ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ОВОЈ САЕМ? (1 дел)

ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ОВОЈ САЕМ? (1 дел)

Извонредни книги! Една ќе ти влее страв до коски (па ќе ти вдахне храброст), друга ќе те расплаче (па ќе те мотивира да го освоиш светот), трета ќе те натера да станеш и да викнеш на сет глас колку ја сакаш (и ќе слушнеш: и јас!), а меѓу нив има и една која ќе те погоди во срцето како со копје (книгата е твојот нов штит од реалноста).

Па подгответе ги листовите, време е за саемски список. Но внимавајте, оставете доволно простор и за другите книги. Ова е само дел од саемските новитети!

„Ахиловата песна“ од Мадлин Милер

Книгите се наша Ахилова петица! Освен тоа, тие секогаш знаат да ни ги размрдаат умот и душата. Наскоро ќе нè рани приказната која го освојува светот, актуелната „Ахиловата песна“ од Мадлин Милер. Подгответе се читајќи да ги оживеете настаните од Тројанската војна и одново да ги протолкувате симболите на антиката  – Ахил и Патрокле, и да ги обоите во фикција!

„Кодексот на хероите“ од Вилијам Х. Мекрејвен

Уште една инспиративна книга за доблестите на секојдневните херои! Од Вилијам Х. Мекрејвен научивме за придобивките од навиката секое утро да си го наместиме креветот, а сега е време да научиме како да го откриеме херојот во нас. А во секој од нас се крие херој, тоа е сигурно!

„Време е повторно да ги запалиме ѕвездите“ од Виржини Грималди

Има ѕвезди и на друго место освен на небото! Тие се новите книги кои ќе трепкаат на Саемот на книгата. Меѓу нив, ѕвездата на Виржини Грималди со нејзината прекрасна животна лекција за тоа како да се сакаш и да се запознаеш себеси и како да живееш во хармонија со блиските. Дотаму може да те однесе една луда одлука да заминеш на патување во Скандинавија!

„Авантурите на лошото девојче“ од Марио Варгас Љоса

Книга која никогаш нема да ја заборавите! Повеќеслојната приказната за една таинствена девојка која постојано исчезнува и се враќа со нов идентитет е незаборавна и задолжителна за секој саемски список. Книга која ќе ве остави опсесивно вљубени во неа, онака како што Рикардо го љуби лошото девојче!

Циклусот „Невидливот“ од Ерик-Емануел Шмит

Запишете и едно име со три наслови. Малите а содржајни книги од Ерик-Емануел Шмит ќе ве научат многу! За религијата, за емпатијата, за животот. Книги кои ќе ги прочитате во еден здив, но кои засекогаш ќе се вселат во вашето срце.



„Во еден миг“ од Сузан Редферн

Не си се подготвил доволно за Саемот ако во списокот немаш книга која те растрепери и ќе те натера да си ги преиспиташ сфаќањата за животот и пријателствата, но и за смртта. Затоа очекуваната „Во еден миг“ нека биде дел од твојот список. Како изгледа светот кога го гледаш од другата страна, кога сите се обидуваат да преживеат, но ти веќе одамна си ја изгубил битката со животот?

 

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново