Ноември – месец на новитети

Ноември – месец на новитети

Ноември е месец на нови изданија. Овие денови го одбележуваме излегувањето од печат на повеќе вредни изданија кои добија можност да бидат објавени благодарение на поддршката од Министерството за култура. Изданија од различни жанрови и за различни вкусови, од компаративни аналитики до бестселери и бисери на светската книжевност. Книги кои го збогатуваат не само нашиот фонд, туку претставуваат значајни авторски и издавачки потфати. 

 Од романите, деновиве пристигнаа нови дела од нашите автори академиците Митко Маџунов и Луан Старова, „Приказна за трите града“ и „Јаничари“. Обете книги го збогатуваат домашниот израз и историската нарација.

Академик Митко Маџунков е еден од оние автори чие творештво е богато, слоевито, загадочно и во голема мера е свртено конодносот начовечката судбина и егзистенција. Како приказна неговата долгогодишна авторска кариера, излезе неговиот последен роман „Приказна за трите града“, кој всушност е првиот напишан, но годинава за првпат претставен пред јавноста.


Романот „Јаничари“ е дваесеттата книга од големиот проект на Луан Старова наречен Балканска сага. Сите овие томови, кои книжевната критика ги вбројува во редот на големите европски романи, се, всушност, една приказна за балканската стварност, видена и раскажана преку едно бегалско семејство. Авторот, по широко проучување на јаничарскиот феномен, испишува една обемна, импресивна книга, сугерирајќи дека јаничарство може да се смета за клуч за разбирање на балканската судбина.


 Од стручните студии, објавени се компаративните дискурси на Марија Ѓорѓиева Димова, „Интерпретограми“, и на Владимир Мартиновски, „Далеку, а блиску“, кои се од голема важност за иманентна перспектива на текстовите во компаративната книжевност. Во „Интерпретограми“професор д-р Марија Ѓорѓиева Димова прави сериозна анализа на прозни, поетски и драмски дела од македонската литература. Додека „Далеку, а блиску“ на професор д-р Владимир Мартиновски, пак, ја обработува компаративната близина на јапонската книжевност во дијалог со македонските дела.

Објавен е и преводот на драмата „Јон“ на Еврипид, која е од особена вредност и важност како античка оставина што се чита и во современ контекст. Особено значајна во жанрот трагедија, како след на говорот и изразот на јунаците во содржината.

Од бестселерите, убедливо најголем бум направи Харуки Мураками, со својот исклучителен роман „Убиството на Командантот“, во кој ја раскажува динамичната состојба на еден ум што тргнува да открие една мистериозна загатка, а стигнува до осознавање и разрешување на личната самотија.


Во редот на овие повеќеслојни и полни со значење книги е и прекрасната „Предупредување за содржината“ на Нил Гејман, во која искуството низ најтемната (пот)свест создава фантастични сцени и мрачни а впечатливи приказни, во различен книжевен израз, од куси раскази до песни. Од печат излезе и вториот том од духовната поезија на Руми, „Големата црвена книга“, монументално и вредно дело кое останува да одекнува во современиот литературен свет, древен отпечаток од она што се нарекува „песна од срцето“. 


Во издание на Паблишер се појави и култната „Фондација и Империја“ на Исак Асимов, вториот дел на „Фондација“ – научнофантастичната епопеја која е прогласена за  најдобра во овој жанр на сите времиња. Психоисторичарот Хари Селдон мора да се соочи со Империја, која сèуште е најмоќната сила во Галаксијата...

Заокружувајќи ја оваа одлична продукција, излезе од печат и „Философија на моќта II“ од Калистрат Санџакоски, особено важна духовна читанка. Неговата литургиско-поетска визија за животот и светот, во контекст на раѓањето на моќта од духот на несвесното и потсвесното и нејзината (зло)употреба, го прави сингенијален со црковните уметности, при што се раѓа ова негово видување како синтеза на умниот и духовен принцип.

Сите новитети се веќе на полиците на нашите книжарници и достапни онлајн на www.kniga.mk

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново