Штефани Штал за книгата „Детето во тебе мора да си го најде својот дом“

Штефани Штал за книгата „Детето во тебе мора да си го најде својот дом“

Во секој возрасен живее едно дете, и во секое дете живее еден возрасен. Детството е најважниот период од животот што влијае врз нашите понатамошни желби, стравови и одлуки. Штефани Штал со нејзините психолошки книги ни помага да го пронајдеме детето кое живее во нас, со сите негови позитивни и негативни страни.

Проследете го нејзиното интервју, кое ќе ви биде водич при читањето на прирачникот за себеоткривање „Детето во тебе мора да си го најде својот дом“. Никогаш не е доцна да се биде среќно дете!


Се занимавате со психотерапија, пишувате, а ве сметаат и за еден од водечките стручњаци кои се занимаваат со проблематиката на стравот од врзување. Вашата нова книга се вика „Детето во тебе мора да си го најде својот дом“. Што значи тој наслов? Дали оваа нова тема има некаква врска со стравот од врзување?

Насловот укажува на тоа дека секој од нас во себе несвесно носи ментални програми кои ги контролираат нашите чувства, мисли и постапки. Тие ментални програми главно, но не исклучително, се формираат уште во раното детство, зашто структурата на мозокот тогаш уште не е доволно развиена. Во првите години од животот се гради самодовербата, која е, така да се изразам, „епицентарот“ на нашата психа. Од неа зависи како ќе го гледаме светот околу себе, како ќе ги градиме односите со другите, од што ќе се плашиме, како ќе се справуваме со своите стравови и слично. Се подразбира дека од нашата самодоверба ќе зависи и начинот на кој се врзуваме за другите, а со тоа и самиот страв од врзување.

На кој начин се манифестира низок, односно висок степен на самодоверба?

Самодовербата се манифестира низ таканаречените принципиелни уверувања. Тие претставуваат едноставни, главно несвесни, внатрешни уверувања кои сме ги стекнале во детството и кои до крајот на нашиот живот ќе го одредуваат начинот на кој ќе се гледаме себеси и своите односи со другите луѓе. Или „јас сум океј“ или „јас не сум океј“. Фасцинантно е тоа што овие сосем едноставни уверувања можат да водат кон различни проблеми во животот. Во мојата книга читателите можат да пронајдат едноставна, но многу ефикасна вежба кој ќе им помогне да стекнат увид во своите принципиелни уверувања и да ги разберат специфичните импликации и проблеми што им ги предизвикале досега. Дугиот дел од вежбата ги учи како да ги сменат овие уверувања и како да ги решат своите проблеми. Оваа вежба ја развив за време на долгогодишната психотерапевтска практика и досега даваше одлични резултати. Оттаму е и поднасловот на книгата: „Клуч за решавање на (речиси) сите проблеми“.

 Како да си го претставиме себеси своето „внатрешно дете“? И каква е неговата поврзаност со самодовербата?

 „Внатрешното дете“ е метафора за оној дел од нашата психа кој е обликуван од искуствата од детството. Синонимно се користи и изразот „детско јас“. Внатрешното дете во себе носи несвесни уверувања кои играат важна улога во нашиот емотивен живот. Кога некој во себе, на пример, носи уверување „не сум доволно добар“, во животот ќе страда од стравовите од неуспех и од други животни ситуации повеќе отколку некој чие уверување гласи „доволно сум добар“. Стравот од неуспех води кон развивање на таканаречени одбранбени стратегии. Во нив, меѓу другото, се вбројуваат и стремежот кон совршенство, стремежот кон воспоставување храмонија и контрола. Тоа значи дека човекот чие внатрешно дете се чувствува недоволно добро, се обидува на тоа чувство на недоволност да одговори така што сите барања што ќе се најдат пред него ќе ги исполни совршено, избегнувајќи конфликти и обидувајќи се секоја ситуација да ја држи под контрола. Тој своето внатрешно дете, исто така, може да го штити развивајќи силна желба за поседување моќ и нагласена подготвеност да ги нападне другите. (Несвесниот) избор на стратегија за самоодбрана зависи од искуствата од детството и од генетиката.

На крајот излегува дека токму тие стратегии се, всушност, извор на повеќето проблеми во животот. Еве еден пример: ако внатрешното дете на некоја личност е убедено дека е безвредно, тоа ќе предизвика таа личност во контактите со другите често да зазема одбранбен став, или ретко да го напушта својот стан, за да се заштити од остатокот од светот. Тоа резултира со чувство на осаменост. Така, чувството на осаменост станува нејзин вистински проблем.


Како настануваат самодовербата и прадовербата? И како можеме да препознаеме дека нашата прадоверба е разнишана?

Прадовербата се формира во текот на првите две години од животот. Низ односите со родителите дознаваме дали сме добредојдени на овој свет и дали можеме да имаме доверба во другите луѓе. Личноста која нема чувство на прадоверба е поподложна на стрес за разлика од другите. Во едно истражување во областа на невропсихологијата е утврдено дека луѓето на кои им недостига прадоверба се почувствителни на стрес и на разни видови фрустрации, и дека подолго остануваат оптоварени со овие негативни чувства.

Зборувате за „сончево дете“ и за „дете на сенката“: првото е назив за нашата животно ориентирана, радосна, силна страна, а второто – за негативните уверувања и стресните чувства. Не ги поседуваат ли луѓето, во основа, двете страни на личноста? Како можеме да ги растераме сенките и да го ослободиме сончевото дете во себе?

Да, и двете деца ги носиме во себе, и притоа кај некои доминира едната, а кај други другата страна на личноста. Во книгата им покажувам на читателите како да се „спријателат“ со своето дете на сенката и како да поттикнат развој на сончевото дете. Им објаснувам како да формираат нови принципиелни уверувања и да ги вкотват во себе. Истовремено им давам совети како своите одбранбени стратегии да ги преобразат во „драгоцени стратегии“, но и како со промена на однесувањето да ги решат проблемите. Целта на вежбите наведени во книгата е да го научат читателот свесно да избере меѓу детето на сенката и сончевото дете.

Сѐ додека сме несвесни за постоењето на детето на сенката, нашите ментални програми работат автоматски и не сме во состојба да се извлечеме од маѓепсаниот круг. Ние лично не мора да ги почувствуваме последиците, но поради одбранбената стратегија што сме ја избрале, последиците ќе ги почувствува околината.

Освен детето на сенката и сончевото дете, постои уште една психичка инстанција: „внатрешен возрасен“ или „возрасно јас“. Станува збор за онаа страна од нашиот ум која свесно размислува и носи рационални одлуки. Меѓутоа, таа може соодветно да функционира само ако знае за постоењето на детето на сенката.

Ако се навратите кон своето детство, кое принципиелно уверување имало пресудно значење за вашиот животен пат? Дали постоело некое негативно уверување кое сте го пребразиле во позитивно?

Имав среќа да пораснам во семејство полно со љубов и во мојата личност секогаш доминираше сончевото дете. Сепак, ниту едно детство не е совршено: мојата мајка била најстара од деветте деца во семејството и кога имала 11 години, почнала Втората светска војна. Во такви околности немало место за слабост. Поради тоа, таа подоцна не можеше да справи ни со своите ни со моите чувства. Така во мене се формираше принципиелно уверување: „морам да бидам силна“. Тоа ми помогна во многу ситуации, но свеста за него ме научи дека понекогаш може да си дозволам да покажам слабост.

 

Извор: randomhouse.de

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново