Три предлози од Ана Јовковска
Новинарката и писателка Ана Јовковска, чија книга „Сакам, значи постојам“ деновиве е дел од големата акција на ТРИ – Гушни се со добра книга, ни предлага три наслови по свој избор...
Маестрална книга за најголемите предизвици на човештвото! Оваа книга, како некакво логично продолжение на претходните две дела на Харари „Сапиенс“ и „Хомо деус“, длабоко буричка низ прашањето: што се случува во светот денес и кои се подлабоките значења на тоа? Низ една бескомпромисна вивисекција, Харари прави пресек на најзначајните феномени: цивилизацијата, технологијата, работата, слободата и еднаквоста, национализмот, религијата, образованието, правдата, медитацијата. Она што мене лично ми се допаѓа е што книгата не е напишана како некаков историски наратив, туку како преиспитување во форма на разговор. Тоа ја прави лесно читлива и привлечна да се голтне брзо, иако нејзината содржина е распослана на 385 страници. Врската меѓу големите револуции од нашето време и внатрешните животи на поединците е одлична формула да може работите да ги разбереме на начин на кој тероризмот, на пример, не е само глобален политички проблем, туку внатрешен психолошки механизам. Различните феномени, почнувајќи од биотехнологијата и пазарот на трудот, па сèдо поствистината или мерата до која можеме да разбереме што се случува на глобално ниво, најпосле нèоставаат со најтешкото прашање: Дали хомо сапиенсот е способен да го сфати светот што го создал?
2. „ЧЕТИРИЕСЕТ ПРАВИЛА НА ЉУБОВТА“ (Книга за Руми) од Елиф Шафак
Посебно сум приврзана со оваа книга, можеби затоа што ја читав во моментот кога забременив, пред скоро пет години. Сè уште свежо се сеќавам на лиричниот тон со кој турската авторка Шафак плете две приказни од различни временски периоди, една современа и една древна, суфиска. Отсекогаш ме привлекувале точките врз кои се спојуваат Истокот и Западот, срцето и разумот, спиритуалноста и рационалноста. Мудроста на духовниот учител Руми и ексцентричниот дервиш Шемс од Тебриз, филозофските концепти и современите предизвици на љубовта, отуѓувањето и бракот, ме поттикнаа длабоко да погледнам во своите интимни животни премрежја. Прекрасна книга за стравот и универзалната љубов!
3. „ВАБИ-САБИ“ од Франсеск Миралјес
„Подобро е да патуваш полн со надеж отколку да стигнеш.“ – Јапонска поговорка.
Испишана на првата страница од книгата, доволно да ме заинтригира да нурнам во симболите на јапонскиот мистицизам искомбиниран со шпанското перо на Миралјес. Две-три страници повнатре го прочитав следново: „Сите сме дел од космичкиот бран – секогаш во оган – каде што ниедна состојка не се троши попусто. Другите се начин да се запознаеш себе си. Највисоката уметност е да се поврзеш со некој кој е поинаков од тебе, зашто способноста на тоа поле ја покажува нашата вистинска мера како живи суштества.“ Ја прочитав во еден здив, целосно непретенциозна, а суштинска. Книга која те тера да заклучиш дека неколку секунди длабока среќа остава подлабока трага во душата отколку цел еден живот минат во монотоно чекање. Една мачка на среќата може да ја поткопа целата наша љубовна археологија.