Три предлози од Евгениј Хоуп

Три предлози од Евгениј Хоуп

Кога веќе зачекоривме во првите денови од 2021 година, ни следува период во кој ќе можеме накратко да се опуштиме и да си посветиме време за себе, со добра книга. Уште и да заврне малку снег, па целата атмосфера и опкружувањето навистина ќе станат идилични. 

Имаме голем избор. Вешто раскажана приказна, со неочекуван исход и полна со пресврти е она што најголемиот број од читателите би го избрале. Ако случајно се двоумите што да читате за време на празниците, нашиот писател и патувач Евгениј Хоуп споделува три предлози за вистинските книгољупци.

„1984“ од Џорџ Орвел

Се наоѓам во период од животот во кој имам желба да препрочитувам книги. Една од нив е и „1984“од Џорџ Орвел, чие вистинско значење го согледуваме во она што се случува денес во светот. Овој култен роман и по 70 години од неговото објавување се смета за задолжително четиво, или како што многумина го нарекуваат, „книжевна библија на дистопискиот жанр“.

Тоталитарното општество претставено во романот ќе нѐ пренесе во тој свет на кошмари во кој човекот се обидува да ја зачува својата индивидуалност. А дури и ние како читатели ќе се обидеме да побегнеме од Големиот Брат и неговото залагање да не се размислува со своја глава. 


„Жед“ од Ју Несбе

Штом излезе од печатница, веднаш го набавив македонскиот превод на „Жед“. Од Ју Несбе имам прочитано неколку книги, а оние со Хари Хуле ми се омилени. Буквално се сместуваш на омилениот кауч и дозволуваш приказната „да те вози“ губејќи усет за времето. Оваа книга на Несбе посебно ми се допадна поради исклучителниот случај и внатрешниот конфликт со кој се соочува непредвидливиот детектив Хари Хуле, кој од една страна сака да се ослободи од бремето на минатото што го притиска, а од друга страна, знае дека нема друг избор освен да се соочи со неговите мрачни сложувалки.


„Книга за гробиштата“ од Нил Гејман

Ако некој ме праша за „Книга на гробиштата“, веднаш би ја дефинирал како книга со силна приказна, ликови кои ти се вгнездуваат под кожата и не можеш долго време да се ослободиш од нив. Ем хорор, ем трилер, ем семејна приказна во која го проживуваме растењето и созревањето на малиот Ник Овенс, чии родители брутално се убиени. Границата помеѓу животот и смртта и случките што се одвиваат на едни стари гробишта нема да ти дозволат да ја затвориш книгата сѐ додека не стигнеш до последната страница. 

http://www.kniga.mk/kniga-za-grobishtata.html


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново