КНИГИ ШТО ЌЕ ТИ ЈА ОТКРИЈАТ СМИСЛАТА НА ЖИВОТОТ

КНИГИ ШТО ЌЕ ТИ ЈА ОТКРИЈАТ СМИСЛАТА НА ЖИВОТОТ

На многумина им е познато дека читањето претставува своевидна терапија – го подобрува расположението, го осветлува патот ако заталкате во маглата на животот и истовремено ви нуди нови перспективи и можности што претходно сте ги занемарувале.

Ако како деца низ животот чекоревме со смеа, денес сите одговорности, наметнати очекувања и непресушната желба за успех и достигнувања го менуваат образецот на нашето постоење. Но наместо постојано да се движите по лизгав терен одбегнувајќи го задоволството и исполнувањето, на сцената настапуваат книги исполнети со мудрост кои ќе чекорат рамо до рамо со вас охрабрувајќи ве.

Ако сте од луѓето на кои им е тешко да направат промени во животот, во продолжение ви подготвивме неколку инспиративни наслови. Доколку одвоите малку време и ги прочитате, ќе ѝ дадете шанса на радоста повторно да влезе во вашето секојдневје.

„Да се живее со Navy Seal“ – Џеси Ицлер

Длабоко инспиративна книга, а воедно и екстремна авантура, во која заедно со мускулите и издржливоста растат и пријателството и довербата меѓу Ицлер и Дејвид Гогинс. Засведочете ги незаборавните моменти, моќните животни пораки и одличните лекции низ кои минал Џеси.

„Продавница за животни промени“ – Рафаела Жордано

Три нетипични личности, три електроди со слободни души – тие се слеваат еден во друг за да си најдат послободен, поотворен, посреќен пат… Роман што буди желба да внесеме повеќе живот во животот и да се упатиме онаму каде што сакаме да стигнеме, и покрај сите различности и пречки.

„Вилино“ – Винка Саздова

Уште една книга која ја доближува источната мудрост и мистичната филозофија до читателот. „Вилино“ е современ психолошки роман од мајстор на жанрот, жесток роман за повикот на слободата и стравот од неа, и за доброволното ропство во „сигурните“ брачни води.

„Каменот од твојот ден“ – Јагода Михајловска-Георгиева

Четворица пријатели заминуваат на Хималаи, а само еден од нив е жена со страсна желба да го оствари својот животен сон: да оди на Хималаите. Иако не ги знае одговорите на многу прашања, за време на својот престој среде тој величествен универзум, таа се соочува со прашањето на Будноста и најсуштинското Јас.

„Намести си го креветот“ – Вилијам Х. Мекрејвен

Ако ги проследите десетте начела на Вилијам Х. Мекрејвен, кои ги има научено за време на обуката во Американската воена морнарица, тие можат да ви помогнат да ги надминете предизвиците со кои постојано се соочувате во животот. Книга полна со едноставни мудрости, практични совети и охрабрувања.

„Никој не рече дека ќе биде лесно“ – Коста Петров

За да го создадеш чудото што толку многу го посакуваш, ќе мора да тргнеш кон местото каде што има доволно чуда за сите нас. Токму таму живеат сите твои соништа. Оваа книга-патоказ до тоа место ќе ти овозможи за првпат да ја почувствуваш среќата…

„Неограничена моќ“ – Тони Робинс

Ако од својот живот сакате да направите ремек-дело и да ги остварите зацртаните цели, тогаш Тони Робинс ќе ве научи не само како да се придржувате кон сегашните соништа туку и да сонувате поголеми соништа. Зашто во секој од нас се крие неограничена моќ.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново