БИБЛИОТЕКИТЕ НА НАШИТЕ ЧИТАТЕЛИ – ИВАНА А. СПАСОВСКА

БИБЛИОТЕКИТЕ НА НАШИТЕ ЧИТАТЕЛИ – ИВАНА А. СПАСОВСКА

Уште еден страстен читател реши да ја сподели својата библиотека со нас. Ивана А. Спасовска од Скопје не само што го поминува времето читајќи туку и членува во неколку книжевни клубови кои ја збогатиле на повеќе начини. Таму запознала многу добри луѓе со кои, освен што ја делат заедничката љубов кон пишаниот збор, во сè друго се разликуваат толку многу што секое дружење и секое слушнато мислење е ново и поучно искуство за неа.

„Благодарение на тие пријатели прочитав прекрасни дела кои самата никогаш немаше да ги изберам, а ќе бев во голема загуба. Од таа причина не учествувам во месечниот избор на книга за дискусија, ја оставам одлуката на другите членови“, додава таа.

Исто така, Ивана многу сака да ги позајмува своите книги. Во секое време барем десетина од нив се кај нејзините пријатели и роднини кои сакаат да читаат. Поради тоа, пресреќна е што ја шири љубовта кон книгите. Не ѝ пречи што со толку читање книгите ѝ се оштетуваат, а не забележува ниту за капките кафе или подвитканите страници. Има само едно правило – книгите секогаш да ѝ бидат вратени.

– Посебен и најдраг примерок ми е првото издание на „Големата вода“ која ја имам наследено од мојот дедо, кому Живко Чинго лично му ја подарил. Исто така, особено драга ми е комплетната збирка на сите дела од Џејн Остин, заедно со роденденска честитка од мојата најблиска пријателка – споделува Ивана.

Нејзината библиотека, која постојано се зголемува, претставува подарок за нејзините поколенија. Засега брои околу 400 наслови, распоредени на различни места во домот.

– Мојот постојанорастечки список на омилени книги е променлив, но претпоставувам дека „Да се убие птицата подбивница“ од Харпер Ли секогаш ќе остане на првото место. По неа следува „Големата вода“ од Живко Чинго, „QUO VADIS“ од Сјенкевич, „Оркански висови“ од Бронте, „Девојката со тетоважа на змеј“ од Стиг Ларсон, „Книга за гробиштата“ од Нил Гејман и целата серија за Сирачето со лузна на челото кое излезе од орманот под скалите и нè научи дека со верба во себе, во своите пријатели и во своите соништа, можеш да се бориш дури и против злото кое не смее ни да се именува – раскажува Ивана.

Таа има повеќе омилени ликови, но над сите го издвојува Атикус Финч, зашто тој ѝ е идол. Ги следи неговите воспитни принципи и општествени убедувања, затоа што ликот е безвременски и пренесува моќна порака која е актуелна дури и после две генерации.

– Брит-Мари на Бакман, поради нејзината добродушност и љубов, ослободена од секакви предрасуди во општество кое сè што има против неа се предрасудите.

Фермин Ромеро де Торес на Зафон, поради неговата искуствена мудрост, саркастичниот начин на пренесување на животните вистини и неизмерната желба за живот кога немаш апсолутно ништо на своја страна, освен само малку среќа. А најмногу поради неговата заштитничка љубов спрема Даниел Семпере и комичната зависност од карамелите сугус.

И на крај, Ник (Ноубади) Овенс на Гејман, затоа што инстинктивно ти доаѓа да го сакаш тоа симпатично и посебно мало момче со сива глувчешка коса… Затоа што едноставно не можеш да му одолееш – ги споделува Ивана своите омилени ликови.

Кога станува збор за начинот на уредување на библиотеката, Ивана книгите главно ги сортира на прочитани и непрочитани, а потоа според жанрот или заедно реди повеќе дела од ист автор. Има и засебна категорија, именувана „Библиотеката за Бисера“, во која собира книги кои ги реди хронолошки, по соодветната годишна возраст кои ќерка ѝ треба да ги прочита.

– Тековнава 2021 година ми е наменета за читање ѕвезди на светската книжевност, а следни во распоредот ми се „Мајсторот и Маргарита“ од Булгаков, „Името на розата“ од Умберто Еко и „Норвешка шума“ од Мураками – завршува Ивана.


 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново