СЛУШНИ ГИ РАЗБУДЕНИТЕ ПОЕТИ

СЛУШНИ ГИ РАЗБУДЕНИТЕ ПОЕТИ

Вие, нашите читатели, пишувавте, а сега е време сите да го чуеме гласот на поетот во вас. Следуваат три песни кои се издвоија од сите што беа напишани по објавениот предизвик „Разбуди го поетот во себе: разменуваме стихови“.

Уживајте во поезијата на Милена Тасевска, Лидија Размоска Тримовска и Марија Андреева!

МАЛА ГОЛЕМИНА

од Милена Тасевска

Залутав беспомошно
барајќи го
патот на безизлезноста.
Тргајќи по реалното,
во оваа наша нереалност,
или пак можеби,
само добра слика на
заблудата.

Постои ли смислата
на нашето постоење?
И ако постои,
скришно ли се губи во
постојаноста
на нашето живеење?

Човек си – како да не си,
една мала, небитна прашинка
која кружела, кружи
и ќе кружи
засекогаш загубена
во просторот,
во времето.

Ти што сега молчиш
и длабоко во себе
ги туткаш твоите
немири,
гледаш ли колку е мала
таа наша голема?


БЕГСТВО

од Лидија Размоска Тримовска

Вистинската причина за преживување
ја знае само дождот.

Ја отвори страницата за да ја
запишам капката што ја оградува
секоја мисла.
Со забрзан чекор се движи меѓу редовите
за да го избегнам секое новодојдено пулсирање.

Енергијата продира длабоко
и во моментот кога треба да се обнови
паѓа во ново искушение.

Чекам по страниците и ја осознавам
смислата на бегството.

Нема поголема желба од потребата
повторно да заврне.


МЕЛАНХОЛИЧНА СОНАТА

од Марија Андреева     

Меланхолична соната секогаш тивко свири,
кога улиците се празни и пусти,
кога топол ветер ми ја вее косата
носејќи мирис на одамна заборавено време. 

Тогаш застанувам среде тротоарот
и погледнувам кон небото
небаре сите одговори на овој свет
се наоѓаат меѓу ѕвездите
кои срамежливо треперат
зад темните и намуртени облаци. 

И стоејќи така простум и немо
ги затворам очите слушајќи ја
меланхоличната соната во градот,
па чувствувајќи го топлиот ветер
на мојата кожа,
дишам длабоко.

Знаејќи дека некои прашања
нема никогаш да бидат одговорени
некои болки никогаш
нема да бидат преболени,
срцето секогаш ќе биде
по малку скршено.

Некои желби никогаш нема да се остварат,
некои грешки никогаш нема да се исправат,
но, без оглед на сè,
без оглед на болките,
без оглед на падовите,
сè додека оваа меланхолична соната
свири во моите гради,
знам дека уште има
љубов во моето срце
и широчина во мојата душа
и живот кој вреди да се живее.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново