ЈАГОДА МИХАЈЛОВСКА-ГЕОРГИЕВА: СЕ САКАМ ТАКВА КАКВА ШТО СУМ

ЈАГОДА МИХАЈЛОВСКА-ГЕОРГИЕВА: СЕ САКАМ ТАКВА КАКВА ШТО СУМ

Пишува: Ана Јовковска

А. Ј.: Мајка на Гордан и Бистра, баба на Ведан, Васја, Дуња и Ирис, сопруга на Владо, најдобра пријателка на себеси, авторка на шест романи, две збирки раскази и книга есеи, новинарка, поранешна уредничка во телевизија „Телма“, добитничка на трите најзначајни награди за роман кај нас... Јагода Михајловска-Георгиева – жена со повеќе идентитети и сите до еден – светли! Денес, додека го водиме овој разговор, кој идентитет ви е најблизок? Како би се опишале себеси во моментов?

Ј. М. Г.: Како уште посветла од претходно (се смее). Животот ми е спокоен и радосен. Зад мене се сите тие луди (од овој мој сегашен аспект) трки со времето, сите исцрпувачки амбиции да се постигне нешто, да се стане некој, да се биде Таму, да не се пропушти нешто...Ух, а што? А кој? А каде? Јагода „Лагода“ си се нарекувам во интимните разговори со самата себе.     

А. Ј.: Во вашиот романот Манастир Фуентерабија главните ликови се прашуваат –Променет е светот или пак ние луѓето нешто расипавме“? Сега, после година и пол пандемија, каков ви се чини светот?

Ј. М. Г.: На почетокот од пандемијата наивно поверував дека светот ќе се промени на подобро. Во наивноста изумив дека светот не е некое единствено суштество што ќе си ја „чукне главата“, ќе подразмисли каде и во што греши и ќе се свести. Светот е сепак составен од единки и секоја од нив реагира на свој сопствен начин. Многу нè има на планетава, немам никаков увид колкумина и како еволуирале или назадувале.  


Дониравме органи претворајќи ја нашата болка во среќа за две човечки битија. Смртта на мојата сакана сестра Ана „ја пресоздадовме“ во живот на нечии други сакани. 


А. Ј.: Пандемијата донесе многу болка, но истовремено го разбуди и најхуманото во (некои од) нас. Минатата година бевме сведоци на повеќе донирања на органи со кои беа спасени животи. Пред петнаесетина години вие бевте меѓу ретките луѓе во Македонија кои по смртта на вашата сестра ги дониравте нејзините органи на двајца пациенти на дијализа и со тоа им ги спасивте животите. Холандија има закон сите полнолетни граѓани да донираат органи. Според новата легислатива, секое возрасно лице автоматски се впишува во регистарот на донатори на органи доколку не се спротивстави на одлуката. Сличен е и законот во Шпанија. Но помалку би сакала да зборуваме за системските решенија, повеќе за личното искуство. Каков беше целиот процес за вас? Што значеше тогаш, што денес од временска дистанца? 

Ј. М. Г.: Ништо се нема променето во меѓувреме, Aне. И тогаш и денес и засекогаш, тој наш семеен чин останува знак на висока свест, хуманост и донесување храбра одлука во вистински момент. Дониравме органи претворајќи ја нашата болка во среќа за две човечки битија. Смртта на мојата сакана сестра Ана „ја пресоздадовме“ во живот на нечии други сакани. Тогаш не знаевме кои ќе бидат тие и не ни беше важно. Кога ќе чујам за ист таков благороден чин на нечие семејство, допрена сум од необичен восхит. Знам низ што поминуваат и знам што ги крепи.     

А. Ј.: Ве цитирам: „Не е страшно да паднеш, потешко е да се откажеш од станување. Тагата е полесна бидејќи е откажување. Не бара никаков напор, а среќата бара“. Како се подигнувате себеси над „растечките води на тагата“? 

  Ј. М. Г.: Кога ги напишав речениците што сега ги цитирате од Манастир Фуентерабија мислев токму на тагата по починататa сестра. Навистина тагите имаат „растечки води“ и способни се да нè поплават, па дури и да нè удават во нивните длабочини... ако им се предадеме, ако се откажеме од „пливање и испливување“. А како јас се подигнувам на површина кога ќе ме навјаса? Па силно „замавнувам со раце и со нозе“, понекогаш е неопходен многу голем напор, ама зарем да дозволам да ме совлада?       

Со внуците на промоција на детскиот роман Ѕвездена џунгла  

А. Ј.: За романот Манастир Фуентерабија ја добивте наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобро прозно дело во 2017 година. Индиго Бомбај исто така се закити со награда – „Роман на годината“ за 2008 година на „Утрински весник“, и уште многу други... Наградите, како што велите, „ја греат душата, но тоа ‘грејно тело’ не е ‘трајножаречка печка’, туку краткотрајно емитира топлина. Откако ќе помине првичното задоволство од добиеното признание, таа случка никако не можам да ја сместам меѓу оние мигови вредни за паметење за кои пишува Кастанеда во книгата Активната страна на бескрајот“. Кои мигови од животот можете да ги сместите во највредната категорија?

Ј. М. Г.: Благодарна сум на мојот живот што богато ме дарувал со такви мигови вредни за паметење. Тие се дел од мојата најинтимна ризница и дури и да решам јавно да ги раздавам цела книга би ми била малку, не пак дел од  интервју (се смее).

Со синот Гордан


А. Ј.: Во нашето последно интервју пред неколку години ми рековте: „Порано ми значело што сум присуствувала како филмски критичар и ексклузивен известувач од најголемите фестивали, Канскиот, Венецискиот, доделувањето на Оскарите во Лос Анџелес... сега, на себеси од тоа време гледам со... како да кажам, а да не претерам... со доза на благонаклона, но и потсмешлива насмевка. Јас на фестивалите?! Во тој свет, толку извештачен од его триповштина, со лажен сјај, со маски, во суштината ужасно малограѓански. Зошто ли тоа тогаш толку ми значело?“. Што ви значи денес?

Ј. М. Г.: Ако ме прашувате што тој свет ми значи денес, одговорот е – ништо. Ако пак прашањето се однесува на – што денес ми е значајно, веќе ви одговорив погоре – што сум си Јагода „лагода“, што имам четири внуци кои бескрајно ме радуваат и што растат во прекрасни семејни услови. Ме радува тоа што врските со моите најблиски од поширокото семејство и моите длабоки пријателства се непроменливо живи до ден-денес.   

Со писателката Винка Саздова на промоција на детските романи од проектот Стела и Сани

Задоволна сум кога ќе успеам да ја збогатам колекцијата од исечени папочни врвци од врските што ми го загрозуваат мирот и слободата.   

А. Ј.: Велите: „Нашата човечка природа е таква, постојано да сме ‘во врска’ со некого и со нешто, притоа често развивајќи зависност. Тоа може да се саканите луѓе, радоста да се биде со нив, тагата од разделбата, непреболот по нечија смрт, љубомората, зависта, гневот, омразата... обичното утринско кафе ‘без кое не можеме да го почнеме денот’, читањето книга ‘без која не можеме да го завршиме денот’, планините, градот, воркохолизмот, уживањето во неправењето ништо, осамувањето без никого, дружбите од утро до вечер, пушењето, пиењето алкохол... Нема што не може да се подведе под терминот ‘во врска сум со’, од најбаналните до најсуштинските нешта“.

Кои врски ви се нераскинливи? А кои со задоволство ги пресековте како кога се сече попочна врвца? 

Ј. М. Г.: Нераскинливи ми се оние што ги посочив во претходниот одговор. А со другите што ми го загрозуваат мирот и слободата „секој ден сè повеќе и сè повеќе напредувам“ (ви текнува на таа реплика од еден ју-филм?) во пресекувањето. И многу сум задоволна кога ќе успеам да ја збогатам колекцијата од исечени папочни врвци. Не оди секогаш лесно, важно е да се биде буден на таа тема, зашто ги има и такви, итри и подмолни, се затскриваат зад разни паравани. 

Му ја сакам на маж ми неговата благородна, топла душа. Сакам што умее исто како и јас да биде опуштен и да ужива во тишината, во природата и во осамата, а кога е во друштво да биде забавен. Сакам што можам со него да разменувам мислења за книги, филмови, музика...

А. Ј.: „Не се познаваме ни себеси, а не пак другите“, вели еден од главните ликови во Манастир Фуентерабија. А вие ќе речете: „Кога сакаме некого, настрана фазата на заљубеност, тоа е далеку од љубов, не го сакаме затоа што е физички привлечен, образован, дотеран, интелигентен... туку затоа што душите ни се вљубиле, препознавајќи се“. Што најмногу сакате кај својот партнер, а што кај себе? И што ви се чини сè уште непознато... како територија која допрва треба да се открива?... 

Ј. М. Г.: Му ја сакам на маж ми неговата благородна, топла душа. Човештината што се манифестира кај него професионално, како хирург кон пациентите, но и приватно кон секој човек и, се разбира, секојдневно кон нас најблиските. Му ја сакам смислата за хумор и го сакам нашето заедничко смеење. Сакам што умее исто како и јас да биде опуштен и да ужива во тишината, во природата и во осамата, а кога е во друштво да биде забавен. Сакам што можам со него да разменувам мислења за книги, филмови, музика... што нè привлекуваат исти патувачки дестинации. Особено ги сакам неговите идентитети на татко и дедо, бескрајно нежни и посветени. Има уште, но да не го изумам ова: сакам што безрезервно ме поддржува во пишувањето, без тоа, хмммм... тешко му на моето писателствување.   А кај себе... се сакам таква каква што сум и однатре и однадвор. Ништо не би си одзела ниту додала. Самобендисана ли сум, некритична ли? Неее! Сум се прифатила себеси без задршка и сум се прогласила за најдобар пријател, во тоа е „штосот“. Што се однесува до непознатите територии, секогаш ќе ги има, та нели „не се познаваме себеси, а не пак другите“? Возбудливо е нивното откривање. 

Самобендисана ли сум, некритична ли? Неее! Сум се прифатила себеси без задршка и сум се прогласила за најдобар пријател, во тоа е „штосот“. 

А. Ј.: Уживав во вашиот нов роман за деца Ѕвездена џунгла, кој е дел од проектот Стела и Сани. Низ приказните на браќата Едан и Асја нè очекуваат далечни светови сосема различни од нашиот. – „Ѕвездите не се школки на плажа, па да можат тукутака да се собираат.“  Кои пораки сакате да им ги пратите на децата? 

Ј. М. Г.: Јас, пак, уживав пишувајќи го (се смее). И тоа повеќекратно. Најпрво затоа што го одржувам ветувањето што им го дадов на внуците Васја и Ведан дека ќе напишам книга за нив. Тие се главните ликови во овој роман. Уживав зашто карактерите и односите, дијалозите и сето друго кај ликовите го градев директно според тие на внуците. Благодарение на таа фиктивна, а сепак толку жива дружба, полесно ја поминав пандемиската карантинска година. Инаку, мислам би пресвиснала од копнеж по нив зашто поради корона-вирусот не се гледавме сè до нашето вакцинирање.

Не бев оптоварена со пораките кон децата читатели, тие произлегуваа спонтано, исто како за време на реалните дружења со моите внуци. А жанрот на Ѕвездена џунгла, авантуристичко-фантастичен роман за патување низ Вселената, произлегува од мојата сопствена страст во детството кон таквите книги. Всушност, си напишав таква каква што со задоволство би си ја читала како дете. И многу ми се допаѓа... мене, на тоа деветгодишно девојче што некогаш бев јас.     

Со ќерката Бистра

А. Ј.: Како ја оценувате современата продукција на литература за деца кај нас? 

Ј. М. Г.: Не ја познавам доволно за да можам релевантно да ја оценам. Со проектот Стела и Сани на „Три“ и „Вертиго“ секако е збогатена со тринаесет исклучително квалитетни дела за деца од најмала до тинејџерска возраст. Особено ме радува што авторка на десет од нив, 

за најмладите читатели, е ќерка ми Бистра Георгиева. Се случи така ние двете да сме првпат во заеднички проект и да го работиме паралелно во исто време. Неповторливо, прекрасно искуство!

А. Ј.: Прекрасен е вашиот расказ објавен во книгата Карантински приказни – антологијата на изолацијата. Која емоција ви беше важно да ја доловите и што сакавте да раскажете?

Ј. М. Г.: Најважно ми беше да им овозможам на читателите да се забавуваат и да се насмеат, па и на сопствена сметка. Нема ништо полековито од смеењето. Способноста да им се пријде на неволјите од духовита дистанца олеснува макар за кратко. Реакциите на читателите ми потврдија дека сум успеала во намерата.

На промоција на нејзиниот роман со Влатко Стефановски

Способноста да им се пријде на неволјите од духовита дистанца олеснува макар за кратко.

А. Ј.: Ова беше година на многу страв. Стравовите се главниот индикатор за нашата заробеност. Ве цитирам: „Каде што има страв таму царува неслободата. Страв од неуспех, страв од успех, страв да не бидам емотивно повреден, да не бидам напуштен, страв од болести, од животни, од бубачки, од отворен, од затворен простор, страв од високо, од темно... од сè и сешто“. Со кои стравови сè уште се буткате на рака? 

Ј. М. Г.: Јалова работа е „буткањето на рака“ со стравовите, жилави се и имаат посилни „мускули“ од нашите. Имам испробана стратегија што функционира, се разбира не секогаш, ама доволно успешно. Штом во некој момент препознаам страв, го „прескокнувам“ и го пренасочувам вниманието кон некој иден момент во кој причините за стравот се веќе надминати. Не е ова бегство, ниту пак игнорирање, тие не реагираат на тоа, тврдоглаво настојчиви се. Ова е мал сегмент од обемна,  сериозна духовно-ментална техника што бара голема концентрација и вежбање, работа, работа и само работа за да се постигнат резултати. Не можам да ја објаснам накусо, ако некого интересира нека ми се обрати лично.   

Со писателката Славенка Дракулиќ 

А. Ј.: Бевте единствената жена меѓу планинарите на Хималајската експедиција пред дваесет години. Кога ќе ви речеа „Храбра си, отиде на Хималаите“, одговаравте: „Не сум, само желбата  да се искачам ми беше голема. Се тргнува од мислата“. За тоа ваше драгоцено искуство пишувавте во романот Каменот од твојот ден, што го доби „Рациновото признание“ за најдобра прозна книга во 2005 година. Што ви беше главниот мотив за оваа духовна екскурзија, а богами и физичка, и дали би ја повториле? 

  Ј. М. Г.: Немав никаков мотив да одам на Хималаите. Имав само заумна, сосема необјаснива желба тоа да го остварам. Ако речам – „чув“ нечиј повик што безусловно бараше од мене да го следам, ќе звучи откачено, нели? И да, така е, стануваше збор за духовна и физичка... само што не беше екскурзија туку некакво хималајско патешествие во и вон од себе. Сѐ што можев да преточам во зборови веќе го напишав во тој роман. Остана неискажливото, најсуштинското, го знам ама не знам зборовно да го артикулирам. Непроменето ќе остане запечатено во мене сѐ додека постојам. Толку е силно и живо, но не како спомен, туку како вонвременско искуство, што немам зошто да го повторувам. Не, не би одела пак на Хималаите. Па јас сѐ уште сум таму, никогаш и не сум се вратила сосема.  

А. Ј.: Смело му пркосите на технолошкиот кафез. Редуцирано ги користите социјалните мрежи и новите дигитални алатки. За човек кој цел свој професионален живот го минал во медуими, тешко е да не се следи медиумската трансформација во ова современо технолошко време. Како ви успева?

Ј. М. Г.: А зошто би ја следела?  

А. Ј.: Слободата го држи почесното место на вашата вредносна скала. Што доаѓа веднаш по неа?

Ј. М. Г.: Нема ништо друго што доаѓа по неа. Таа е единствениот услов и придружник на сѐ. Еве вака некако: се има (или се нема) слобода за давање и примање љубов; за хуманост; нежност; емпатија; спокојство; авантуризам; дружење; осамување; радост; тага... долг би бил списокот на сите постоечки човечки чувства, однесувања, размислувања, буквално сѐ што зависи од слободата што ја имаме, или најточно, што си ја дозволуваме.        


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново