ЧЕСТИТ ВЕЛИГДЕН СО ПОУЧНИТЕ ЗБОРОВИ НА ПАУЛО КОЕЛЈО

ЧЕСТИТ ВЕЛИГДЕН СО ПОУЧНИТЕ ЗБОРОВИ НА ПАУЛО КОЕЛЈО

Момчакот продолжи да го слуша своето срце додека патуваа низ пустината. Почна да ги препознава неговите итрини и трикови, а со самото тоа почна и да го прифаќа такво какво што е. Така, младичот престана да чувствува страв и веќе не сакаше да се врати, зашто едно попладне срцето му рече дека е задоволно. „Дури и ако премногу барам“, му зборуваше неговото срце, „тоа е затоа што сум човеково срце, а човековите срца се такви. Се плашат од остварувањето на своите сништа, зашто сметаат дека не го заслужуваат тоа или дека ќе доживеат неуспех. Ние премираме од страв и при самата помисла на љубовите што засекогаш си отидоа, на миговите што можеа да бидат убави а не беа, на богатствата што можеа да бидат откриени а засекогаш останаа скриени во песокта. Зашто, кога ќе се случи тоа, многу страдаме.“

– Моево срце се плаши од страдање – му рече момчакот на Алхемичарот, додека го набљудуваа небото без месечина.

– Кажи му дека стравот од страдање е полош од самото страдање. И дека никогаш ниедно срце не страдало кога тргнало во потрага по своите сништа, зашто секој миг од потрагата е миг на средба со Бога и со Вечноста. „Секој миг од потрагата е миг на средба“, му рече

младичот на своето срце. „Додека го барав своето богатство, сите дни беа светли, зашто знаев дека секој час беше дел од сонот за потрагата. Барајќи го своето богатство, патем открив нешта за кои ни на сон не сонував дека ќе ги сретнам, а сето тоа благодарение на храброста со која се обидов да ги дофатам нештата што им се недостижни на овчарите.“ Потоа, цело едно попладне неговото срце остана мирно. Во текот на ноќта, момчакот мирно спиеше, а кога се разбуди, срцето почна да му раскажува некои работи од Душата на Светот. Му раскажа како секој човек што го носи Бога во себе е среќен. И дека е можно да се најде среќата и во зрнце пустинска песок, како што веќе му кажа Алхемичарот. Зашто зрнцето песок е мигот на Создавањето, а на Вселената ѝ биле потребни илјадници милиони години за да го создаде. „Секој човек на Земјината топка го чека неговото богатство“, му рече неговото срце. Ние, срцата, немаме обичај често да зборуваме за тоа богатство зашто луѓето веќе не сакаат да го пронајдат. За него им зборуваме само на децата. Потоа оставаме секого животот да го упати по правецот што му го определила судбината. Ама, за жал, малубројни се оние кои го следат обележаниот пат, а тоа е патот на Личната Легенда и среќата. Сметаат дека светот е полн со закани – и поради тоа тој свет станува опасен. „Затоа ние, срцата, почнуваме да зборуваме сѐ потивко, но никогаш не престануваме. А потајно се надеваме дека нашите зборови не се слушаат, зашто не сакаме луѓето да страдаат затоа што не го следеле своето срце.“

– А зошто срцата не им велат на луѓето дека треба да продолжат да ги следат своите сништа? – момчакот го праша Алхемичарот.

– Затоа што во тој случај срцето најмногу ќе страда. А срцата не сакаат да страдаат.

Од тој ден момчакот го сфати своето срце. Побара веќе никогаш да не го напушта. Побара од него да се стегне во градите и да му даде сигнал за тревога кога ќе се оддалечи од своите сништа. Момчакот се заколна дека секогаш ќе го очекува тој знак и дека ќе го следи. Таа ноќ сѐ му раскажа на Алхемичарот. И Алхемичарот сфати дека срцето на момчакот ѝ се врати на Душата на Светот.

– Што да правам сега? – праша момчакот.

– Продолжи во насока на Пирамидите – рече Алхемичарот.

– И продолжи да обрнуваш внимание на знаците. Твоето срце веќе е во состојба да ти покаже каде е богатството.

– Дали тоа е она што уште требаше да го знам?

– Не – одговори Алхемичарот. – Треба да го знаеш следново: „Пред да оствари некој сон, Душата на Светот секогаш настојува да го провери наученото за време на патот. Таа тоа не го прави од злоба, туку за да можеме, заедно со нашиот сон, исто така да ги совладаме научените лекции за време на одењето кон неа. Тоа е она за што ние во пустинава имаме обичај да кажеме: ‘да се умре од жед во мигот кога на хоризонтот веќе се појавиле палми’.“ „Потрагата секогаш почнува со Почетничката Среќа. А редовно завршува со ставање на Освојувачот на Проба“. Момчакот се присети на една стара пословица од својата татковина. А таа вели дека најмрачниот миг настапува спроти самото изгрејсонце.


Извадок од „Алхемичарот“ од Пауло Коелјо

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново