НА ЧЕТИРИЕСЕТ ГОДИНИ ДОБИВАШ НОВА МИСИЈА – ИСКАЧУВАЊЕ НА ПОВИСОКО НИВО И ДУХОВНО БУДЕЊЕ
Заводливиот и лиричен роман „Четириесет правила на љубовта“ од Елиф Шафак ни раскажува две паралелни приказни – едната современа, а другата историска, преку „четириесетте правила на љубовта“ ни ја доближува суфистичката филозофија и ја прави разбирлива за сите.
Овој роман почитувачите на Елиф Шафак задолжително треба да го имаат во својата домашна библиотека. Ова е книга која зборува за четириесетгодишната Ела Рубинстајн, ангажирана да го прочита и да напише извештај за „Слатко безбожништво“ – историски роман за средбата на исламскиот учител Руми и неговиот духовен водич, Шемс од Тебриз. Во моментот кога ќе биде заинтригирана од мистериозниот автор, фотограф и светски патник Азиз З. Захара, животот на Ела добива поинаква димензија.
Во продолжение ви проследуваме едно од писмата на Азиз, кој зборува за симболиката на бројот четириесет и за неговото значење во животот на човекот. Можеби токму овој краток извадок ќе биде доволен да ве мотивира да ја прочитате „Четириесет правила на љубовта“ и да се внесете во магичниот преплет на Истокот и Западот, на минатото и сегашноста. Да допрете до една безрезервна и трогателна приказна што фрла светлина врз многу одговори по кои трагаме во животот.
Драга Ела,
Среќен роденден! Четириесеттите години се најубавите години и за мажите и за жените. Знаеш ли дека во мистичната филозофија четириесеттата го означува искачувањето на едно повисоко ниво и духовно будење? Кога оплакуваме, оплакуваме четириесет дена. Кога ќе се роди бебе, потребни му се четириесет дена за да биде подготвено да го започне животот на овој свет. А кога ќе се вљубиме, треба да почекаме четириесет дена за да ни се потврдат чувствата.
Големиот потоп на Ное траел четириесет дена, и иако водите го уништиле животот, истовремено ја однеле сета нечистотија и им овозможиле на луѓето да започнат одново. Во исламскиот мистицизам постојат четириесет степени меѓу човекот и Бога. Исто така, постојат четири основни нивоа на свеста, секое со десет степени, што вкупно изнесува четириесет. Исус бил во пустината четириесет дена и четириесет ноќи. Мухамед имал четириесет години кога го примил повикот да стане пророк. Буда медитирал под една липа четириесет дена. А да не ги споменувам и четириесетте правила на Шемс.
На четириесет години добиваш нова мисија, нов закуп на животот! Стигна до мошне поволен број. Честито! И не грижи се за стареењето. Ниедна брчка и ниедно бело влакно не се доволно силни за да ѝ се спротивстават на моќта на бројот четириесет!
Од срце,
Азиз