дали е возможно таа да е убиецот? Возбудливите настани во овој трилер ги следиме од перспектива на таткото, мајката и осомничената ќерка. Напнатоста расте со секоја страница, а нашата жед по вистината ќе ни ги отвори очите пред неа.

Не требаше да се сретнеме – Ањес Мартен Лиган

Којзнае дали Ава и Гзавие требало да се сретнат во таа врнежлива ноќ? Нивниот нежен и искрен брак се соочува со еден голем пресврт. Пресврт по пресврт – на несреќите им нема крај. Како ќе се затвори завесата на случувањата во овој роман? Дознаваме од длабоките зборови на Ањес Мартен-Лиган, проникнати со суштината на љубовта. 

Човекот и неговите симболи – Карл Густав Јунг

Психологијата не може да се замисли без името на Карл Густав Јунг. Пред крајот на својот живот, заедно со своите соработници, тој ја пишува книгата „Човекот и неговите симболи“ за пошироката публика, за секому до ден-денес да му биде овозможено да ја сфати суштината на архетиповите, соновите, екстравертноста и интровертноста. Преку илустрации и објаснувања, продрете до суштината на Јунговата анализа на психата. 

Комуникацијата како пат до успехот – Дејл Карнеги

Оваа книга ќе ви ги покаже стратегиите на вербалната и писмената комуникација, како да ги слушате, и што е уште поважно, како да ги разбирате пораките на луѓето и говорот на нивните тела. Што значи навистина да се допре до есенцијата на комуникацијата? Не само на ниво на разбирање, туку и на ниво на изразување. Зашто комуникацијата е клучот за успех во секој меѓучовечки однос, и на личен и на професионален план.

Слава, богатство и амбиција – Ошо

Кое е вистинското значење на успехот? Да ги имаш во изобилство и рамнотежа материјалното, спиритуалното и психолошкото во себе – тоа значи да бидеш навистина богат. Мудроста и хуморот на Ошо во оваа книга ќе ве научат како да го постигнете тоа – купи си го богатството со среќа, наместо среќата со богатство.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново