Три предлози од Александра Филиповска

Три предлози од Александра Филиповска

Книгите едновремено го стивнуваат и го разбрануваат морето кое постои во тебе. Предлозите на Александра Филиповска, пак, нишајќи ве од емотивен роман до мистичен трилер, ќе ве научат како спокојно да пловите и по немирно море.

1. „Свеќите горат до крајот“ од Шандор Мараи

„Изгледа дека човек може да издржи сѐ, до онаа граница додека неговиот живот има цел.“ Радоста на животот е сама по себе цел за оние кои знаат да го живеат. Живот без недоречености, без омраза и гнев, живот полн восклик и моменти што раѓаат емоции кои треба да се искажат, а не да се чуваат длабоко закопани во себе. За жал, тоа не е случај со главните ликови во маестралниот роман „Свеќите горат до крајот“ од унгарскиот автор Шандор Мараи.

Ова книжевно дело, во кое секој ред ме остави без збор, го доживеав како поезија во проза. Длабокоумни животни филозофии се нижат од пасус во пасус, а трагичната судбина на секој од ликовите е нивна одлука која ја плаќаат по многу висока цена, по цена на неостварена љубов, по цена на предавство, и најпосле по цена на тага и постојано незадоволство со самите себе заради гордоста. Ова ремек-дело нуди богата слоевитост на психолошки профили, животни одлуки и трагични судбини и навистина е тешко да се долови во неколку реченици. Треба да се прочита за да се доживее. Еден љубовен триаголник, едно „пријателство“ од интерес, брак без љубов – ситуации толку препознатливи во општеството во кое живееме, време на разнишан морал, време на ниски страсти и време на неискреност на секој чекор.

Задолжително четиво за сите. Го препорачувам со полно срце. Книга која се наоѓа во мојата топ 5 листа на најсакани книги.

2. „Парфем“ од Патрик Зискинд

Хронологија на едно злосторство. Едно несакано дете, прогонувано по разни институции, грозоморно злосторство, иронична судбина, една страст по совршенство се клучните елементи на овој книжевен трилер.

Оваа книга секако би ја вброила во една од најоригиналните која некогаш сум ја прочитала. Авторот нѐ води низ книгата на едно истражувачко патување на сетилото за мирис на главниот јунак, кое впрочем е и причина за убиството на дваесет и четири девојки. Тоа изострено сетило за мирис е причината за неговиот порив за убивање со цел да го пронајде совршениот мирис што треба да побуди силни емоции. Иронијата е во тоа што главниот јунак нема никаков мирис. Оригинална и имагинативна приказна.

Важен аспект на делото е и тоа што авторот го сместува дејството во Франција, временски во 18 век, за да го истакне изопаченото во општеството, поставувајќи прашање дали дали ова неморално чудовиште е производ на своето опкружување.

3. „Девојката што требаше да умре“ од Давид Лагеркранц

По читањето на серијалот „Милениум“, вкусот и судот за овие адреналински романи ми се искачи многу повисоко. Во младоста бев пасиониран читач на трилери и мистерии и секогаш во потрага на четиво кое ќе ми ги задоволи критериумите.

„Девојката што требаше да умре“ го заокружува овој серијал на детално обработени психолошки профили, исто така производ на општеството во кое живеат. Мистеријата околу која е обвиткан главниот лик, Лизбет Саландер, конечно добива разрешница и нештата се поставуваат на вистинските места. Фикција со силна порака. Силината на духот и решителноста може да те однесе секаде каде што посакуваш и ништо не е невозможно. Со таква одлучност се карактеризира главната хероиња, која иако изгледа грубо и бесчувствително, всушност е човечко битие полно со емоции, која знае да сака, да почитува и да помага. Еден од попозитивните ликови што сум ги запознала преку книгите и кој треба да претставува вистински пример за сите дека животот не е тој што ти дава правец, туку ти со своето дејствување му даваш правец и смисла. 


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново