ТРИ прашања со... Владимир Мартиновски

ТРИ прашања со... Владимир Мартиновски

(автор на фото: Тоше Огњанов)

„Преку уметноста, сите сме поврзани и не толку далечни“ – ќе рече нашиот пријател, професор, поет и прозаист Владимир Мартиновски, одговарајќи ни на три прашања во кои ни открива повеќе околу творештвото и можноста да се плови во различни книжевни форми.

1. За многу работи ве бидува – пишување, музицирање, сликање. Каде се чувствуватенајсвој? 

Во уметноста, која има многу облици и во која сè е поврзано. Веројатно не случајно постојат толку многу уметнички дисциплини и безброј жанрови, како и можности за нивно комбинирање и проникнување. Најсвој се чувствувам во компаративната книжевност, која е моја вокација и професија: таа секојдневно ми укажува на неисцрпното богатство, разновидноста и непредвидливоста во книжевноста и во уметностите, во кои ништо не е изолирано и самодоволно. Возбудливо ми е да се истражувам и да се испробувам во различни книжевни облици, особено во кусите поетски и прозни форми: микрофикцијата, хаикуто, сонетот... Ги сакам и хибридните облици: есејот, визуелната поезија, хаибунот, а во последно време и поезијата за деца. Свој се чувствувам кога пишувам на македонски, јазик чијашто музика не престанува да ме воодушевува. Свој се чувствувам и кога пишувам мои текстови, но и кога истражувам и пишувам за други писатели и уметници, некои што ги познавам и лично, а некои што живееле пред многу векови. Свој се чувствувам и кога музицирам, понекогаш и сам, а уште повеќе кога низ музиката градам заеднички звук со други пријатели. Таа радост е едно од најскапоцените искуства.   

2. Деновиве од печат излезе Далеку, а блиску – македонско-јапонски книжевни врски, книга што ги доближува јапонската и македонска култура. Колку сме далеку, а блиску едни од други, гледајќи го моменталниот контекст?

Актуелниот миг од нас бара да се одвојуваме физички дури и од најблиските роднини и пријатели, со цел да се намалат ризиците од пандемијата. Но кога сме блиску до себе, а тоа искуство ни го нуди уметноста, тогаш сме духовно блиски и до другите. Во контекстов на изолација и дистанцирање, ми беше особен предизвик да составам книжевно-теориска збирка со студии, огледи и осврти во кои се посочуваат многубројните врски меѓу македонската и јапонската книжевност, кои се создаваат на огромна географска оддалеченост. Книгата Далеку, а блиску е плод на долготраен интерес за овој домен, а има два дела: во првиот се анализираат делата на јапонските класици и современи писатели, преку специфичните литературни облици за Далечниот Исток, а во вториот се поставуваат низа прашања и се нудат можни одговори за еруптивниот интерес за хаикуто, танката и хаибунот во современата македонска поезија. Меѓу другото, со оваа книга сакав да укажам дека преку уметноста и книжевноста, сите сме поврзани и не толку далечни, без разлика колку сме оддалечени во просторот и времето.   


3. Што следно можеме да очекуваме од разноликата работилница на Владимир Мартиновски?

Деновиве, речиси истовремено со книгата Далеку, а блискуизлезе од печат и книгата за деца Шах со Бах, а пред две недели беше промовирана мојата нова поетска книга 101 сонет од една чудна пролет. На објавените книги треба да им се даде и време и можност да стигнат до читателите, а во тоа време ќе почекам да видам што ќе биде следниот творечки предизвик. А творештвото е непредвидливо. Последниве години напоредно работам на неколку ракописи, па ќе видиме кој од нив и кога ќе се преобрази во книга. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново