ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ОВОЈ МАРТ

ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ОВОЈ МАРТ

Пролетта полека почнува да навлегува во нашите дворови и да ни ги полни домовите со спокој. Тоа значи дека е време да ја проветрите својата домашна библиотека за книжниот развигор да ви донесе нови извонредни четива. Со кои книги ќе влезете во пролетта? Овие се нашите предлози. Ви го најавуваме нашиот пролетен бран од новитети:

„За што зборувам кога зборувам за трчањето“ од Харуки Мураками

Филозофијата на животот не е сместена само во филозофските расправи, или пак во романите. Најчесто е во ветерот, во секојдневието, во трчањето, во размислувањето и пишувањето за себеси. „За што зборувам кога зборувам за трчањето“ е спектар од животни лекции за издржливоста, за страдањето, за стравот. Мураками нè предупредува дека човек мора да повторува некаква мантра за да си го олесни живеењето. Книгите се мантра на секој читател – со книгите на Мураками не само што преживуваме, туку живееме.

„Норвешка шума“ од Харуки Мураками

Уште еден предлог од најпознатиот современ автор, овој пат во ново издание, во приказна за херојската и безнадежната љубов. Зад тивкиот лик на младиот студент што се соочува со искушенијата на животот, стојат темите на вљубеноста, особено проблемот на љубовниот триаголник, темите за младите девојки кои стојат исправено пред слободата и независноста, до истиот степен на иницијација колку и младиот херој. Во ритам со музиката, оваа романтична и емотивна приказна ќе ве фрли во длабоки размислувања.

„Моќта на јавното говорење“ од Брајан Трејси

Со книгите на Брајан Трејси сите цели се остварливи. Исто како што може да научите да возите автомобил, со „Моќта на јавното говорење“ можете да станете моќен говорник. Зборувај за успеси, за победи, дури и кога единствениот во публиката си ти самиот. Треба само да имаш доверба во Брајан Трејси, а со читањето на оваа извонредна книга ќе ја стекнеш и довербата во себе.

„Стаклениот хотел“ од Емили Сент Џон Мандел

Од апокалипсата во која учествувавме читајќи ја „Станица Единаесет“, влегуваме во современа крими приказна полна со крв и стакло. Да се наголташ срчи – колку е реален морничавиот натпис што ја отвора крими сцената во романот? Високо над Менхетен, зад стаклените блескави фасади, се случуваат злосторства. Наголтај се приказна полна со сурови вистини, факти за алчноста и вината и едно прашање што лебди меѓу сето тоа: која е смислата на нашето постоење?

„Речиси нормално семејство“ од М. Т. Едвардсон

Сè уште сме во жанрот што ни предизвикува морници. Осумнаесетгодишната Стела е обвинета за брутално убиство на 15 години повозрасен човек од неа. Која би била причината да убие еден бизнисмен во кого можеби почнува да се вљубува? Во овој повеќеслоен роман за лојалноста и за моралот, од заднина постојано ќе ни се провлекува прашањето: зошто правиме сè за нашите животи да останат непроменети? Зошто настојуваме да бидеме нешто што не сме, наместо да се пронајдеме себеси?

„Здрав емотивен живот“ од Ошо

Колкупати во денот зборовите ви се на врв на јазик, а вие цврсто ги стискате забите само за да не ги изговорите знаејќи дека би го повредиле другиот? Одлучувате да ги премолчите, иако ги мислите. Да, некои ова ќе го наречат себеконтрола, некои добрина, но како ќе го нарече твојата потсвест? Таа ќе го покаже прстот кон оној што те повредува – кон тебе. Духовниот учител Ошо ви дава ефективен начин како да се справите со оваа дилема, како да бидете добри за себеси, а потоа и за сите други.

„Не можевме да се одминеме“ од Ањес Мартен-Лиган

Колку и да се трудиме, некои случувања не можеме да ги одминеме. Тие се нешта што не можеме да ги промениме. Исто како и минатото. Емотивна приказна од Ањес Мартен-Лиган за судбината на една мајка што е препуштена сама на себе во животот, заедно со нејзиниот син, заедно со нејзините одлуки. Нека не ве интересира минатото – тоа само ја заморува иднината!

„Големата петка во животот“ од Џон П. Стрелецки

Има книги што ќе ви го заинтригираат вниманието, книги што ќе ви ја размрдаат стварноста, но и книги што ќе ви го променат животот. Во последниве ја вбројуваме оваа неверојатно корисна книга на Џон П. Стрелецки, кој ни ги открива деловните тајни на профитабилните компании, на успешните луѓе и најталентираните кои оставаат креативно наследство. Оваа книга е подарок на денешницата.

„Трите мали волчиња“ од Евгениос Тривизас

На сите ни е позната приказната за волкот и трите прасиња, но сте чуле ли за трите мали волчиња и големиот прасец? Сме слушнале дека волкот го менува крзното, но не и карактерот, a бидејќи прасето наместо крзно има четина, во оваа авантура дознаваме како си го менува наравот. Ќе успеат ли трите мали волчиња да го направат добар лошиот прасец? Оваа приказна ќе ги остави без здив најмладите читатели. Оваа нова верзија на најпознатата детска приказна станува нова детска класика.

„Тао те чинг“ од Лао Це

Вашиот живот е јин и јанг. Борба за баланс на спротивностите. Рамнотежата ќе ја пронајдете во мудроста на стариот мајстор Лао Це, запишана уште пред 2 000 години. Спиритуалните учења ќе ја разбудат вашата моќност. Да се совладате себеси и да ја пронајдете смислата на вашето постоење – тоа е вистинската моќ и вистинскиот пат по кој треба да чекорите. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново