ГИ ПРАШУВАМЕ ПРЕВЕДУВАЧИТЕ: ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА СО ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ

ГИ ПРАШУВАМЕ ПРЕВЕДУВАЧИТЕ: ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА СО ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ

Долината на Мумините е мошно интересно место. Читателите на „Шапката на волшебникот“ од Туве Јансон совршено го знаат тоа. Но има еден човек кој таму ги одмора своето тело и душа, а тоа е нејзиниот преведувач, Ивица Челиковиќ.

Погледнете какво е неговото искуство од оваа долина, во која имаше среќа да престојува преведувајќи ја книгата како дел од проектот „Читаме заедно“ поддржан од Креативна Европа. Веруваме дека ова искуство ќе ви ја згрее душата и ќе ве пренесе во магични предели.


Ако творењето подразбира миг кога чувствата се преобразуваат во мисли, а мислите во зборови, можете ли да ни кажете некоја своја дефиниција за преведувањето?

Литературните преведувачи, во историска смисла, но гледано и од денешна перспектива со употреба на дигиталните алатки што делумно ја олеснуваат работата, се обидуваат, и повеќе или помалку, успеваат да го задржат читателот во илузија на директен допир со оригиналното дело. Читателот, всушност, склопува потсвесен пакт и со писателот и со преведувачот дека текстот ќе биде читан како да станува збор за оригиналот. Но сепак, како што некој мудро забележал, а што имајќи ги предвид искуствата воопшто не е далеку од вистината, да се преведува „е како да се менуваат пари, при што еден дел секогаш се губи при трансакцијата“.  Американскиот поет Роберт Фрост вели дека „поезијата се губи при преведувањето“. Имено, во поезијата јазикот го постигнува својот краен сензибилитет, својата најрафинирана музикалност. Во таа смисла, данската поетеса Пиа Тафдруп констатира дека „пренесувањето стихови на друг јазик бара екстремно развиено уво“. Пристапот при преведување прозно творештво е малку поинаков, но во принцип, прашањето се сведува на тоа дека би било неразумно и непријатно да се фокусираме на јазичните и креативните „загуби“ при преведувањето, наместо да го нагласиме тоа што е добиено и освоено со преведениот литературен текст, делумно затоа што оригиналот и преводот се и мора да останат две различни работи. А како читатели најчесто само се преправаме дека не го забележуваме тоа.

За авторството често се поставува прашањето дали е повеќе инспирација, талент или посветеност и напорна работа. Но се чини дека тоа прашање помалку им се поставува на преведувачите, иако и тие се своевидни автори при пресоздавањето на едно дело. Вие сте и автор и преведувач, па најдобро го знаете одговорот. Што значи да се има талент за преведување?

Треба да се има добро развиено чувство, или како што го споменав примерот со данската поетеса, која е и самата преведувач, сензибилно „уво“ за финесите, нијансите на уметничкиот текст. Но, се разбира, најнaпред треба добро да се познава јазикот од кој се преведува литературното дело, како и културните специфичности во средината во која тоа дело е создадено. Превод што се прави индиректно, односно преку некој друг јазик/превод, ризикува да ги „промаши“ финесите и да „заплива“ во погрешна насока. Талентот за преведување е, всушност, способност да ја прошириме нашата свест кога се обидуваме да протолкуваме други јазични и, пред сè, културни искуства.

Еден помалку или повеќе континуиран проблем на преведувачите е дека остануваат „невидливи“ во културната јавност, во споредба со писателите чии дела ги превеле. За среќа, во Македонија некои издавачи во последните години посветуваат значајно внимание на афирмацијата на преведувачите и нивниот труд, објавувајќи ги нивните имиња дури и на корицата на преведеното издание. Литературата, нема никакво сомневање во тоа, не може да се приопшти во други јазични средини без макотрпните заложби на квалитетни и квалификувани литературни преведувачи.

Во Шведска, на пример, Сојузот на шведските писатели ја задолжи својата канцеларија континуирано да ги следи издавачките програми и да интервенира таму каде што ќе се забележи дека е пропуштено да се објави името на преведувачот на соодветно и „видливо“ место во изданието.

Дали при преведувањето на книга за деца е поважно да се заскокотка детето во себе или, пак, да се поттикне возрасниот за да може да ги научи децата на лекциите на животот?

И едното и другото е важно, како што вие луцидно забележувате. Во литературата за деца често се присутни барања да се биде современ, напоредно со спецификите на времето во кое малите читатели го создаваат својот поглед на свет. И тоа без оглед дали книгата за деца обработува некоја историска или современа тема. Прочуената шведска писателка за деца Астрид Линдгрен, планетарно позната по својот детски лик Пипи Долгиот Чорап, го дефинира тоа на следниов начин: „Добрата детска литература му дава на детето место во светот, а на светот место во детето“. Се чини дека едно вакво сознание е мошне важно кога се зафаќате со преведување на литература за деца.

Едно прашање што верувам дека би ви го поставиле сите деца што ја читат „Шапката на волшебникот“. Долината на Мумините е земјата во која тие ги доживуваат своите авантури. Што би направиле или кого би сакале да сретнете ако на еден ден престојувате во Долината на Мумините?

Долината на Мумините е несомнено едно од најволшебните места во светот што едно дете би можело да си ги замисли во својата фантазија. Серијалот на Туве Јансон е обработен и во познатата анимирана серија, која и понатаму е предизвик за сите генерации. До пред извесно време, кога сакав да ги „избркам“ од мене лошите мисли, седнував да погледам малку убав колорит во цртаните филмови со Муминтрол и неговите пријатели. Тоа е прекрасна инспирација. Кога јас би се нашол за миг во Муминската долина сигурно би посакал многу нешта, можеби најмногу да седнам со главните ликови околу логорски оган и да ги слушам бравурозните изведби на мелодиите што на својата усна хармоника ги свири Снусмумрик.

Инаку, моментно преведувам уште една книга од серијалот за Мумините, под наслов „Лов на комети“.  Се надевам дека тоа ќе биде уште еден убав предизвик за малите читатели.

Еден читачки совет за младите сонувачи, генијалци и уметници...

Не дозволувајте светот, со сета своја големина и недофатност, само да летне крај вас, без да ви остави барем трошка ново доживување и искуство. Обидете се да почувствувате дека сте се искачиле на највисокиот бран во немирно море, од каде што ги набљудувате сите преобразби, промени и создавања. Можеби на таков начин најуверливо ќе ја почувствувате силата на креативноста и желбата за нурнување во творечка авантура.

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново