КОКАН АЈАНОВСКИ: ЦЕЛТА Е ДА СЕ ИМА ЦЕЛ. АКО ИМАМЕ ЦЕЛ, ТОГАШ ЌЕ ИМА И СМИСЛА ОНА ШТО ГО ПРАВИМЕ

КОКАН АЈАНОВСКИ: ЦЕЛТА Е ДА СЕ ИМА ЦЕЛ. АКО ИМАМЕ ЦЕЛ, ТОГАШ ЌЕ ИМА И СМИСЛА ОНА ШТО ГО ПРАВИМЕ

Кокан Ајановски е одамна познат на тркачките патеки, а од 2020 година и во книжевните кругови. Автор е на книгата „Трчањето ме учи“. Преку пишувањето ја популаризира страста наречена трчање. Му поставивме три прашања, за да нè потсети дека животот е една долга патека чија цел не е да се истрча до крајот, туку да се ужива во секој километар.

И трчањето и себеоткривањето се долги процеси, а ти успеваш да ги обединиш во една точка. Колку километри беа потребни за себеоткривање?

Дефинитивно беа потребни многу километри. Но себеоткривањето, според мене, е процес кој нема или не би требало да има крај. Во тоа е неговата убавина. Секогаш кога мислиме дека сме го достигнале највисокото ниво, себеоткривањето ни покажува дека не е баш така и дека има уште нови моменти кои нѐ чекаат. Затоа може да ги поврземе овие два процеса и секогаш да ни биде интересен маратонот на себеоткривање. 

Велиш дека „сè започнува од нашите мисли“. Од каде започнаа твоите мисли и идејата да напишеш книга за трчањето? 

Додека трчате имате многу време за размислување. Кога тоа го правите со години и години, логично ќе биде дека сте размислувале на најразлични теми. Токму така се роди и идејата да напишам книга за трчањето. Целата среќа, задоволство и исполнетост кои се јавуваат при трчањето или по неговото завршување, беа клучни моите моментални мисли и идеи да ги овековечам во пишана форма. Најголемиот дел од текстовите во книгата се напишани непосредно по завршеното трчање. 

Од твоите зборови научивме дека половина од патеката ја трчаме со телото, а половина со умот. Веруваме дека целта на трчањето на маратон не е да се победи. Ако целта не е победата, тогаш што е? 

Целта е да се има цел. Ако имаме цел, тогаш ќе има и смисла она што го правиме. Голем дел од смислата на мојот живот пронајдов во трчањето. Затоа и трчам толку години и секое ново трчање ми е исполнето со страст и ентузијазам како да е прво. Секој нека си ја пронајде својата цел, затоа што сите сме различни и имаме различни потреби и задоволства. Можеби на почетокот ќе почнеме без цел, па набрзо ќе си ја поставиме. Потоа таа цел можеби ќе се промени во друга, трета итн. Од една цел ќе се родат нови, други... Сѐ додека трчањето ни помага во процесот да бидеме подобри личности и да напредуваме на нашиот пат во животот, значи дека се движиме во вистинската насока!

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново