МОЌНИ ПОРАКИ ОД НАШИТЕ АВТОРКИ ЗА СЕКОЈА ЖЕНА

МОЌНИ ПОРАКИ ОД НАШИТЕ АВТОРКИ ЗА СЕКОЈА ЖЕНА

Жените секојдневно го менуваат светот! Жената е секој ден хероиња, а денес само ја славиме нејзината супермоќ да биде архитектка која го гради светот. Нашите авторки Винка Саздова, Јагода Михајловска-Георгиева, Виолета Танчева-Златева, Катерина Ангеловска и Ана Јовковска ве потсетуваат дека без женската бестрашност и нежност, светот не би бил она што е.

Кога сум со Себе, тогаш сум поврзана со сиот свет. Кога се сакам Себе, го сакам и Другиот. Жена, маж, сеедно. Суштината е иста. Само Љубовта постои.

Винка Саздова

Бреза има пет години во „Момчето Молња“, дванаесет во „Игбал, мојата тајна“. Ана Ананда од „Индиго Бомбај“ и Нара од „Манастир Фуентерабија“ се на возраст од триесет и некоја. Жената Хималајка во „Каменот од Твојот ден“ има четириесет и осум. Мерџори од „Дрско црвен кармин“ е седумдесетгодишна. Различни им се животните патишта. Поседуваат иста животната сила одважно да освојуваат височини, храбро да совладуваат длабочини. И кога ќе паднат, а паѓаат, се креваат и продолжуваат. Можат, зашто сакаат да можат така да растат и созреваат.

До сите девојчиња, девојки, мајки, баби: жени, само напред и горе главата!

Јагода Михајловска-Георгиева

Среќен Осми март на сите храбри жени кои го крепат светот! На сите баби, мајки, ќерки, домаќинки, љубовници, пријателки и (со)работнички, кои несебично го претвораат во убав, топол дом за живеење.

Молитва на рацете

Колку работи поминуваат
секој ден низ овие мали раце!

Раце цврсти готвачки и мијачки
раце вешти принесувачки и раскревачки
раце чистотници за крпи обични и магични
и за влакна паднати на погрешни места
раце тресачки на килими черги и чаршафи
раце другарки на чинии чаши вазни и дреболии
за разубавување на секојдневното сивило
раце цел на злокобен нож кој подмолно засекува
за да предупреди на потребното трпение
раце друшки за компјутери книги пенкала и хартии
раце пазарувачки од леб до хартија со мирис на камилица
раце галовни мајчински
раце ќеркински
покајнички
љубовнички
копнежливи
прељубнички
раце коритца за капките милост
со кои штедро ме оросуваш Господи 

Прости ми
што навечер немам сили
да ги склопам за молитва 

Виолета Танчева-Златева

Кога жената конечно ќе сфати дека задоволувањето на другите е невозможно, таа повторно ќе постане слободна и ќе научи како да се задоволи. Оваа свесност ја изразува нејзината посветеност кон себеси и нејзината суштина не може да биде поседувана. Тогаш таа ќе се трансформира и ќе се отвори кон животот во љубов и со љубов. Ветете си дека ќе се сакате, почитувате и обожавате како света целина, олицетворение на Божицата во себе.

Катерина Ангеловска

Таа беше заразно енергична. Животот го живееше со полни гради. Денот го поздравуваше со полет, ноќта ја заспиваше со адреналин.

Секој ден одново им пркосеше на конвенциите, на стереотипите и на туѓите банални приказни. Со аголот на окото ги читаше луѓето уште на првиот поглед. Понекогаш ја карав дека е наивна, некогаш дека е своеглава, недоволно суптилна за овој груб свет, но секогаш ѝ се восхитував на недофатливоста на нејзината душа.

Ана Јовковска

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново