„Македонските автори ми се еден вид медитација кои ме пренесуваат во различни светови“

„Македонските автори ми се еден вид медитација кои ме пренесуваат во различни светови“

Драгана Стефановска (29) од Куманово, по професија архитект, во моментот живее во Гетеборг. Шест години студирала во Санкт Петербург, каде што го запознала својот сопруг Павел Личаген. Живеат заедно со нивното куче Мајло, кое го вдомиле од скопските улици. Драгана зборува неколку јазици, меѓу кои и шведски, англиски и руски, а во слободното време волонтира во Фондацијата „Лоза“ на различни проекти во Македонија, со цел подобра интеграција на лицата со посебни потреби во општеството. Покрај сите активности и ангажмани, обожава да чита.

„Најмногу сакам да читам македонски романи. Пред да се преселам во Шведска, живеев во Русија и по неколку месеци во Холандија и Ирска. Тие искуства ме променија како личност и ми отворија многу перспективи. Во Шведска сум три и пол години и се чувствувам како дома, ама Македонија засекогаш ќе биде мојот прв дом. Сметам дека е важно човек да не го губи својот културен идентитет, и затоа се роди носталгијата за македонската литература. Читањето на македонски романи ми дојде како еден вид медитација која ме телепортира во различни светови“, раскажува Драгана.

Од минатата година почнала да чита најчесто македонски автори, затоа што смета дека во Македонија постојат многу талентирани творци кои пишуваат дела што треба да бидат прочитани.

„Македонските писатели го заслужуваат нашето внимание, затоа што пишуваат за нас и нашето опкружување. Секоја прочитана книга за мене е откривање на нови димензии. Учиме нови работи и се развиваме како личности. Не знам зошто во Македонија луѓето претпочитаат странски автори кога кај нас има одлични писатели. Преку читање на македонските автори дознаваме за нашата историја, за минатото, за дамнешното секојдневие што веќе е сменето…“, споделува Драгана.

Од последните прочитани книги на Драгана најголем впечаток ѝ оставиле „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, „Вилино“ од Винка Саздова, „Вишнова хроника“ од Фросина Пармаковска, „Но-Уи“ од Лидија Димковска, „Вештица“ од Венко Андоновски и „Сакам, значи постојам“ од Ана Јовковска.


’Пиреј‘ е одлично дело кое секој човек во Македонија треба да го прочита. Приказната на Велика и Јон ме растажи поради тешките услови низ кои поминувал македонскиот народ, но воедно е и инспирација за истрајноста и борбеноста на човекот.

’Вилино‘ ме одушеви со приказната за Вили и Видан, кои судбината ги спојува и тие го наоѓаат тоа по што копнееле цел живот. Убава приказна која повикува на пат до себе и ослободување од општествените догми.

’Вишнова хроника‘ ми остави голем впечаток поради тоа што делото е пишувано од жена, а пишува од аспект на машко лице кое на почетокот е мало дете. Многу интересна книга во која судбините на ликовите се испреплетуваат низ различните животни предизвици.

’Но-Уи‘ од Лидија Димковска ме одушеви со приказната за бабата и внуката која се одвива во Хрватска и Италија. Од неа, меѓу другото, дознав многу за животот таму за време на војната и после неа.

’Вештица‘ од Венко Андоновски е ремек-дело кое го заслужува сечие внимание. Романот ми се допадна поради начинот на кој е напишан, неговата многуслојност и комплексност, и приказната за инквизицијата и македонската девојка Јована.

’Сакам, значи постојам‘ од Ана Јовковска е многу убаво дело кое ме натера да размислувам за различни теми, а секако ми остави впечаток и нејзиниот стил на пишување“, ги коментира Драгана своите омилени книги.

Книгите ѝ дале идеја да ги мотивира луѓето да читаат повеќе македонски автори. Сака да формира клуб на читатели во кој еднаш месечно ќе се избира наслов од домашен писател и преку онлајн средба ќе се дискутира за делото. На тој начин, паралелно ќе се промовира и домашната литература.

Исто така, планира да стапи во контакт со македонски друштва кои постојат во Шведска и да види дали може да направи нешто заедно со нив. А сака и прочитаните книги да ги подари на македонски семејства што живеат во Шведска, за да можат и тие, ако имаат желба за тоа, да читаат современа македонска литература.

„Треба да се негува мајчиниот јазик и литература во странство. Тоа е дел од нашиот идентитет и може само да ни помогне во личниот и професионален развој. Има научни истражувања кои покажуваат дека колку повеќе го знаеме мајчиниот јазик толку подобро ќе научиме друг јазик и ќе бидеме успешни и во други области. Мајчиниот јазик е основата која ни помага да се надградуваме и да ги остваруваме своите соништа“, завршува Драгана Стефановска.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново