Книгите што ја обележаа 2020 (втор дел)

Книгите што ја обележаа 2020 (втор дел)

Целта на добрите книги не е само да ви поминат низ рацете, туку да ве допрат и да ги разбрануваат вашите мисли. Вториот дел од списокот на книжевни остварувања кои ја обележаа 2020 година нуди предлози кои со сигурност ќе ве остават без здив до последната страница.

„А пропо ништо“ од Вуди Ален

Едно од највозбудливите изданија за оваа година беа и долгоочекуваните мемоари на славниот и неповторлив Вуди Ален. Оваа автобиографска приказна навлегува под површината на неговото огромно животно и професионално искуство и сигурно ќе го смени вашето мислење за него.

За наша среќа, Вуди Ален решил дека конечно е време да ја раскаже сопствената приказна. Затоа во овие искрени и неверојатно забавни мемоари ширум ни ги отвора портите од својот бурен живот. Во својот препознатлив хумористичен стил, ни пренесува приказни за своето детство, тешките почетоци, за филмовите, за браковите и љубовните врски, за пријателствата.


„Како да се разговара со непознати“ од Малком Гладвел

Малком Гладвел е писател познат по својата уникатна перспектива за популарната култура, врвен интелектуалец и современ идеотворец, прогласен за еден од 100-те највлијателни луѓе на „Тајм“ и за еден од врвните глобални мислители. Во „Како да се разговара со непознати“ тој ги преиспитува начините на кои се справуваме со непознатото и со луѓето кои не ги знаеме, нудејќи ни можност да ја погледнеме и малку потемната страна на човечката природа. Преку низа анегдоти од областа на историјата, психологијата и законот, Гладвел нѐ учи како да разговараме со луѓето кои не ги познаваме за да ги избегнеме недоразбирањата и конфликтите и да ги преиспитаме своите начини за справување со непознатото.

Фасцинантна книга за средба со самите себеси во општество кое често запаѓа во недоразбирања и конфликти.


„Асистола“ од Марија Јаневска

Марија Јаневска е препознатлива по силните чувства во приказните и по скриените пораки што тие ги носат во себе. Нејзиниот нов роман „Асистола“ отвора и едно ново поглавје  во нејзиниот творечки свет. Емотивен и реален, романот ќе ви ја раскаже приказната за младата докторка Лена која решава да го напушти својот живот во Виена и да се врати во родниот град.

Растргната е меѓу напорните болнички смени, редовните средби со психотерапевтот, задржување на пријателството... и забранетите чувства што ненадејно ја обземаат кон Гаврил, познат и шармантен хирург, кои можат да ѝ ја уништат целата кариера. Обидувајќи се да најде излез од емотивниот лавиринт, токму кога ќе реши да ги распакува големите куфери од Виена, животот ѝ носи нов пресврт.


Авантурите на Стела и Сани

Стела и Сани се новите неодоливи ликови кои ќе бидат верни пријателчиња на секое дете. Низ комбинација од едукативни и музички видеа, сликовници, книги и интерактивни игри, тие ќе ги подучуваат и забавуваат децата низ многу фази од нивното растење и ќе ги поведат на многу заеднички авантури.

Тие многу сакаат да откриваат нови нешта. Во сликовницата „Сани и Стела и еден чорап со боја бела“ учат различни форми и бои, спротивности и положби во просторот, а пак  „Во овој балон нема место за еден слон“ најдоа еден балон бел и го исцртаа шарен цел. Треба да дознаеме што ќе се случи кога сите животни ќе посакаат да се качат во него.

Придружете им се на Стела и Сани во нивните едукативни авантури!

„Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат“ од Елена Феранте

Оваа година несомнено ја обележа и објавувањето на третиот дел од познатата Неаполска тетралогија на Елена Феранте.

И во третото моќно продолжение на Неаполската сага веќе возрасните Лила и Лену го задржуваат односот на љубов и омраза типичен за нив уште од деца. Додека си раскажуваат за сопствената среќа, длабоко во себе секоја размислува за својата несреќа. Приказна за нивните патишта и крстопати, битки и тешки одлуки во еден бурен период од италијанската историја.

Ова е секако книга која не може да се заобиколи. Секој што ја цени моќта на пишаниот збор уште веднаш, по првите страници, ќе се увери дека не се испушта од рака додека не се прочита до крај.


„За твојот роденден“ од Снежана Пејаковиќ-Киќовиќ

Ова е една весела, шарена сликовница полна со волшебни џуџиња, стоногалки што се борат за својата чест, глувчиња и диносауруси што јадат торта. Книга полна до врв со радост, книга со која не се подарува само вредност, туку е и потсетник за да го чуваме детето во нас. Таа беше една од најпопуларните детски книги од поранешните југословенски простори, а со нови, свежи илустрации, се најде и на полиците на ТРИ.

Приказните се на Снежана Пејаковиќ-Киќовиќ, а прекрасните илустрации се на Александар Золотиќ. Книга за сечие детство, која ќе го развесели и вашето дете.


„Сакам, значи постојам“ од Ана Јовковска

Задоволство е да се читаат размислувањата на Ана. Да се почувствува порив за слобода од нејзината слобода, да се ужива во храброста на мислите што носат промени, на личните длабочини и спектарот емоции. Нејзината книга „Сакам, значи постојам“ е едно такво љубовно и духовно патување од и кон себеси.

Во неа Ана се соголува без задршка, па затоа и целата книга е натопена во љубов, животни искуства, болка, слобода и радост, во кои таа го бара ѕвончето со кое ќе повика на промена. Замислена како отворен разговор во и надвор од себеси, Ана тргнува од Декартовата максима „Мислам, значи постојам“, која како жена и мајка ја трансформира од „мислам“ во „чувствувам и сакам“. САКАМ во себе содржи цел еден друг свет на МОЖАМ! Тоа e оној внатрешен импулс на проактивност за подоброто внатрешно ЈАС, подобар живот, подобар свет... Некогаш тивко, некогаш гласно, но секогаш со верба дека овој комплициран свет може да се спаси со добрина и љубов.


Серијалот за Хари Хуле од Ју Несбе

Ју Несбе е еден од најпознатите светски автори на трилери. Неговите романи се фасцинантно возбудливи и никогаш не ве оставаат рамнодушни. Тоа се должи на неговата умешност да ги нацрта ликовите најпрво во својата глава, а потоа ги пушта да ја оживеат приказната.

Неговите приказни за детективот Хари Хуле се најчитниот криминалистички серијал низ целиот свет, преведен на повеќе од 50 јазици и продаден во над 40 милиони примероци.

Сите книги на Несбе ја портретираат вечната желба на човекот да се скрие од сопствените слабости, да ја скрие трагата за злосторството, фасцинирајќи го читателот во откривањето на виновникот. Возбудливите ликови и динамичните пресврти во „Црвеношијка“, „Одмазда“, „Соломоновиот знак“, „Околопно срце“, „Сеништето“, „Спасителот“, „Снешко“, „Полиција“...  ќе ве држат во неизвесност до последната страница.


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново