Доктор Проктор и големата кражба на сите големи и мали срца

Доктор Проктор и големата кражба на сите големи и мали срца

Сè што постои денес, некогаш било само дел од нечија имагинација. Ако сакаш нешто да постои, прво мора да го замислиш, и секако, да веруваш дека ќе стане вистина. И иновациите на доктор Проктор, неговите откачени и волшебни напивки биле имагинација, сè додека не пронашол начин како да ги направи.

За почеток, да видиме кој е доктор Проктор.

Проктор е забавен и смешен лик од едицијата книги „Доктор Проктор“ на најпознатиот современ норвешки автор на трилери Ју Несбе. Несбе со овој серијал влегува во светот на децата, а децата влегуваат во Прокторовиот свет. И не сакаат да излезат оттаму! Зашто тој свет е полн со необични авантури, хумор и духовити дијалози, чудни и чудесни ликови. Оваа приказна е експлозивно смешна акција – доктор Проктор и неговите мали пријатели Буле и Лисе заминуваат по трагите на рускиот милијардер Рублов, кој ја ограбува норвешката златна резерва и се подготвува да ја стопи за да го направи фудбалскиот трофеј. Може ли Проктор со помош на своите мали пријатели да го надмудри рускиот милијардер? За да го освојат трофејот, Буле и Лисе се приклучуваат во фудбалскиот тим и се обидуваат да му помогнат на безнадежниот клуб да стигне до победа. Звучи како совршено четиво за секое дете, нели?

Зошто децата уживаат во оваа приказна?

Пред сè, заради несекојдневните доживувања! Доктор Проктор го има рецептот за создавање на гасови кои може да ве однесат на многу далечни места. Прдонаутскиот прав на Проктор се користи за забавни и за добри цели. Тој не создава тегоби во стомакот, туку те носи во вселената. Заплетот на приказната е полн со акција, напнатост и драма, а главните ликови се интересни и допадливи. Буле е мало човече со големо срце, а Лисе е паметно девојче полно со храбост. Доктор Проктор знае како да нè забавува, како да ја развие имагинацијата на децата, но и да го разбуди внатрешниот детски импулс, зашто ги сфаќа децата онака како што заслужуваат: мошне сериозно. Фантазијата на Проктор е полна со луди пронајдоци, но и со разумни идеи и поуки.

А зошто и на родителите им се допаѓа приказната?

Во оваа книга има многу повеќе работи отколку што изгледа на прв поглед. Децата се чувствителни, тие треба да знаат дека заедно можат сè, дека треба меѓусебно да си се доверуваат, да пронајдат пријател еден во друг. Со ова четиво, тие стануваат свесни дека големината на нивните мали раце не се потценува. Ју Несбе, незабележливо за детските очи, ги учи како да ја препознаат одговорната улога што ја имаат во светот, а на родителите им покажува да не се грижат што ќе станат утре нивните деца, туку да видат дека тие уште денес се некој.

А во заднината на оваа забавна авантура...

Освен што ќе ја збогати детската фантазија, оваа приказна кришум ќе ги научи за нивните вредности. Несбе нè учи низ смеа (зашто она што е водата за телото, тоа е смеата за душата) и низ невозможни дела (зашто самите деца се магијата што ја бараат насекаде). Насмевките се безвременски, а соновите и имагинацијата се вечни. Има ли поголеми сонувачи од насмеаните и среќни деца?

Еве и неколку теми за разговор по читањето:

Што ви беше најсмешно, вам на најмалите, и вам на возрасните? Кои реални ситуации од книгата ги имате сретнато во животот? Сте се спријателиле ли со некој што не сте мислеле дека ќе ви биде пријател? Колку магични начини може да смислите за освојување на трофејот или, пак, за пат во вселената?

„Доктор Проктор и големата кражба на злато“ се чевли со број што одговараат секому. Тие се чевли за прошетка низ еден нереален свет со никогаш пореални чувства. Обујте ги и подгответе се за гасовита авантура од вселенски размери!

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново