Венко Андоновски: „Домот не е некаде, туку е со некого“

Венко Андоновски: „Домот не е некаде, туку е со некого“

Му поставивме три прашања на Венко Андоновски, мајсторот на зборовите, наративните техники, јазикот и, секакако, приказната. Неговите одговори ќе ве замислат и ќе ви отворат нови перспективи. И ќе ве натераат да си го поставите прашањето: што за вас претставува дом?

Да се истражува човечката душа и да се заплетка во книжевен јазол, не е мала работа. Заплеткавте и отплеткавте, напишавте монументални дела. Кога ќе се одалечите од сѐ што сте сработиле, што гледате?

Гледам недоѕидан детски замок од песок, со расфрлени лопатки наоколу. Гледам еден човек во попладнето на својот живот кој утрината беше дете што весело си игра и ѕида замоци од песок. Гледам и завидливци што поминуваат по плажата и што со клоци ги уриваат таквите замоци од песок, само затоа што не знаат да направат исти, иако веќе имаат мермерни палати. Ама гледам зад нив и некои нови деца, вооружени со лопатки. И тие ќе ѕидаат, и затоа мојата радост е голема. Не може никој да урне толку колку што децата можат да изѕидаат. И го гледам семејството на моето лепословие: во тие замоци од песок живеат мои девојки, пријатели, моите деца, моите родители. Можеби ќе останат без покрив над главата, ама таму живеат и јас дадов колку што можам. Сѐ што можам е да оставам замок од песок и запис на песок.

Меѓу Скопје – Белград, релации, професионални и семејни. Колку може да се шири мислата и да се создава надвор од својот јазик?

Домот не е некаде, туку е со некого. Човек е таму каде што му е семејството. Често и го бркаат од дома, и тоа не неговите домашни, туку насилниците од палатите. Ама добро е што каде и да оди, секогаш има еден невидлив куфер: се носи себеси во тој куфер. А тоа значи и својот мајчин јазик, наталните согласки и самогласки. Така и јас: моментално живеам на две места, зашто дел од семејството ми е во Македонија, а дел во Србија. Пишувам на два јазика. Мислам со едно срце. Секогаш се мисли на мајчиниот јазик, без разлика на кој се пишува. Светата вода е света вода, во која посатка и да ја ставиш.

Неодамна ја издадовте книгата „Азбука“, дел од едицијата за Стела и Сани, во која раскажувате приказни за постанокот на секоја буква. Знаејќи дека пишувањето литература за деца претставува голема одговорност, на што најмногу треба да се внимава кога некој писател им се обраќа на најмладите?

„Азбука“ ми е една од најдрагите книги досега, иако е наменета за оние што допрва се описменуваат. А прашањето како настанале буквите не е само научно прашање, туку и епицентар на вековни мистификации: секое дете во секоја буква гледа нешто што другите не го гледаат, како што Малиот Принц во обична шапка виде боа што голтнала слон. Во науката со тоа прашање за „смислата на буквите“ се занимава графомимологијата. Јас и во еден роман за возрасни, „Азбука за непослушните“, имав цртежи од кои се гледаше од кој пиктограм настанала секоја буква. Но тоа беа научни факти. Овде се обидов да ја пуштам мојата детска фантазија на слобода, така што станувајќи дете, во секоја буква видов по еден цртеж и за него раскажав една приказна. Инаку, нема на што да внимавате кога како писател им се обраќате на децата. Треба само да го најдете детето во себе и тоа да им се обрати. Ако го имате детето во себе. Ако не, не пишувајте. И не ѕидајте кули од песок, ѕидајте палати од мермер.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново