БИБЛИОТЕКИТЕ НА НАШИТЕ ЧИТАТЕЛИ – АНА ПЕТРЕВСКА

БИБЛИОТЕКИТЕ НА НАШИТЕ ЧИТАТЕЛИ – АНА ПЕТРЕВСКА

Уште еден страстен читател ни ги отвори вратите од својата домашна библиотека со над 800 наслови. Тоа е Ана Петревска, која со своето семејство живее во Гостивар. Слободното време од секојдневните обврски околу домот и децата таа го посветува на читање и на нејзината книжевна група „Моја библиотека“. Дружење, размена на мислења, забавни игри и пишување осврти за прочитани книги се нејзино незаменливо задоволство. Иако нејзината љубов кон читањето започнува од детството, страста кон книгите уште повеќе се разбудила откако го прочитала делото „Добра земја“ од Перл Бак. 

„Пред два месеца си добив и преубави полици кои зафаќаат цел ѕид од дневната соба и веќе натежнаа, а бројката на нови наслови рапидно се движи во нагорна линија. Книгите ги сортирам според издавачки куќи, така ми е попрегледно и подостапно. Тие се моето богатство и секој поглед упатен кон книгите секојдневно ми влева огромна позитивна енергија и ми измамува насмевка“, споделува Ана. Посебно е горда на англиската колекција на Хари Потер, која е скапоцен дел од библиотеката на нејзината ќерка, на старите изданија на Достоевски, како и на нејзиниот омилен Јерговиќ. Исто така, дел од нејзината библиотека се и уникатните џебни изданија на англиските дела „Отело“ и „Божиќна песна“, кои имаат позлатени врвови на страниците.   

„Тешко е да кажам кои се моите омилени книги, но би ги издвоила одличните трилери на Ју Несбе, класиците на Џорџ Орвел и маестралните дела на Миљенко Јерговиќ. Омилен лик дефинитивно ми е Елизабет Бенет од класиката „Гордост и предрасуди“, открива Ана.

Моментално се дружи со книгата „Шрапнел“ од нашиот автор Игор Анѓелков, а деновиве планира да ги набави „Кафка на брегот“, „Еден од нас лаже“ и „Еден од нас е следен“. Со нетрпение чека да се нурне во нивните страници и да напише збор-два за содржините.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново