Најдобрите книги на 21 век – што можете да ги почнете со читање уште денес

Најдобрите книги на 21 век – што можете да ги почнете со читање уште денес

Секоја епоха во историјата ја обележуваат одредени книжевни дела кои успеваат да ја доловат атмосферата на некое време, подобро да ја прикажат, да отворат значајни прашања за одредена деценија или пак да одговорат на нив. На тој начин стануваат капитални и симболични за тоа време. Извонредни деби романи, романтични полемики, книги за историјата на човештвото и прекрасни мемоари се само дел од најдобрите книги на 21 век според изборот што го направи Гардијан.

Меѓу книгите на автори како Џулијан Барнс, Малком Гладвел, Нил Гејман, Олга Токарчук, Стивен Кинг, Колм Тојбин, Маргарет Атвуд и други, се најдоа голем број наслови кои може да ги читате на македонски јазик во издание на ТРИ.

 

Девојката со тетоважа на змеј од Стиг Ларсон (98)

Девојката со тетоважа на змеј е првиот дел од мегапопуларната трилогија Милениум на еден од најчитаните автори на денешницата, Стиг Ларсон. Во неа авторот прави комплексен, неверојатно возбудлив сплет на детективска приказна, семејна драма, љубов и финансиски трилер, зачинет со сензибилитетот на скандинавското поднебје. 

Радикалниот новинар Микаел Блумквист, еден од водечките шведски економски новинари и косопственик на магазинот Милениум, е познат како бескомпромисен борец за расветлување на економските малверзации. Тој склучува договор со една млада, проблематична но најдобра истражувачка од една престижна стокхолмска фирма за обезбедување, за да го решат случајот со убиство и малверзации поврзани со поранешниот индустриски магнат Хенрик Вагнер. Нивните патишта се вкрстуваат и на нив тие не само што ќе се соочат со мистеријата на минатото, туку и со аномалиите на современиот општествен поредок. 


Хроники од Боб Дилан (95)

Кога во 2004 година за првпат се појавија мемоарите на Боб Дилан, никој не очекуваше дека се работи за стандардна автобиографија на една од најповлечените музички легенди. Хроники се необично, но крајно поучно дело, еднакво импулсивно, ексцентрично и инспиративно колку и самата музика на Дилан. Неговата воздржаност во врска со личниот живот е централен дел од брендот на пејачот и текстописец, така што и самиот стил во книгата не е изненадувачки – остар а мечтателен, следејќи ги различните фази во неговата кариера. Хроники, на начин карактеристичен за Дилан, ни разоткрива исто колку и неговите најзначајни албуми. Не е за изненадување што ја доби и Нобеловата награда за книжевност, поради „создавање нов поетски израз во рамките на голематаамериканска стихотворна традиција“. Неговите фанови сѐ уште го чекаат вториот дел. 


Контури од Рејчел Каск (34)

Контури е извонредно дело што на авторката ѝ отвори нов правец во творештвото, а нам ни понуди еден сосем поинаков свет. Роман за односите, амбициите, самотијата, интимноста и „неподносливоста“ што постои меѓу мажите и жените. Оваа книга претставува вистинско ремек-дело што заслужено наиде на блескави критики и номинации за повеќе книжевни признанија. 

Контури од Рејчел Каск е необичен, волшебен колаж од портрети, епизоди и размисли што ги собира и раскажува една англиска писателка на своето патување во Атина, каде што оди да одржи предавање на летна школа за креативно пишување. Низ задушливата омарнина, на екскурзиите со брод, во училницата и во градските кафулиња ги запознаваме нејзините соговорници. Но и покрај нивните изразени интимни исповеди, нивната слушателка своите најдлабоки чувства ги остава само загатнати. Овој роман е зрел оглед за идентитетот и неговото обезличување.


Посета на бандата од Џенифер Иган (24)

Добитник на Пулицеровата награда, книга на годината според Њујорк тајмс, Лос Анџелес тајмс и книжевните критичари на САД, една од најпопуларните книги меѓу читателите низ светот – Посета на бандата од Џенифер Иган е возбудливо романескно дело од еднa од најсмелите авторки на денешницата. 

Приказната ги следи животите на Бени Салазар, музички продуцент во години кој на времето бил панк-рокер, и Саша, лудата девојка што работи за него. Бени и Саша никогаш не го дознаваат живототна другиот, но читателот се запознава и со неговото и со нејзиното минато, и тоа до најинтимните детали, а со тоа и со тајните животи на шаренилото други ликови чии патишта се вкрстуваат со нивните во текот на многу години и на многу места, од Њујорк, преку Сан Франциско и Неапол, до Африка. Иако романот следи неколку карактери во американската музичка индустрија, всушност е книга за сеќавањатa и блискоста, за времето и приказната, за трајноста и раздвојувањето. 


Сапиенс од Јувал Ноа Харари (21)

Веќе славната Сапиенс на Јувал Ноа Харари ја афирмира човековата еволуција и маестрално го прикажува бавното раѓање на современиот човек и неговото конечно завладување на планетата. Ова е провокативна одисеја за човековата историја и една од најважните книги што ќе ги прочитате во животот. 

Во Сапиенс д-р Јувал Ноа Харари ја опфаќа целата човечка историја, од првите луѓе на Земјата до радикалните – а понекогаш и катастрофалните – откритија на когнитивните, земјоделските и научните револуции. Врз основа на согледувањата од биологијата, антропологијата, палеонтологијата и економијата, тој истражува како струите на историјата ги обликуваат човечките општества, животните и растенијата околу нас, па дури и нашите личности.



Мојата генијална другарка од Елена Феранте (11)

Длабоко интимна, првата книга од познатата Неаполска тетралогија на Елена Феранте ѝ го донесе епитетот книжевна сензација. Оваа тетралогија ги следи и документира начините на кои женомразието и насилството можат да ги одредат животите на обичниот човек, испреплетени со настани од историјата на Италија во втората половина на 20 век. 

Оваа моќна приказна за доживотното женско пријателство и ривалство ја раскажува шеесетгодишната Елена која, соочена со мистериозното исчезнување на својата другарка Лила, решава да го овековечи секој детаљ од нивното заедничко минато. Растејќи во сиромашното неаполско маало во 50-тите, на суровите улици и во школските клупи, двете девојчиња учат да се потпираат една на друга пред сите детски стравови и предизвици. 


Вулф Хол од Хилари Мантел (1)

Вулф Хол е приказна за еден од најпознатите реформатори во историјата на Велика Британија, сер Томас Кромвел, кој успева да се издигне од дното до највисоката позиција во кралската хиерархија и да стане главен советник на кралот Хенри VIII. Иако во суштина е историски роман, Вулф Хол е обликуван како политички трилер, преполн со интриги, пресврти и извонредно изградени ликови. 

Романот го враќа читателот во XVI век, во светот на кралевите, принцезите, бароните, витезите и вештерките. Но Мантел успеала да открие една современа заднина на приказната, која есвоевиден портрет на Англија и на луѓето кои ја создале големата Британска Империја,и ни нуди директен увид во политичките интриги, во корупцијата и убиствата, во личните трагедии и националните искушенија што се кријат зад официјалната историја која сите добро ја познаваме.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново