„Детето во тебе мора да си го најде својот дом“– клуч за решавање на (речиси) сите проблеми

„Детето во тебе мора да си го најде својот дом“– клуч за решавање на (речиси) сите проблеми

Психологијата во последните години сè повеќе го актуализира значењето на себељубовта, себегрижата, проблемите со анксиозноста, самодовербата и тешкотиите што ги имаат интровертните лица. Љубовта и грижата кон себе се клучни за среќа, додека анксиозноста сите сме ја почувствувале на своја кожа. Бидејќи овој свет, што го имаме денес, е многу посуров и подинамичен, ни треба практична книга која ќе ни понуди решение за прашањата во нашата глава. Токму „Детето во тебе мора да си го најде својот дом“ е книгата што ги има вистинските одговори.  

Штефани Штал (1963) е германски психолог и автор, позната по нејзините успешни книги во кои ги синтетизира психологијата и литературата. Книгите на Штал, особено „Детето во тебе мора да си го најде својот дом“, се неверојатно корисни и практични четива кои секој од нас треба да ги има и често да им се навраќа. 

Не случајно оваа книга, која беше издаденa во 2015 година и беше продадена во рекордно време, три години беше на врвот на листата на списанието, ,Шпигел“ во областа на нефикцијата. Ова ремек-дело на Штал е преведено на повеќе од 20 јазици, со што стана интернационален бестселер излегувајќи од границите на Германија. 

Штал во книгата ги презентира психолошките методи кои може да ги примени буквално секој поединец. Според неа, среќата е индивидуална, па така и оваа книга станува субјективна. На многу јасен, едновремено научен и неконвенционален стил, Штал комуницира со читателот, но не со читателот како генерална позиција, туку токму со тебе. Штал вметнува и секојдневни ситуации со кои ги илустрира дефинициите, а книгата содржи и многу вежби во кои, преку инструкции на авторката, можеме да ги пронајдеме нашите лични принципиелни уверувања, нашите стратегии за заштита и да го пронајдеме конецот на Аријадна што ќе нè доведе до Минотаурот – причинителот на нашата несреќа. Бидејќи: Ако сакаме да ги решиме своите проблеми, мора да почнеме точно оттаму“. 

Поставувајќи прашања кои ние самите ги одговараме, и самите стануваме коавтори на книгата и автори на нашата реалност. Зашто „ти си творец на својата реалност“.

„Внатрешното дете“ е поим од психологијата што ги означува сите нешта од детството кои денес влијаат врз нашето битие и врз чувството за сопствената вредност. Не треба да бидеме глуви пред гласот на внатрешното дете што живее во нас. Напротив, треба да го слушнеме и да го вдомиме. „Кој го нема својот дом внатре во себе, нема да го најде ни надвор.“ Свесни дека домот не е простор, туку чувство, треба да го уредиме преку преуредување на нашите мисли. „Внатрешното дете“ е жарчето кое тлее во нашиот внатрешен дом со две опции: или да ни помогне да се згрееме, или да ги запали сите убави чувства. А Дороти има право – нема поубаво место од топол дом. 

Потпирајќи се на Фројдовите учења за поделеноста на id (внатрешното дете), ego и superego, авторката „внатрешното дете“ метафорично го дели на: „сончево дете“ (среќно детство) и „дете на сенката“ (несреќно детство), и двете еднакво важни во градењето на нашето возрасно битие. Спомените (и оние на кои се сеќаваме, но и другите) потсвесно постојат во нашата меморија, па може да се каже дека „внатрешното дете“ е суштински дел од нашата потсвест– тоа се сите наши доживеани стравови, грижи и неволји. Она што го учиме од Штал е дека во заднината на секоја денес навидум невина ситуација, лежи реакцијата на нашето „внатрешно дете“. 

Не треба да сме во потрага по среќно дете, треба да го прифатиме несреќното дете кое живее во нас и да го метаморфозираме во среќен возрасен човек. Или, поинаку кажано, преку методите на Штал, треба детето од сенка да го изложиме на сончеви зраци. 

Онака како што книжевниот великан Марсел Пруст, во неговата литературна филозофија „Во потрага по загубеното време“ го опишува анксиозното мало момче коешто болно копнее по бакнежот на мајка си, така Штал на поинаков начин го опишува влијанието на недостигот на љубов во детските денови. И филозофски гледано кај Пруст, и психолошки анализирано кај Штал, го заклучуваме истото: сегашното јас е емпириски збир од сите искуства од детството. Додека Пруст е во потрага по изгубеното време, Штал е во потрага по изгубеното дете во нас, кое го бара својот дом. 

Во име на среќата, подај му рака на детето во тебе, прифати се себеси со сите свои (не)убави искуства, бидејќи пеперутката не би била пеперутка ако не постои гасеницата. Периодот на осаменост и на изолација е период од преобразбата на гасеницата, кога таа ги добива своите крилја. Гасениците можат да летаат, само им требаат сончевите зраци, исто како и на нашето дете во сенка, за да се метаморфозираат во пеперутки. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново