„Големата црвена книга“, симбол на духовната љубов на големиот поет и суфист Руми

„Големата црвена книга“, симбол на духовната љубов на големиот поет и суфист Руми

Џелалудин Руми, големиот пророк и трагач по внатрешниот мир и совршенство,е најпознат по стиховите кои гиискажуваат занесот и таинстватана сите видови љубов – еротска, божествена, пријателска – а во Големата црвена книга се собрани најдобрите меѓу нив. Маестрално лирски и длабоко експресивни, тука се поместени стихови за божественото откровение, духовното будење, пријателството и љубовта. Стихови кои стигнуваатдо нови длабочини и ни откриваат нови димензии. Заштодобрата поезија е над сите сопирачки и не може да биде ограничена од времето.  Деновиве од печат излезе вториот дел од ова капитално дело на Руми што го препеа големиот познавач на книжевноста, професорот и преведувач Драги Михајловски, кој го заокружува изборот на оди (газели) поместени во англиското издание приредено од Колман Баркс. Страниците од оваа книгасе полни со гроздови зрела духовна, преубава поезија, кои нудат допир со божественоста, откривајќи ја патеката на љубовта посеана со страст, копнежи постигнување единство со возљубеното. Ремек-дело што ги слави мистичната љубов,пријателството и животот.




За Руми  

Џелалудин Руми бил роден во близина на Белх, во денешната држава Авганистан, и бил наследник на долга лоза учени правници, теолози и мистици. Уште како млад, морал да го напушти градот поради војската на Џингис-хан кој го ширел царството на запад. Заедно со своето семејство заминува во Дамаск и во Нишапур. Таму бил веднаш забележан од поетот и учител Фаридудин Атар, кој кога го видел Руми рекол „Доаѓа море, следено од океан“.  На крај, семејството се населило во Коња, денешна југоцентрална Турција, каде Руми станува главен учител на медресата. Училиштето броело преку десет илјади ученици и главна цел била да се отвори секое срце поединечно, а со тоа да се отвори заедничкото. Членовите од оваа заедница користеле музика, поезија и движење, седеле во тишина, пиеле чај, раскажувале приказни, шеги. Постеле и многу внимателно го набљудувале однесувањето на животните. Овие луѓе биле нарекувани „луѓе што живеат според начелата на срцето“, или суфии. Најстариот син на Руми, Султан Велед, сочувал 147 писма на татка си, па ние денес имаме речиси точен опис на неговите дневни активности пред некаде осум столетија. Јасно е дека тој бил длабоко ангажиран и се грижел за нормалното одвивање на животот и работата во неговата дервишка заедница. Една доцна есен во 1244 година, Руми го сретнува Шемс Табриз. Шемс го поминал Блискиот Исток во потрага по човек што ќе биде на интелектуално и духовно рамниште со него. Не сакал да задржува пари и материјални добра, и за да остане свесен во физичкиот свет, работел тешка, ѕидарска работа. Кога ќе му плателе, ги давал парите на друг работник. Немирот му бил постојан придружник и оттаму го заработил својот прекар Паринда, или Летачот, едноставно Птицата. Сакајќи да дознае повеќе за тајните на небеската љубов, чул еден внатрешен глас: Што ќе дадеш за возврат? „Главата“,рекол Шемс. Онојшто го бараш е Џалалудин од Коња, син на Бахаудин од Балх. Шемс дошол во Коња на 29 ноември 1244 година. Отседнал во карвансарајот на трговците со шеќер и се преправал дека е еден од нив. Еден ден додека Шемс си седел на порти, дошол Руми качен на магаре опкружен со ученици. Шемс станал и му го фатил магарето за узда: „Би те прашал нешто, о мула (учителе)! Би те замолил да ми објасниш една чудна и тешка работа“, рекол Шемс. „Кажи, календарио (скитачки дервиш), какви маки ти тежат“, му рекол Руми. „Кој е повозвишен: Пратеникот на Алах, Мухамед, или Бистами, великанот на суфизмот во своето време?“ прашал Шемс.

„Чуден човече, зар може да се мери и спореди Мухамед со Бистами?“ 

„Имаш право“, рекол Шемс. „Но нели Пратеникот кажал: ’Колку повеќе ми Се откриваш толку помалку Те познавам‘, а Бистами рекол: ’Славен нека бидам јас величествениот!‘“ рекол Шемс.

Руми на сето ова рекол:

„Календарио! Твоето прашање е навистина необично и тешко. Одговорот го знаат само вистинските знајачи и љубовници. Бистами голтнал само капка љубов од огромниот океан на Алаховата појавност и сосема се опил, додека жедта на Пратеникот постојано се зголемувала, иако се напил многу чаши од тој океан.“

Слушајќи го овој одговор со ушите на своето срце, морето на љубовта од Шемс Табриз зоврело и претекло. Првин паднал во занес, а потоа на земја онесвестен. Руми слегол од магарето и го однел во својата медреса. Потоа заминале заедно. Поминувале недели и месеци заедно во мистичен разговор познат како сохбет.

Нивната релација била божествена, на ниво на гласници кои се препознале и секој во секого го видел својот Бог.

Со тоа откажување од книгите и од позајмената свесност, започнал вистинскиот живот на Руми, како и неговата вистинска поезија. „Она што порано го мислев за Бог“, рекол Руми, „денеска го сретнав во едно човечко битие“.

Средбата со Шемс било стожерно собитие во животот на Руми. Тие биле заедно во Коња околу три и пол години. Двапати за време на тоа дружење љубомората на учениците на Руми го натерала Шемс да си замине, но Руми двапати го праќал синот Султан Велед да го повика назад. Што се случило потоа никој не знае, а настанот е предмет на засилена расправа меѓу учените луѓе. Или Шемс сам си отишол и исчезнал без трага или бил убиен од група љубоморни следбеници, вклучувајќи го и еден од синовите на Руми, Аладин (Алеудин) Челеби. Оваа втора верзија влегла во усната традиција меѓу дервишите на Мевлеви, ред започнат од Султан Велед.

 Всушност, од Стариот завет,што е во основа книга на јудаизмот со Богот Јахве во центарот, се развиле денеска главните религии во светот: христијанството и мухамеданството со еднобожните Господ со синот Исус и Алах со пратеникот Мухамед во средиштето. Со малку видоизменети имиња во Куранот (Аврам е Адем, Мојсеј Муса, Јосиф Јусуф итн.) тие се зачетници на денеска различните вероисповеди чии почетоци се гледаат во Стариот заветуште со раѓањата на Ишмаил или Исмаил од египетската робинка Агара и на Исак од законитата жена на патријархот Авраам, Сара.

Руми, за разлика од Јосиф кој се соединува со семејството на крајот од својата приказна, повторно се здружува со Шемс во поезијата. И по чудото што му се случува на Руми во една од потрагите по Шемс на улиците од Дамаск, тој заклучува дека го нашол оној што го бара и дека за него потрагата е завршена. Но таинственоста на настанот поврзан со убиството или, можеби, самоволното одење на Шемс, останува. Сигурно е само едно. Со исчезнувањето на Шемс, поезијата на Руми се проширува и се продлабочува. Поезијата станува многу помоќна и многу поиздржана кога нејзиниот предмет е потаинствен, а со тоа поблизок до Бога. Овие возвишени стихови ќе можете да ги прочитате и во препев на македонски, од нашиот професор и преведувач Драги Михајловски. Книгата „Големата црвена книга“ е скапоцен и редок рубин во редовите на поетската мајсторија, а сега е достапна и во ТРИ.

Руми е познат меѓу народот како првиот дервиш што танцувал. Но многу приказни за него и неговиот живот дошле до нас преку привлечните и шармантни хагиографии, како оние за Руми и децата, Руми и просјаците, Руми и животните...

Последните дванаесет години од животот Руми ја пишувал, или ја диктирал поемата Маснави (Месневија) од шеесет и четири илјади стихови поезија или, поточно, 64.000 бејтови (дистиси), поделена во шест книги. Таа по многу нешта е единствена во светската книжевност. Таа се бранува како океан (поетска слика на Руми!) околу многу теми. Тоа е визионерска книга со понекогаш хумористични, па дури и недозволени коментари за здравјето на душата. Внатре се расправа за делови од Куранот, за множество народни приказни, шеги и друго. Руми го диктирал ова суптилно уметничко дело на својот писар Хусам Челеби додека шетале заедно низ Коња, блиските градини на Мерам, за време на часовите, како и на многуте други, јавни места. Бидејќи Хусам бил ученик на Шемс, оваа долга поема или еп може да се смета како продолжение на разговорот меѓу Руми и Шемс и нивно повторно обединување во поезијата. Треба да се спомене дека од ова пријателство се родила и книгата поезија на Руми Divani Shamsi Tabriz (Делата на Шемс Табриз) или, поточноДиванот за Шемс од Табриз,збирка песни посветени на Шемс Табриз, што е нашироко позната во светот како ремек-дело на светската книжевност со околу 3.000 песни.

Руми умрел на зајдисонце, во 1273 година. Неговиот гроб е во градот Коња и секој месец е посетуван од мнозина вљубеници во убавиот и духовен збор од различни религии.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново