АЛЕКСАНДРА ШАРОВИЌ АТАНАСОВСКА: ПОРИВОТ Е ЕДЕН – ДА СЕ СТВОРИ НЕШТО ОД НИШТО

АЛЕКСАНДРА ШАРОВИЌ АТАНАСОВСКА: ПОРИВОТ Е ЕДЕН – ДА СЕ СТВОРИ НЕШТО ОД НИШТО

Со Александра Шаровиќ Атанасовска се запознавме преку интерактивниот планер за активности „ПланУм“ – инспирација за личен развој, кој се најде во многу раце, а промени уште повеќе животи.

Со Александра позборувавме за соништата, за поривот и креативноста, како и за новото издание на „ПланУм“, коe ќе излезе наскоро.  

Вашата естетика е сонувачка, градска, современа. Што е Александра во својата суштина?

Колекционер на соништа. Толкувач на нивните значења. Чиновник кој уредно ги систематизира по сензибилитет, жанр и приоритетност. Работник а ла Џепето кој на дел од тие соништа им вдахнува живот.

Не ги мистифицирам соништата. Тие се направени од истата „материја” како и нашите желби и фантазии. Сонуваме во интервалите помеѓу два состанока, за време на состанок, на кафе-пауза, додека се возиме и слушаме музика, кога гледаме филм и по него, додека спиеме… Oкупираaт голем дел од нашето време. Затоа слободно може после она вообичаено „Како си?” да го упатиме и прашањето „Што сонуваше денес?”, особено на оние луѓе кои сакаме суштински да ги познаваме.

Јас периодов сонувам како пишувам песна која ги сублимира искуствата од изминатата година, во која личната слобода се наметна како носечки мотив.

Ги создадовте Планумите, но и „Здраво, Скопје“, концепт на интерактивна книга за деца. Сега правите дрвени кломпи „Марго“. Како ги спојувате и градите овие различни уметнички пориви?

Поривот е еден. Да се створи нешто од ништо. Тоа нешто е одговор на лични потреби, фрустрации и желби. Најголем ентузијазам пронаоѓам во процесот на конципирање и реализација на една идеја. За конципирање на идејата потребна е креативност или размислување вон од востановените норми. За реализација, пожелно е идејата да се третира како проблем за кој треба да се најде соодветно решение. Решението е финалниот производ, но тоа е и најголемата награда за еден автор.

Пристапот рroblem solving генерално функционира и во секојдневниот живот и е еднакво rewarding.

Што можеме да очекуваме следно од Александра?

Освен новото издание на „ПланУМ“ кое ќе излезе наскоро, нови модели на кломпи од колекцијата „Марго“ и книга со приказни за деца, активно работам на ослободување на нов творечки израз во кој сѐ повеќе го пронаоѓам својот емотивен сензибилитет. Тоа е „песната од моите соништа“.

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново