„ХУМОРОТ ЈА ОЛЕСНУВА ТЕГОБНОСТА НА СТВАРНОСТА“ – ИНТЕРВЈУ СО РУМЕНА БУЖАРОВСКА

„ХУМОРОТ ЈА ОЛЕСНУВА ТЕГОБНОСТА НА СТВАРНОСТА“ – ИНТЕРВЈУ СО РУМЕНА БУЖАРОВСКА
Кога и каде си најсреќна кога пишуваш?

Во Маврово, во викендичката што ја изгради дедо ми, кога нема никој во соседството и кога е ноќе и е мртва тишина.

Колку одговорна работа е писателството?

Има многу поодговорни професии, како на пример, да си лекар или просветен работник, или возач на автобус. Одговорноста не зависи од самите книги и самиот писател, туку зависи од тоа во каков контекст ќе се стават. Ако се стават во образовен контекст, би можеле лошо – или добро – да влијаат врз многу генерации. Но само по себе, писателството, како и уметноста, се послободни, не мора толку тесно да се врзуваат со одредена одговорност.  

Писателската работа е особено значајна за јазикот. Колку ти значи што во грчкото издание на „Мојот маж“ за првпат пишува дека е превод од македонски јазик?

Да, би можеле да кажеме дека писателството носи одговорност кон јазикот, бидејќи несомнено е дека книгите ја испишуваат јазичната историја на времето. Во нашиов случај, испишуваат и одреден идентитет и носат и политичка порака. Во однос на грчкото издание, да, ми беше посебно значаен овој чин поради политички причини. Долго време двете држави беа во конфликт, што исклучително лошо влијаеше врз културата, која за мене е основна сила што ги движи општествата напред. Во таа смисла, симболиката на овој чин многу ми значи, и би сакала да видам како и други наши автори се преведуваат во соседните земји со кои сме имале бесмислени политички конфликти.

Потребна ли е храброст за да се критикува општеството денес, како што го правиш ти тоа, преку иронија?

Потребна е искреност, за која веројатно е потребна и храброст. Но не го гледам тоа како посебно храбар чин од моја страна. Едноставно, неискрените книги секогаш се познаваат, зашто ѝ се умилкуваат на публиката или се самоцензурираат. Инаку иронијата е најелегантен начин да се критикува едно општество во книжевни рамки. 


Можеш ли да ни го опишеш процесот низ кој минуваш додека пишуваш.

Најдолг ми е процесот на осмислување. За тоа некогаш требаат години. Тоа претпоставува многу белешки, многу скици со обмислување на целината на текстот. Дури откако приказната ми е готова, со почеток и крај, дури откако имам структура за книгата и знам каде одам и која ми е целта на раскажување на тие приказни, дури тогаш седнувам да пишувам. Самиот процес на пишување пократко ми трае, но е помачен, зашто претпоставува многу ревизии кои се технички. Претпоставува и еден миг кога треба да престанам да го поправам текстот и да сфатам дека е готово, дека толку можам да дадам од себе и дека сигурно во иднина би можела повеќе, но тоа значи дека цел живот би пишувала и поправала една иста книга.

Тегобно ли е да се пишува низ сатира за проблемите што вистински нè мачат? 

Воопшто не ми е тегобно. Пишувајќи со хумор можам многу полесно да се справам со проблемите околу нас. Хуморот ја олеснува тегобноста на стварноста. 

Според тебе, која е најголемата предност на еден писател?

Емпатијата, перцептивноста и меморијата ми се клучни. Потоа треба да следува и дисциплина и самокритичност.

А најголемата мана?

Суетата.

Како ја замислуваш целосната слобода?

Како можност да кажам што сакам без никого да повредам.


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново