Џорџ Орвел – неговото трајно наследство

Џорџ Орвел – неговото трајно наследство

Терминот орвелизам означува дејство или идеја што е деструктивна за слободното и отворено општество. Дали некогаш одекнувал со поголема сила од денес?

Џорџ Орвел е псевдоним на британскиот писател Блер Ерик Артур, еден од најпочитуваните англиски есеисти и романсиери од 20 век, политички и културен коментатор, темелен критичар на современото општество. Воодушевувајќи со јасниот и живописен стил и сообјективното известување, Орвел епознат како непоколеблив борец за политичките и граѓанските слободи, а пророчки се неговите предупредувања за налетот на тоталитаризмот во кој самиот концепт на „објективна вистина“ не постои. Тој го промени некогашниот Ерик Блер во многу поедноставниот Џорџ Орвел и стана водечки хроничар на економските, социјалните и политичките проблеми на своето време. Допре до сиромаштијата и болката, ги предизвика капитализмот и империјализмот, испроба различни форми на социјална идентификација и проговори не само во името на невработените и раселените работници од времето на депресијата, туку и за новото живуркање на британските предградија со сите нивни ограничувања и згаснатиможности.

Со своите два најпознати романа, Животинска фарма (1945) и 1984 (1949) – и двата напишани со луцидна и густо исткаена проза што беше и неговиот белег – Џорџ Орвел предупреди за трендовите што доминираат во современото технолошко општество: злоупотреба на јазикот за манипулација, сведување на човекот на ниво на предмет и кршење на неговото основно право на лично мислење,како и лажниот наратив ширен преку тоталитаристичкиот режим. Орвел доживеал социјално и политичко будење додека служел во Бурма, што му послужило и како инспирација за творечката работа. Годините поминати во Англија, живеејќи меѓу сиромашните и истражувајќи ги животите и условите за работа на угнетените, дополнително ги изостриле неговите видувања стекнати уште во Бурма за беззаконијата на неконтролираната моќ и уништувачките ефекти на крутата класна поделба. 

„Нашата цивилизација“, напишал Орвел, „поминува низ магла од лаги, и невозможно ќе биде некогаш да се открие вистината за што било.

Животинска фарма е несомнено најзначајното дело од областа на фиктивната политичка сатира напишано во ХХ век во Британија, на самиот почеток на она што подоцна ќе го нарекуваме „повоен свет“. Постојат многу причини поради кои кусата басна на Џорџ Орвел се смета за прв британски повоен роман, не само затоа што помогна да почне туку и затоа што заедно со својот придружник 1984 изврши пресудно влијание за еден нов правец во либералниот и изострен општественстил во британската белетристика. Зашто Животинска фарма беше повоен роман, книга за моралното и политичкото превреднување и за промените на светското историско расположение што дојде по воените години. Се појави во време кога се формираше една нова клима, во време на рехабилитација по големите уништувања. Поголемиот дел од Европа беше разурнат, а од физичките и морални урнатини доаѓаа сведоштва за уништувања во нацистичките логори, во кои умреа милиони луѓе. Векот на модерните масовни револуции и нивниот внатрешен порив кон тоталитаризам веќе се гадеше од самиот себе... Во сите тие околности се чинеше неопходно едно ново морално осознавање. Тој период беше обележан со криза на либералната свест, чии стари радикални вредности беа извалкани од суровите факти на војната. Стануваше сè поочигледна потребата од еден нов радикализам, од еден дух на демократски антифашизам кој би го пренасочил текот на векот. Ете,во таква атмосфера е настаната оваа книга. 

Напишана во едноставен и мошне елегантен стил, Орвел ја користи Животинска фарма како метафора за Руската револуција и борбата на луѓето за слобода. Иако на прв поглед се чини како приказна за деца, таа всушност претставува мрачна сатира. „Животинска фарма беше првата книга во која се обидов, сосем свесен за тоа што го правам, да ги спојам политичката намера и уметничката намера во една целина“вели Орвел во една своја изјава. Од една страна типично англиска, од друга страна светска и универзална, Животинска фармазрачеше низ 50-тите години, кога пишувањето често стануваше еден вид морална одговорност.

И Животинска фарма и 1984 не само што се надополнуваат со својата тематика туку и овозможуваат со напоредно читање да се доживеат на нов начин,бидејќи таму каде што завршува Животинска фарма, со одредена временска дистанца, почнува 1984 со цврстите стеги на тоталитаризмот, кои во Животинска фарма се дадени во нивната почетна фаза.


Орвел стана дел од популарната култура,а алегориите кои се појавуваат во неговите романи се дел и од нашата современост.Тој е автор кој ја враќа вербата во моќта на книжевноста да ги предизвика светските лидерите на одговорност кон искажаните пароли и вистини, да ги соочи со историската неопходност од преиспитување на манипулирањето со историјата и угнетувањето на индивидуалноста. 

Накусо, Орвел можеме секогаш да го читаме и препрочитуваме.

А Животинска фарма на многу начини го поттикнува нашиот современ ум и опстојува во својата релевантност. Нејзината навидум едноставна а толку суптилна приказна еднакво ни припаѓа денес и нам, кои се обидуваме да си го најдеме патот низ променливите политички и морални лавиринти на историјата на 21век.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново