ТАЈНИОТ СВЕТ НА ХАРУКИ МУРАКАМИ

ТАЈНИОТ СВЕТ НА ХАРУКИ МУРАКАМИ

Сите обожаватели на Мураками знаат каква е неговата книжевна вредност. Доколку досега не сте биле во неговиот свет, со самото влегување во него, вашиот живот ќе се преобрази засекогаш. Неговите книги се изненадување. Никогаш не знаете што ве очекува на следната страница!  

Самиот Мураками вели дека е „изненаден и збунет“ од извонредниот прием на неговите први обиди во литературата. Кога авторот ќе ги поттикне луѓето да размислуваат за неговиот начин на пишување, и самиот се мотивира да создаде нови, љубопитни и истражувачки форми во раскажувањето. Неговите херои, несреќни и непосредни, секогаш тргнуваат во некаква истражувачка мисија. Местото каде што завршуваат не е секогаш познато, но затоа е длабоко, фундаментално чудно. Во својот стил, со прецизна јапонска суптилност, Мураками е мајстор на неизвесноста, со длабоки психолошки и социолошки нијанси. Јазикот му е одмерен, лажно едноставен, со скриена мистерија зад раскажаното. Во своите дела пишувал за овца фантом, за духови кои се среќаваат во подземниот свет, за мали луѓе што излегуваат од некоја слика... И сите овие експресивни кадри од неговата природна авторска мисла најчесто ги проучуваат пропуштените врски и загубените односи, и во комедијата и во трагедијата. Поттикот е единствен – зошто не можеме да се разбереме меѓусебно? Одговорите речиси секогаш лежат во неговите книги.

Мураками е маестрален во преобразувањето и мешањето на стварноста, што му овозможува комплетна слобода и забава во пишувањето. Вели дека реалноста и фикцијата природно се мешаат во процесот на создавањето. Колку повеќе се обидува да пишува на реален начин, толку нереалниот свет се појавува во процепите на раскажувањето.

„За мене, романот е како забава. Секој што сака може слободно да дојде на забавата, но оној што сака да замине – слободен е да го направи тоа во секое време.“

 Пишувањето за Мураками е „одење на друго место“ кое му дозволува да навлегува длабоко во нереалниот свет во кој можат да се сретнат чудни работи. За него, фантазијата е природна водилка од кој ги извлекува сликите и ги запишува, а потоа се враќа назад. Самиот вели:

„Го гледам тој свет и опишувам што сум видел, а потоа се враќам. Враќањето е важно. Ако не можете да се вратите, тогаш е страшно. Но јас секогаш се враќам“.

 

Овој препознатлив стил го негува и во својот последен роман „Убиството на Командантот“ – неверојатната приказна за љубовта и осаменоста, војната и уметноста. За неа Мураками вели:

Ова е голема книга. Ми требаше година и пол да ја напишам, а почнав со еден-два параграфа. Ги запишав и просто ги заборавив. Потоа, по неколку месеци, ми текна дека би можел да ги претворам во роман. Немав план, немав скица, немав сиже, ги имав само тие два параграфа и продолжив да пишувам. Самата приказна ме однесе до крајот. Ако имате план, ако знаете како ќе заврши кога почнувате да пишувате, тогаш пишувањето не е забавно. Можеби сликарот има скица пред да почне да слика, но не и јас. Оставам бело платно, имам четка и само сликам“.

 Како и во „Убиството на Командантот“, кај Мураками главните насоки во пишувањето се – недостигот од нешто, потрагата по тоа нешто и, на самиот крај, пронаоѓањето.

Неговите ликови се беспрекорно извајани и нивните умови се несовршено човечки, бидејќи се обликувани од несовршено минато, а тоа резултира со недефинирана, слободна иднина. Ваквото умешно раскажување и пренесување на личното „лудило“ може да се разбере исклучиво со читање на неговите дела. Времето и просторот тука се надвор од логиката, и токму во тоа лежи најголемата привлечност за читателите. Содржината што се менува и излегува од контекстот на реалноста каква што ја познаваме, е неговата позната позиција. Обичните ситуации тој ги украсува со невозможни дејства, прави пресврт во нивното опишување и создава мост помеѓу двата брега – реалноста и фикцијата.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново