ТРИЛЕРИ СО КОИ ВИКЕНДОТ СТАНУВА ПОВОЗБУДЛИВ

ТРИЛЕРИ СО КОИ ВИКЕНДОТ СТАНУВА ПОВОЗБУДЛИВ

Се поместуваш на работ од столчето, одвреме-навреме погледнуваш накај вратата, а пулсот ти се зголемува – тоа се првите знаци на еден добар трилер. Мистерија, хорор или крими роман – сите ќе ги опишеме со три збора: книги за неизвесното.

Кои се нашите препораки за книги полни со енигма, интриги и шокантни пресврти? Погледнете го списокот препораки за викендот да ви стане повозбудлив, а да бидеме искрени, и по малку – неизвесен.

„Речиси нормално семејство“ од М. Т. Едвардсон

Сандел се совршено нормално семејство. Но осумнаесетгодишната Стела е обвинета за свирепо убиство на еден повозрасен човек. „Дури кога го видов нејзиниот безживотен поглед, ја сфатив реалноста. Ништо не беше нормално.“ Раскажана од перспективата на безнадежните родители, а потоа низ призмата на обвинетата тинејџерка, откриваме колку чини невиноста, или сепак, копнежот по невиност? Колку докази се потребни за еден татко да поверува во невиноста на својата ќерка? Дали таа е воопшто невина?

„Некој што го знаеме“ од Шари Лапена

Додека еден тинејџер се извлекува од ситуација да биде фатен како се прикрадува во куќите на соседите, еден од нив кој мирно спие во својот дом, е убиец. И едниот и другиот се некои што ги знаеме. Ќе успеете ли низ доказите да го откриете вистинскиот злосторник? „Многу ми е тешко да го напишам ова писмо. Се надевам нема премногу да нѐ мразите. Не постои лесен начин за да го кажам ова, па само ќе го кажам“ – писмото што е исповед на очајната мајка на тинејџерот е само почеток на непредвидливите настани што тешко можат да се искажат.

„Ловци на глави“ од Ју Несбе

Возбудливиот заплет на Ју Несбе, во стилот на Хичкок, ќе ви приреди едно несекојдневно страшно искуство. Рогер Браун ќе заглави во кражби на уметнички дела, а Клас Греве од совршен кандидат за позицијата извршен директор на една компанија, станува најужасното искуство во неговиот живот. Да се биде ловец на глави и не е некоја тешка работа – ќе прочитате на крајот на романот, ама да се биде крал над кралевите во ловење глави, е тоа е неповторливото во крими романите на Ју Несбе.

„13“ од Стив Кавана

Брилијантните криминални умови се тешки за разоткривање. Но брилијантните умови на љубителите на трилери со долго читателско искуство со сигурност можат да откријат кој ја уби сопругата на Соломон и ја прекина приказната на најпознатиот и најмоќен холивудски пар. Ако немате долго крими читателско искуство, впуштете се во оваа морничава приказна заедно со Стив Кавана.

„Човекот од креда“ од К. Џ. Тјудор

Кога Еди е мал, во училиштето му предава еден наставник што го викаат Човекот од креда. Од него Еди и другарите ги добиваат првите креди во боја и си оставаат нацртани пораки разбирливи само за нив. Сè додека еден ден мистериозно појавеното човече од креда не ги однесе до едно распарчено тело... Триесет години подоцна, Еди мора да сфати што се случило тогаш и кој сега му го пратил писмото со цртеж на човек од креда.

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново